Не знам што сакале „поддржувачите“ на ДУИ да постигнат со видеото за потсетување на 2001 година и со Ахмети во униформа – но, што и да им била целта, комплетно е утната, барем од аспект на „психозата“ што претендирале да ја создадат.
Колку и да не сакам да звучи навредливо, ни омаловажувачки, работите мора да се кажат со вистинското име – во концептуална и политичка смисла, активностите на Мала Речица одамна не произведуваат ништо друго, освен – подбив. И особено е зачудувачки што нема некој надвор од структурите во партијата што ќе ги посоветува дека треба да кренат „рачна“ бидејќи стрмоглаво одат во провалија.
Едно е да заминеш во опозиција, друго е да тргнеш по патот на комплетен крах. Кога ВМРО-ДПМНЕ во 2017 година, благодарение на ДУИ стана опозиција, партијата беше во тешка позиција, особено со сите хипотеки што доминантно ги оставија Груевски и неговиот братучед Мијалков. Голем број партиски членови беа соочени со судски процеси, во период кога СДСМ во почетокот беше во силен залет и изгледаше дека ќе владее две децении, а дека ВМРО-ДПМНЕ постепено ќе се фрагментира и маргинализира.
Новото раководство на партијата стегна заби, се соочи со реалноста, почна да расчистува со мијалковци во своите редови и чекор по чекор да го обновува претходно изгубениот кредибилитет. Во еден дел им помогнаа СДСМ и ДУИ, на кои многу бргу им попуштија кочниците и тргнаа по сите лоши патеки што претходно ги критикуваа.
Првите ловорики, ВМРО-ДПМНЕ ги собра пред четири години на локалните избори, а лани обезбеди и двоен триумф – и на парламентарните, и на претседателските. Иако во 2017 година ретко кој ќе можеше да прогнозира таков камбек на ВМРО-ДПМНЕ, партијата ниту „умре“ додека беше во опозиција, ниту западна во малодушност.
Кој кого спасува?
А ДУИ умира секој ден, по стопати. Не најде сила да расчисти ниту со еден од криминалните кадри во нејзините редови, а денес држи лекции дека сакале „да го спасат“ Изет Меџити од ризикот да стане дел од политиките што ја оддалечуваат Македонија од патот кон рамноправна и стабилна држава. Дали сериозно му го кажуваат ова на нивниот поранешен сопартиец, кој цела година ги предупредуваше дека треба да расчистат со Груби и сличните на него, додека Ахмети не сакаше ни да слушне „да го даде“. Ни по црната листа на САД, ни Груби, ни Рамиз Мерко не се официјално исклучени од партијата.
Оттука, ДУИ самата се лишува од каква било основа понатаму да биде третирана како партија способна за какви било внатрешни реформи, а камоли во државата. Уште помалку може да се третира за партија од редот на оние што работат за мирот и стабилноста во земјата и регионот, кои се залагаат за неселективна борба против корупцијата и за почитување на европските вредности. А самите гласно се рекламираат токму така и чекаат аплаузи.
Ме потсетува нивната самофалба на еден постар виц. Молец шетал низ гардеробер и додека ги грицкал капутите, налетал на друг молец, исто така посветен на работата. Кога решиле да земат малку здив и да си направат муабет, едниот се пофалил.
– Дали знаеш колку многу ме сакаат луѓето?
– А како заклучи дека те сакаат? – се интересирал другиот.
– Вчера цела вечер ја поминав со многу голема група луѓе и додека без прекин им летав над главите, сите трескавично плескаа со рацете. Мене ми ракоплескаа.
Ете вакви „аплаузи“ добива и ДУИ. Уверена е дека само таа е некаков политички компас за исправниот пат на државава, но со ништо во нејзините постапки не го поткрепува тоа. Најмалку со видео што потсетува на вадење чизми од тавани.
Јазикот на парите
Не знам дали знаат како е доживеано тоа видео на адресите каде што претходно испраќаа писма. Нека се распрашаат ако досега никој не им кажал. А кога ќе престанат да им кажуваат, тоа значи дека ја поминале црвената линија и дека се влезени малку подлабоко во графата „отпишани.“
Во современите демократии не постои поседовен лист или специјална „органска“ предодредност за постојан престој на некоја партија во власта. Тоа што ДУИ сака да си бетонира таква позиција, и по своја мера да си дизајнира култен статус во непрекината власт, или да го „ремети“ општеството ако не успее во тоа – е патолошка девијација.
Не може власта да биде ничиј, па ни нивен „резерват“ за криење и несоочување со одговорност. И не може бегството од одговорност да го камуфлираат со етнички теми и со плашења на сограѓаните Албанци дека некој ќе им го чепне правото на јазикот. А таа наводна „грижа“, особено тешко поминува во јавноста кога доаѓа од лица што најдобро разбираат еден јазик – јазикот на парите.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија