Малите луѓе „осигурани“ на прaвна несигурност

Правната и институционализирана несигурност е симптом на шизофрено општество. Се манифестира на многу нивоа – од кроење и менување закони по мерка на една партија или еден човек, до дискрепанција меѓу нумеричката инфлација на правните прописи и речиси целосната ирелевантност на правото.

Не прашувајте каква е правната сигурност во Македонија! Ризикувате да бидете целосно исмеани, не само од правните експерти. Ќе ве исмеат сите кои со купови документација и судски одлуки сè уште немаат пристап до својата сопственост.

Тука се и оние лојални граѓани кои побрзаа да ги откупат дворните места по неколкукратно повисоки цени, за на крајот цената да падне на едно евро за метар квадратен, со што беа наградени сите други на кои не им беше гајле ни за обврската ни за крајниот рок.

Тука се и приватниците кои онлајн ги следат постојаните измени на законската регулатива од секунда во секунда, не можејќи да им го фатат редот.

На секој банкарски шалтер граѓаните се соочуваат со блокирани сметки, заради наводно неплатена радиодифузна такса, додека беспомошно мавтаат со сметката покажувајќи дека е платена, а најверојатно неажурирана. Хонорарците се само последни во низата категорија граѓани, кои на свој грб ја почувствуваа правната несигурност продуцирана од законски необмислени решенија, чиј резултат се сведува на „пиши-бриши закони“ и политика на еднократна корист и долгорочна штета.

Зошто доминира правната несигурност во Македонија? Зошто наместо да биде елиминирана, таа и натаму е толерирана, па дури и пожелна и прифатлива?

Одговорот се наоѓа во карактеристиките на структурно девастираните македонски институции, во кои доминираат послушници подговени секоја идеја или полуреченица да ја преточат во закон, лишен од стручни анализи, проценки на ефектите, на штетите и на нивната компатибилност со сродните прописи. Владеењето на правото кое треба да произведе правна сигурност, е иманентно за секоја зрела демократија, а е стратегиски предизвик за земјите кои допрва треба да станат тоа.

Во изминатите дваесет и кусур години, тој стандард не беше достигнат во Македонија. Но, дури и таа некаква карабина од стандард, последниве години почна драматично да се урива.

Количината на донесени закони на никаков начин не е гаранција ни за квалитет ни за обезбедување правна сигурност. Особено кога голем дел од нив се од строго техничка природа или предмет на постојани јалови измени и дополнувања кои не водат во трасираната насока, ниту правно ја концептуализираат стварноста во која живееме. Кај нас законите се штанцаат спротивно на т.н. теорија на околностите.

Се фаворизираат законски проекти според два погрешни пристапа: преземање готови модели без нивно системско приспособување и со пренагласување на контекстот како единствено релевантен за носење ад-хок решенија. Не се идентификува што и на каков начин е можно и неопходно да се направи за да го достигнеме стандардот на правна сигурност.

Немаме рефлексивен однос кон околностите за да го разбереме концептуалното место на социјалните, економските и политичките потреби, за на најдобар начин да ги врамиме актуелните услови во кои системот мора да носи одлуки и да бара одговори на постојните проблеми.

За тоа не постои специјално упатство. Тоа бара стручност, професионалност, аналитичност, комплексност. Само така може да се избега од стапицата или од свесната намера за ситничарски детализирани регулативи за некои, условно речено, поневажни области и целосно отсуство на квалитетна регулатива за клучните. Само така може да се избегне и сегашната состојба на институционализирана несигурност, на непрецизност на прописите кои ја поништуваат правната сигурност, претворајќи ги граѓаните во мали неважни луѓе зависни од моќта, а немоќни да ги елиминираат напластените девијации.

Институционализираната несигурност е симптом на шизофрено општество. Таа се манифестира на многу нивоа и во многу сегменти. Ќе набројам неколку: кроење и менување закони по мерка на една партија или еден човек; киднапирање и персонализација на целата политичка сфера од страна на власта и нејзино лажно претставување како легитимен политички процес; дискрепанција меѓу нумеричката инфлација на правните прописи и речиси целосната ирелевантност на правото; осакатена легалност на процедурите како авторитарен инструмент кој власта го користи за свои потреби и цели и за контролирање на сите релевантни области во општеството. Има уште многу, но бараат многу простор за експликација.

Многу полесно им беше на службениците од едно министерство, кои веста за крајот на законот за придонеси од хонорарите ми ја сервираа во еден целосно инсајдерски контекст: „Ете, отиде курбан и законот на Трајковица!“

Требаше ли да прашам која е „Tрајковица“? Не ме интересира персонализирање на проблемот. На сите им е јасно дека во системот се инсталирани и кронизмот и непотизмот. Но, кога тој деформиран скелет се потпира и на нестручни лица во цврста коалиција со послушноста, а во лабава со одговорноста, кога од нив подготвените закони добиваат поддршка и од дворски интелектуалци и експерти, а пратениците беспоговорно креваат два прста, не може да биде виновна само некоја „Трајковица“ или „Петревица“. Тие се последица, а не причина.

Причините за сегашната состојба се исклучиво во политичарите, кои својот демократски карактер можат да го докажат со константна лојалност не кон своите цели и потреби туку кон „поредокот на вредности“, и тогаш кога се, но и тогаш кога не се во власта. Кога тоа ќе го дочекаме, ќе можеме да разговараме и за повеќе од правна сигурност.