Културен настан на годината

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Во сенката на настаните што се чинат важни за стабилизирање и етаблирање на државата (посетата на папата Франциск, инаугурацијата на новиот претседател…), далеку под радарот на јавноста и тенко забележен, се случи – културниот настан на годината. Не мислам тука, се разбира, на Саемот на книгата, иако во овој текст ќе стане збор и за оваа манифестација, туку за – оставката на министерот за култура.

Не навлегувајќи во наведените причини за оставката на Асаф Адеми, уште на почетокот треба да се констатира дека во неговото кусо министерување со македонската култура, тој ќе остане запаметен како човек што не се мешаше во својата работа. Имено, токму таква изјава ќе даде министерот за култура во случајот со распределбата на средствата на Конкурсот за проекти од национален интерес во културата за2019 година, што предизвика лавина реакции кај културните работници.

Имено, тогаш Адеми ќе рече дека не се мешал во работата на комисиите што ги распределувале средствата! Иако, негова работа е токму да се меша во работата на комисиите што самиот ги назначува, односно во одредувањето и спроведувањето токму на националниот интерес во културата.

Изземањето важни и вредни проекти од оваа програма беше правдано со несоодветно аплицирање и некомплетна документација, со што функционирањето на важни културни институции беше сведено на – административна грешка! По бурните реакции, некои работи беа исправени, но остана горчливиот впечаток дека средствата всушност се делат паушално, без соодветни критериуми или поточно според некои критериуми кои и немаат многу врска со културата и со уметничките вредности.

Сепак, оставката на Адеми покажува неколку работи што јасно го ставаат на виделина погрешниот и потценувачки однос на македонската власт кон овој фундаментален сектор за македонското општество. Прво, во недолгото владеење на Владата на Зоран Заев, Адеми е вториот министер за култура што заминува од оваа функција. Тоа говори дека на Министерството за култура се гледа само како на некаков дел од власта што служи за задоволување на апетитите на партиските структури и коалиционите партнери.

Впрочем, и самиот чин на оставката на Адеми што се случи во просториите на неговата партија, а не во Влада, чиј член беше. Со други зборови, излегува дека министерската функција не е државна, туку партиска, односно дека министерот за култура ги застапува партиските, а не државните интереси.

Подобро е Министерството да си ги завршува техничките работи на најтехнички начин, отколку да прави штета на одамна оштетената културна сцена, како што беше случај со кусото, но впечатливо „немешање“ во сопствената работа на сега веќе екс-министерот Адеми

Од друга страна, краткотрајноста на министрите за култура оневозможува еден важен сегмент од културната политика, а тоа е континуитетот. Кога сме веќе кај оној несреќен конкурс, за проекти што треба да се реализираат оваа година, тогаш ќе напоменеме дека договорите меѓу Министерството и субјектите што добија средства, сѐ уште не се потпишани. Се чека новиот министер, па ќе дојдат летните одмори, па…

Натаму, ваквата брза смена на министрите го оневозможува и кадровскиот континуитет во самото Министерство, но и во културните институции. За очекување е новиот министер да создаде свој тим, односно да донесе нови луѓе во и онака пренатрупаната администрација, да постави директори на институциите што ќе ја спроведуваат неговата политика, кои, пак, исто така ќе состават свои тимови итн. И сето тоа ќе трае – до поставувањето на некој следен министер за култура.

На крајот на краиштата, сето ова може да се види на актуелниот Саем на книгата. Не дека скопскиот книжевен саем некогаш имал којзнае каква функција во претставувањето на книгата и во спроведувањето на културната политика во издаваштвото, сепак и на најголемиот лаик што случајно го посетил Саемот, совршено му е јасно колку стихијно се одвиваат работите во оваа област.

Комплетната иницијатива е оставена на парцијализираните издавачи, кои се принудени во рамките на своите можности да креираат сопствени парцијализирани издавачки политики. Затоа на Саемот преовладуваат дела за кои издавачите сметаат дека ќе бидат бестселери, а не трајни вредности.

И самиот чин на оставката на Адеми што се случи во просториите на неговата партија, а не во Влада, чиј член беше. Со други зборови, излегува дека министерската функција не е државна, туку партиска, односно дека министерот за култура ги застапува партиските, а не државните интереси

Еклатантен пример на ваквата издавачка политика е книгата на премиерот-бегалец Никола Груевски. Не дека не треба или не смее некогашниот премиер да пишува и издава книги, ама не треба и не смее неговата книга да биде главниот „книжевен“ настан на Саемот. А, реално гледано, ако не беше докторската дисертација на Груевски, воопшто ќе немаше за што да се зборува како резултат на саемската манифестација.

Секако дека не треба издавачите да се обвинуваат за нивното природно тежнение кон комерцијален успех, туку токму државната политика во оваа област. Кога веќе и вака и онака не можеме да се ослободиме од пренатрупаната администрација, тогаш барем да размислиме за формирање некакво тело за промоција и пласман на македонската книга, некаква агенција што ќе умее да препознае вистинска вредност, да ја пласира на другите пазари и да се грижи за нејзината судбина.

За жал, културната политика не е ниту во бенчмарковите на Европската Унија, па нема ни некоја надворешна сила што ќе нѐ принуди сериозно да се позанимаваме со продуцирање на сопствените вредности.

Досегашното искуство говори дека кој и да дојде за министер, нема да може да направи некакви реформски зафати, туку ќе биде поставен само да го „чува“ местото и евентуално да создаде некаков бенефит за себе, за своето семејство и за партијата што го поставила (?) на тоа место. Парламентарните избори се веќе следната година, па многу е веројатно дека со нив ќе дојде сосема нов, фришок, што би се рекло, министер или министерка за култура. И пак одново.

Но, без оглед на сето ова, оставката на Асаф Адеми е добрата вест во скудната културна понуда. Подобро е Министерството да си ги завршува техничките работи на најтехнички начин, отколку да прави штета на одамна оштетената културна сцена, како што беше случај со кусото, но впечатливо „немешање“ во сопствената работа на сега веќе екс-министерот Адеми.