Два дена пред најавеното отворање на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, на брифинг со новинарите објасни дека нема да присуствува на тој чин. Смета дека овој клуб (исто како и бугарските) не може да биде во функција на промовирањето на македонската заедница, на интересите на граѓаните Македонци таму, на односите меѓу двете држави и на добрососедството, со оглед дека е финансиран од здружение од Канада, чии ставови не се во функција на стратегиските интереси на Македонија.
Во Благоевград нема да оди ни премиерот Ковачевски, кој претходно соопшти дека владата подготвува документација за отворање културен центар во Благоевград, (каков што веќе има во Софија) и барањето за тоа ќе биде испратено до бугарската влада.
Тој ги повика „сите оние кои имаат можност, особено граѓаните на Благоевград и на пограничните места треба да присуствуваат на такви настани, бидејќи тоа ги зближува граѓаните“. Но, сега е нејасно дали мислел на идниот културен центар што допрва треба да се роди со одобрение од бугарските власти или мислел на клубот за кој лентата ќе се сече задутре.
Дури и кога станува збор за приватна инцијатива, ако и низ неа се мери нивото на добрососедство, владата треба да помогне во расчистувањето на каколот од житото
Сериозна држава не постапува вака. Тоа што властите нема да одат задутре во Благоевград, не ги амнестира од одговорноста доколку навреме не ги предочат сите сознанија што клубот би можеле да го доведат во потенцијално неповолна позиција и на членовите засекогаш да им ги урне надежите во слободата и правото на здружување поради подметнати кукавичини јајца, сеедно дали преку финансии или нечии политички памфлети.
Дури и кога станува збор за приватна инцијатива, ако и низ неа се мери нивото на добрососедство, владата треба да помогне во расчистувањето на каколот од житото. Ако властите сметаат дека финансиерот може да го злуопотребува клубот во Благоевград за агенди што немаат врска ни со стратегиските државни интереси, ни со добрососедските, тогаш тоа треба да им го предочи и на основачите на клубот, а не само да се дистанцира за да си обезбеди политички комфорна зона.
Треба да им објасни дека нема потреба од брзање или грешки во чекори, со оглед дека во истиот град се очекува да никне македонски културен центар, кој нема да биде потценуван и третиран како „изнајмена соба од приватно лице“. Толку ли е тешко да се направи тоа? Па, тие луѓе не се преку седум гори и седум мориња. Исто како што не беа кога некои од нив во јануари годинава дојдоа на средба со претседателот Пендаровски.
Во зрела демократија, за вакви прашања сериозно се разговара и со опозицијата. Целта е да се избегнат грешки (на наша штета) и да се спречат натамошни поделби на внатрешен план. Со односот „ние сме проевропски, опозицијата не“, тие поделби само се продлабочуваат, а се легитимираат ставови како оној на заменик-министерот за надворешни работи на Бугарија, Костадин Коџабашев, дека македонските опозициски партии промовираат антиевропски убедувања и водат политика против европската интеграција на РСМ.
Тоа не комплимент за македонските власти. Ова е заверка на фактот дека ако власта е побитна од единството, тие процепи во македонското ткиво секогаш најбргу ќе се користат за туѓи интереси. Вистината е дека кај овдешните партии не постои разлика во определбата кон ЕУ, но постои разлика во однос на условите под кои треба да се одвиваат преговорите. Со нови обвинувања и поделби, таа разлика ќе се зголемува, Македонија ќе губи, а ќе добива некој друг.
Осумдесет и две години откако Никола Вапцаров ја објави неговата единствена стихозбирка „Моторни песни“ (1940 г.), заради актуелното „добрососедство“, ние сѐ уште не сме сигурни дали живееме во 21 век
Кога се отвораше клубот „Иван Михајлов“ во Битола, таму заедно се појавија жестоките противници – претставниците на власта и на опозицијата. Демонстрираа единство. Во нашиов случај, единство може да се демонстрира со помош за Македонците во Бугарија, која нема да зависи од „едикојси“ од другата страна на Атлантикот. Белки и во земјава има филантропи чии ставови не се спротивни на стратегиските интереси, како што оние на Милен Врабевски, финансиерот на Бугарите во странство, се сметаат дека се во согласност со бугарските интереси.
На крајот, кој и да реши да оди задутре во Благоевград, најдобро е да го избегне „шпицот“. Бугарската ВМРО-БНД ќе протестира против отворањето на македонскиот клуб во 11 часот на плоштадот пред споменикот на Гоце Делчев. Отворањето на клубот е во 12 часот, а најавено е дека членовите потоа ќе положат цвеќе на спомениците на Димитар Благоев, Гоце Делчев и пред меморијалот „Делчев род“, што значи дека може да се сретнат со демонстрантите на исто место околу 13 часот.
Тамошните власти ги повикаа граѓаните да не потпаѓаат на провокации, а полицијата се подготвува да обезбедува пет јавни настани истиот ден. Атмосфера „пар екселанс“, нешто како „свиждане за невиждане“.
Осумдесет и две години откако Никола Вапцаров ја објави неговата единствена стихозбирка „Моторни песни“ (1940 г.), заради актуелното „добрососедство“, ние сѐ уште не сме сигурни дали живееме во 21 век. Судбината на клубот, кој треба да го носи неговото име, можеби веќе задутре ќе ни го даде одговорот.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија