Мали, големи нешта

Во време кога сите се занимаваат со големи политики, големи избори, големи кризи, големи мнозинства, големи пресврти и големи желби за Новата година, најчесто се заборава на нештата што го прават животот голем и достоинствен, или – мал.

За ова прашање не е важно дали има стара или нова влада, не е важно кој е на власт, а кој во опозиција. Ова прашање бара свест и ангажман од секој поединец, бидејќи во прашање се нашите секојдневни зборови и постапки.

Имено, многупати во секојдневниот и јавен говор, несвесно, се употребуваат зборови што може да повредат, да стигматизираат, да создадат или да ги засилат стереотипите. Примери има многу, а последен во таква ситуација се најде и еден лекар, кој искрено и длабоко се извини откако го употребил зборот „аутистична“, во обид да отслика однесување на една еснафска комора.

Децата од мали нозе треба да се учат да прифаќаат различности, а не да ги исклучуваат од своето опкружување и да ги дискриминираат, некогаш и со зборови, за чие знаење и самите не се свесни, а уште помалку за раните што со нив може да ги отворат

Овој термин многу често се употребува и во новинарските текстови, и во јавните настапи, како илустрација за неактивност, недејствување, затвореност, која непријатно ја доживуваат семејствата што имаат деца co aутистичен спектар на нарушувања. И со причина, имајќи предвид дека ако некој вистински и активно се бори да излезе од тој свет, се токму тие деца. И успеваат.

Зар не е доказ за тоа светски познатиот Елон Маск, кој неодамна откри дека страдал од Аспергеров синдром (дел од посочениот спектар на нарушувања). Грета Тунберг, младата активистка, која стана икона на училишните протести за заштита на климата, аутизмот го опиша како дарба, која ѝ овозможила да го види светот од поинаква перспектива. Таа не е „аутистична“ на начинот на кој ние го употребуваме тој збор.

„Во свет каде што сите сакаат да се однесуваат, да размислуваат и да изгледаат исто, да се биде различен е нешто на што треба да се биде многу горд“, порача таа.

И не е само ова во прашање. Колку пати сте ја слушнале во јавниот говор критиката „слепец“, „ќор“… Ако тој збор не е ставен во контекст на критика за политичко, образовно, културно и друг вид слепило, сам по себе e навредлив за луѓето со изгубен или оштетен вид. Тие немаат слепило во таква смисла, а преку зголемена сензитивност на другите сетила јасно можат да видат со колку заслепена околина се опкружени.

Сме се прашале ли некогаш што значи во буквален превод зборот инвалид? Невалиден. Дали ваков збор треба да стои во контекст на човек? Во речникот има објаснување дека се однесува за човек што е телесно оштетен, кој станал делумно или целосно неспособен за работа, хендикепирано, духовно немоќно, неспособно лице.

Ништо од ова не е така. Едно лице може да има и телесно оштетување, и да сосема способно да работи, да се грижи за себе и за семејството. Некое лице може и да не е во состојба да го прави тоа, но тоа ниту еден жив човек не го прави „невалиден“. Но, зборот инвалид си живее во нашиот секојдневен речник, иако е крајно навредлив и несоодветен, заедно со придружните  – инвалиднина, инвалидска пензија, инвалидска количка…

Може да зборуваме за лица со одредени и посебни потреби, а не за инвалиди. Дали кога зборуваме за Стивен Хокинг (1942-2018), зборуваме за „инвалидот Хокинг“ или за „еден од најпознатите физичари на денешницата и модерниот Алберт Ајнштајн“? Секогаш за второво. Треба да разбереме дека секој човек, кој има свој личен, образовен и професионален идентитет, и никој нема право неговиот хабитус да го сведува на телесен недостаток.

Ако нешто е навистина инвалидно, тоа сме сите ние кога не ја препознаваме вербалната навреда со употребата на овие термини. Инвалиден е и институционалниот систем, кој не прави ништо или прави многу малку за да им овозможи исти услови и еднаков пристап на лицата со посебни потреби до услугите и институциите. Инвалиден е и системот за едукација.  

Сме се прашале ли некогаш што значи во буквален превод зборот инвалид? Невалиден. Дали ваков збор треба да стои во контекст на човек?

За жал, во изминатиов период кога се зборува за промени во учебниците, најинтензивна е дебатата околу потребите од промени во историските учебници и исфрлањето на епитетот „фашистички“ (во контекст на барањата од источниот сосед). Ако нешто најпрво мора да се смени во учебниците, прирачниците и кој било друг наставен материјал, тоа се претходно споменатите некоректности.

Но, овие промени зависат и почнуваат, пред сѐ, со домашното воспитување. Децата од мали нозе треба да се учат да прифаќаат различности, а не да ги исклучуваат од своето опкружување и да ги дискриминираат, некогаш и со зборови, за чие знаење и самите не се свесни, а уште помалку за раните што со нив може да ги отворат.

Истото се однесува и за речникот што најчесто го употребуваме за настраданите во автобуската несреќа во Бугарија, во модуларната болница во Тетово („изгорените“), како што се неприфатливи и слични лекарските цитати („во пандемија тоа што треба да изгори, ќе изгори“ – се мисли на човечки животи). И зборот – гори, повеќе од несреќите, од пандемијата, од незнаењето и непромисленоста.

Најголем инвалидитет е да се нема срце и свест за ваквите состојби. Ете тоа треба да го промениме, а не отпосле лицемерно да прашуваме – каде се изгуби мерката, и човештината?