Музеј на лажни вести

Во Загреб наскоро ќе биде отворен музеј на лажни вести. Добро, не станува збор за вистински музеј, туку за виртуелна платформа, односно веб-сајт од, помалку или повеќе, едукативен карактер што треба да помогне во светскиот тренд за развивање на медиумската писменост.

Прво што помислив кога ја прочитав оваа информација беше дали веста што неодамна ја слушнав на една од телевизиите со национален предзнак заслужува да влезе како експонат во овој музеј. Имено, на 1 октомври, оваа телевизија во својата централна информативна емисија соопшти дека учебната година „успешно започнала“. И веднаш потоа во низа следеа информации за пропустите во националната платформа, заканите со бојкот, како и за повеќето други тешкотии на нашиот образовен систем. Поточно, „успехот“ повеќе воопшто не беше спомнат. Уште тогаш си ја поставив дилемата дали станува збор за лажна вест, пропаганден обид или, едноставно, за она што се нарекува медиумска (не)писменост.

Лулката на светската писменост, како што сакаме себеси да се нарекуваме, библиската земја, термин што уште почесто го користиме, во светот замислен како културно поле, што би рекол Делчев, ќе се бори со она што најдобро го знае – со лажните вести!

Освен веста за отворањето на хрватскиот музеј на лажни вести, вчера медиумите соопштија дека министерот за правда, Бојан Маричиќ, како лажна ја оквалификувал веста дека Судот за човекови права во Стразбур одлучил аболицијата на Иванов во врска со случаите на СЈО да важи. Маричиќ, преку објава на својот фејсбук-профил, проценил дека со ширењето на оваа лажна вест се врши притисок врз судството да не решава по овие предмети. Час поскоро, што би се рекло, се огласија и медиумите што ја лиферуваа веста за одлуката на стразбуршкиот суд, оценувајќи го токму демантот на Маричиќ како – лажна вест!

Се разбира, ниту еден медиум – ниту тие што ја пренесоа изјавата на министерот за правда, а ниту тие што ја пренесоа веста за наводната одлука на Судот за човекови права – не се потрудија да пронајдат дополнителна информација, на пример да влезат во сајтот на Судот или да побараат изјава од нивниот портпарол, па работите да станат појасни. Вака, нам, на читетелите, не ни останува ништо друго, туку да бараме прибежиште во флоскулите од типот: „времето ќе покаже“ или да им веруваме на едните или на другите, во согласност со нашите наклонетости кон една или кон друга политичка опција.

Јасно е дека тука можеме да набројуваме вакви примери до недоглед. И од нашето скорешно минато, а уште повеќе од нашата сегашност. Меѓутоа, прашањето е како да се спречи оваа информативна конфузија, оваа зараза со вирусот на медиумската неписменост, оваа инфодемија, како што денес модерно се нарекува, да не кажеме пандемониум? Новинарите, оние што се обидуваат чесно да ја вршат својата професија, ќе ви кажат дека најефикасен начин е пласирањето точни и проверени вести. И моето скромно мислење оди во таа насока.

Во еден разговор со неколку претставници на меѓународните организации, заинтересирани за овие прашања, токму тоа и го реков: дека парите наменети за разни „медиумски описменувања“, факт-чекери и слични сервиси за проверка на точноста на вестите треба да ги пренасочат во медиумите, поточно во новинарите што преферираат точни вести и објективно информирање. Но, тоа е веќе друга приказна.

Она што е интересот на овој текст е прашањето дали од една функционално неписмена држава на сите нивоа може да се создаде медиумски писмена држава? Се разбира, дека не може. Токму во таа смисла е важна веста за „успешниот почеток“ на учебната година. Ако сакаме да бидеме искрени, тогаш треба да признаеме дека за функционалната неписменост од која страдаме не е виновна ниту здравствената криза, а уште помалку таканаречената национална платформа, односно учењето од далечина.

Во овој контекст некако звучи логично што и годинава успеавме да го промашиме 8 септември. Имено, тој ден, додека ние ги славевме државноста и формирањето на новиот собраниски состав, светот го одбележуваше Меѓународниот ден на писменоста, инаку воспоставен токму за држави каква што е нашата – функционално неписмени и со самото тоа неспособни да донесуваат рационални одлуки за сопственото однесување.

Во тој клуч го гледам и ноторниот факт дека на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ се запишале вкупно 17 студенти (пет на македонска книжевност и 12 на македонски јазик). Ако сакаме да бидеме цинични, овој податок можеме да го третираме дури и оптимистички. Минатата година, имено, на Катедрата за македонски јазик се запишале уште помалку студенти, односно само десет, така што имаме пораст на заинтересираните дури за една петтина, односно за 20 отсто.

Ако сакаме да бидеме искрени, тогаш треба да признаеме дека за функционалната неписменост од која страдаме не е виновна ниту здравствената криза, а уште помалку таканаречената национална платформа, односно учењето од далечина

Од друга страна, овој факт, сепак, покажува дека рационалното размислување не исчезнало сосема. Чуму ти е, впрочем, македонскиот јазик во овие времиња? Како и да е, Министерството за култура ја прогласи следната 2021 година за година на Блаже Конески, па сите шанси се дека ќе се направат напори следната година на катедрата, чиј основач е токму Конески, да се запишат за два-три проценти повеќе студенти. Тоа секако ќе даде силен потстрек во нашето удирање во гради за сопствениот идентитет и потребата на негово зачувување и истакнување.

Лулката на светската писменост, како што сакаме себеси да се нарекуваме, библиската земја, термин што уште почесто го користиме, во светот замислен како културно поле, што би рекол Делчев, ќе се бори со она што најдобро го знае – со лажните вести!

Во Хрватска се формира музеј на лажни вести. Во Македонија немаме потреба од такви луксузи. Ние, самите по себе сме галерија на дезинформации и медиумска неписменост, музеј на исчезнати вредности и останати дребулии.