Доаѓам пред шалтерите во една државна институција. Ги има десетина, но за прашањето за кое се обраќам, задолжени се два. Зад едниот – празно столче, па сите во редот се насочени кон другиот. Поминуваат десетина минути, редот не се помрднува. Небаре сите заедно сме залутале среде Саргаско море, познато по тоа што секогаш е во состојба на мирување.
Фрлам поглед за да добијам увид што се случува зад, формално, функционалниот шалтер. Ми се покажува намуртеното лице на службеникот, со израз кој недвосмислено предупредува – не ме чепкајте, нервозен сум! Разлистува некои документи, ги превртува по десетина пати, погледнува во компјутерот, и пак во документите.
Неговата рутинирана игра со хартиите продолжува, без сигнали дека ќе запре. Го посматрам првиот во редот: ги кренал веѓите, напнат и на „готовс“, мислиш дека не дише додека безнадежно чека да биде повикан.
По неколку минути, доаѓа вработената на вториот шалтер, со две кеси во рацете, од кои едната јасно покажува дека прилично време поминала на зелено пазарче. И кога сите се надеваат дека редот конечно ќе тргне, таа од едната ќеса вади пециво и почнува да јаде.
Еве, денес му кажувам. На Дамјан Манчевски. Не дека не знае. Не дека е првпат. Не дека е генерална слика. Ама не е ни исклучок. Далеку од исклучок. Ниеден „семафор“ не може да надживее ваква практика и ваков службенички менталитет
На полуискината налепница, читам дека времето за пауза одамна поминало. Тоа сознание само ја зголемува нервозата во редот. Решавам да не реагирам и да следам како ќе се одвива ситуацијата. Ретко сум видела шалтерски службеник со таква страст да е посветен на потребите на граѓаните, како сласта со која оваа госпоѓа беше посветена на сопствените потреби за попладневен оброк.
Се преслушувам во себе кој беше бројот на службата за Итна помош. За секој случај. Водењакот сигурно не е информиран колкава е љубезноста и ефикасноста на луѓето во администрацијата.
Слична, изветвена налепница повикува да притиснеме копче и да кажеме колку сме задоволни или незадоволни од љубезноста, комуникативноста и квалитетната работата на службеникот. Но, „семафорот“ на кој треба да се соопшти тоа (не)задоволство – не постои. Нема каде да се притисне копче.
Ми останува да притиснам единствено на мојот телефон. Пребарувам на интернет. Не го наоѓам отчетот за проектот „Оцени ја администрација“, промовиран во 2012 година, а потоа и надграден. Тач сензор, звучен сигнал, лед диода и сим картичка требаше да овозможат секое гласање веднаш да стигне до администраторот, а со помош на батерија – системот да работи и кога нема електрична енергија.
Ревизија на работата на административните работници требаше да се прави два пати годишно и ако вработениот два пати добие негативна оценка да следува негово отпуштање. Нема податок дали некој бил отпуштен од работа заради таква оценка. Нема податок каде се семафорите, колку пари се потрошени за нив и за нивно инсталирање и вмрежување, за денес да имаме вакви „ефекти“.
„Фала Богу, конечно се најаде“, промрмори момчето пред мене и ме прекина во трагањето по ефектите од семафорот. Кревам поглед и ја гледам службеничката како ги тресе трошките од кошулата, фрла хартија во корпата и конечно седнува на столчето, во позиција што навестува дека конечно ќе почне со работа.
Но, не! И ѕвони мобилниот телефон, таа вешто се извлекува од шалтерот кон просторија во која немаме визуелен увид, а редот паѓа во нова депресија. Се фаќам како си поставувам прашања типични за конформист што се помирил со чекањето: Дали е голема муабетчика? Колку време во просек разговара? Дали по оброкот има обичај да пие кафе?
Во меѓувреме на првиот шалтер се случува неочекуван пресврт. Редот тргнува. Двајца оставаат некакви потврди и заминуваат. Се радувам: „Сепак се движи!“
Ако нема магична формула со која може да се подобри професионалниот однос на службениците и работната слика во тие простории, тогаш не е на одмет ни магична крпа, ни класична метла
Но, по 50-те напразно потрошени минути, ме делат само уште пет до неодложна обврска, а пред мене има уште дванаесетина луѓе. Сепак, нема да стигнам до шалтерот. Морам да заминам.
На излегување од шалтерскиот простор, на скалите кои водат кон канцелариите на првиот кат, гледам повозрасна жена како влече голема и тешка најлонска вреќа. Наивно помислувам дека влече некаква обемна документација. Се нудам да и помогнам.
„Не бе душо, фала, имам кондиција. Јас сум овде како дома. Да не сакаш нешто? Имам пижами сто посто памук, женски гаќи, машки гаќи, чорапи три за сто… Кажи брзо, ме чекаат службеничкиве, имам нарачки!“
Пред да одговорам, таа фрла во етер уште една понуда: „И магична крпа имам!“
„Колку е магична?“, прашувам во шега и во очај истовремено.
„Многу! Јако чисти, бришка прави! Ќе земаш или не?“
„Да го прашам Дамјан, изгледа него ќе му треба“.
„Не го знам. Овде ли работи? Ти кажи му, па ако сака, ќе ме најдеш преку жениве“, рече и влезе во една од нејзините „работни“ канцеларии.
Еве, денес му кажувам. На Дамјан Манчевски. Не дека не знае. Не дека е првпат. Не дека е генерална слика. Ама не е ни исклучок. Далеку од исклучок. Ниеден „семафор“ не може да надживее ваква практика и ваков службенички менталитет. Ако нема магична формула со која може да се подобри професионалниот однос на службениците и работната слика во тие простории, тогаш не е на одмет ни магична крпа, ни класична метла. И едното и другото ќе бидат поефикасни од семафорот.