Кога ќе го беатифицираме таткото Никола Груевски Чудотворецот, тогаш ќе направиме мајчинска прослава. Впрочем, неговото најголемо чудо е токму тоа што нѐ однесе во – мајчината!
Ах, каква недела. Почнува со веста за укинување на меѓународните возови, а завршува со веста дека лидерите го усогласиле датумот за избори; почнува со веста дека пирани се појавиле во Дојранското Езеро, а завршува со веста дека Оливер Андонов се појавил во Владата на Република Македонија; во меѓувреме родендени на водачи, па децата на водачите тргнуваат на училиште, па шпалири, овации…
Не би се изненадил на крајот на оваа седмица лидерите на „големата четворка“ да договорат дека 11 септември, според договорот од Пржино, е 11 декември и дека сите услови за избори се исполнети и дека можеме веднаш да гласаме.
Не би се изненадил на крајот на оваа седмица лидерите на „големата четворка“ да договорат дека 11 септември, според договорот од Пржино, е 11 декември и дека сите услови за избори се исполнети и дека можеме веднаш да гласаме. Ако се чека оној таму вистинскиот 11 декември, може нешто да тргне наопаку, па пак од ново. А можат и да се договорат дека секој месец ќе поминува по една година. Зошто да не? Кога поминуваат по илјада години на секој дожд или кога се бира министер за еден ден, зошто тогаш една година да не помине за еден месец. А можеби и покусо.
Велат дека најголем пронајдок во историјата на човештвото по тркалото е – жилетот! Тој, имено, е првиот производ што се фрла по употребата. Оттогаш натаму целата индустрија почнува да функционира на тој начин: чаши за фрлање по употреба, чинии, прибор за јадење, фотоапарати, дури и автомобили за еднократна употреба, па и постелнини, запалки, дури и мебел…
Не постојат повеќе оние стари, добри квалитетни производи што можеш да ги користиш 100, 200, 300 години… А можеби и никогаш не постоеле, освен во магацините на Македонската армија или кај домаќините каков што е министерот за одбрана Зоран Јолевски. Јолевски, имено, тврди дека АРМ, како добар домаќин, користи ќебиња, кревети, па дури и муниција од времето на ЈНА.
Со оглед на фактот дека ЈНА се повлече пред четврт век од Македонија, а бидејќи тогаш секако не се подновуваше со опрема (напротив: остана општото убедување дека сѐ што беше вредно и употребливо е однесено со неа), останува уверувањето дека АРМ користи антиквитети. Повозрасните, оние што го отслужиле воениот рок, се сеќаваат на оние кутии СДО (сув дневен оброк) во кои имаше некои паштети и бисквити, произведени во средината на минатиот век.
Нашите професионални војници, како добри домаќини, веројатно уште се хранат од нив. Па, зошто да се фрли? Јолевски дури и нѐ убедува дека намалениот буџет за одбрана е всушност поголем, затоа што тие помалку трошат (!). На крајот ќе излезе дека одбраната ќе има најголем буџет, кога нема да потроши ни денар. Впрочем, нема тука никакво изненадување. Министерот Јолевски се однесува домаќински и штедливо како целата македонска влада – онаа што купува онакви мерцедеси од по 600 и кусур илјади евра, бидејќи возниот парк е застарен.
Има тука некоја космичка правда – девојка за еден ден е наводно еден од најстарите занаети на светот, а министер за еден ден е, ете, најмлад занает на светот.
Мислам дека по жилетот, производот за еднократна употреба, на повидок е нов голем светски пронајдок, и тоа директно од Македонија – министер за еден ден! Да се разбереме, не е тоа министер за еднократна употреба. Оној што ќе го употребиш, па ќе го фрлиш. Сме имале ние такви министри и досега. Ова е министер за еден ден. Како девојка за еден ден.
Со таа разлика, ако имаш доволно пари, девојката за еден ден може да ти потрае подолго, а министерот, под истите услови, може да ти потрае пократко. Има тука некоја космичка правда – девојка за еден ден е наводно еден од најстарите занаети на светот, а министер за еден ден е, ете, најмлад занает на светот.
Лично мислам дека ова е навистина генијален пронајдок. Замислете сите министри да се именуваат за еден ден. И така секој ден. Нова влада, ново Пржино, нови министри… Дури тогаш ќе станеме Европа и навистина нема да имаме поим кој е министер, а кој премиер (додуша и денес ни се мешаат податоците околу тоа кој е премиер), а сите министри одлично ќе си ја извршуваат својата работа за време на мандатот.
Јас верувам дека Македонија ќе може да го усоврши овој производ, па посовршените верзии од прототипот „Оливер Андонов“, да траат само по еден час. Замислете само министер за култура, тип „Елизабета Канчевска Милевска“, рок на траење 36 минути. Генијално, нема што.
Се дигна галама и околу укинувањето на меѓународните возови. Ту дефинитивно сме станале провинција, ту сме станале слепо црево на Балканот и Европа итн. Да се разбереме, не знам какви кинески возови да купи оваа Влада, тие само можат да нѐ однесат токму во целосен провинцијализам и во задникот на светот. И тоа нешто побргу, отколку оние што ги имаме во возниот парк (бидејќи тие по правило доцнат).
Од друга страна, на овој начин Владата ја збогатува туристичката понуда на земјата. „Посетете ја земјата без возови. Во неа можете да се приземјите со падобран.“ А еве и мој прилог кон растечкиот ентузијазам: можат да се укинат сите превозни средства и да јаваме на коњи и прлиња. Тоа е во духот на традицијата. Кога можел Александар Велики, зошто да не можеме и ние. На крајот од краиштата, песната „Возовите што си одат“, онаа што ја прослави Живко Дуев, може да ни стане химна. И онака денес се слуша во едно сосема поинакво светло.
Во меѓувреме, Мајка Тереза ја прогласија за светец. Сите татковци на нацијата, позициони и опозициони, за оваа прилика се нацртаа во Ватикан. Нас нѐ оставија да правиме татковинска прослава за мајката. Затоа во една блиска иднина, кога ќе го беатифицираме таткото Никола Груевски Чудотворецот, тогаш ќе направиме мајчинска прослава. Впрочем, неговото најголемо чудо е токму тоа што нѐ однесе во – мајчината!