Не знам дали е „скандал“ соодветен збор за однесувањето на македонскиот амбасадор во САД, Васко Наумовски, кој не се појавил на ниту една средба на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, при нејзината неколкудневна посета на Вашингтон. Попрецизно, од 26 април до 2 мај не нашол за потребно ни една минута да се појави во придружба на македонската делегација!
Како што вели Шекеринска, не го видела службено ниту на почетокот, ниту на крајот на посетата. Едноставно, ја преспал посетата на вицепремиерката и министерка за одбрана на Пентагон, прва по шест години.
Дека ова е многу повеќе од скандал и неприфатливо однесување, споредувам со една сосема бенигна ситуација, кога група новинари во рамките на краткорочна студиска програма, во ноември 2008 година престојувавме во Вашингтон, во периодот на претседателските избори на кои победи Обама.
Деновите ни беа исполнети со безброј целодневни активности, па единствената слободна вечер што ни остана беше онаа последната, пред да заминеме за Њујорк. Во неврзан разговор, рековме дека би било добро тој термин да го искористиме за посета на македонската амбасада. Еден од колегите се јави во амбасадата, најави дека група новинари од Македонија би сакале да се сретнат со амбасадорот, се разбира, доколку е можно, доколку тој има време и нема планирани обврски таа вечер. Многу брзо стигна повратен одговор: во 19 часот пред хотелот ќе ве чека возило што ќе ве доведе во амбасадата.
Можеби грешката беше направена уште по излетот на Наумовски околу првиот сет предлози на Нимиц, кога тој беше единствениот што неовластено се впушти во негово коментирање и рецензирање. И покрај очекувањата да биде повикан на консултации во МНР, тоа не се случи
Кога вечерата заврши, а ние започнавме планови вечерта да ја завршиме со посета на џез клуб, амбасадорот ни обезбеди резервација таму каде што самите не ќе можевме ‒ во „Blues Alley“, клуб во кој гостуваат реномирани светски музички ѕвезди, какви што имаше и вечерта, и каде, секако, гостуваат и нашите Влатко Стефановски и Четкар. На крајот од тоа пријатно дружење, ни посака среќен пат за Њујорк.
Не го раскажувам ова за да го глорифицирам Јолевски, иако неговиот однос во оваа епизода секако дека ја заслужи нашата почит. Го раскажувам за да направам едноставна споредба: ако нам, група новинари (со престој кој на никаков начин не е поврзан со македонската амбасада и не ѝ предизвикува никакви обврски кон нас), амбасадорот ни посвети четири-пет часа, време кое објективно не е должен да го „троши“ на нас, како може Наумовски да биде невидлив и отсутен за официјална македонска државна делегација која доаѓа на официјална средби во Стејт департменот, а по шест години во Пентагон?
Во моментов не ги знаеме сите причини, околности и детали околу ваквиот однос. Но, дури и под претпоставка дека можеби се работи за лична суета, доколку Наумовски не бил лично вклучен во организација на средбите (немаме информации за тоа), сепак, функцијата и професионалниот дигнитет налагаат амбасадорот на никаков начин да не се самоисклучува од логистиката и присуството на сите тие настани и средби во Вашингтон. Не смее да го снема, да биде невидилив и отсутен од најважните средби на македонските претставници.
Можеби грешката беше направена уште по излетот на Наумовски околу првиот сет предлози на Нимиц, кога тој беше единствениот што неовластено се впушти во негово коментирање и рецензирање. И покрај очекувањата да биде повикан на консултации во МНР, тоа не се случи
Иако ваквиот чин не го намали значењето и важните пораки што ги испратија САД до Македонија, ниту ѝ наштети на угледот на Владата (ако тоа била целта), со ваквото неразбирливо и непримерно однесување, амбасадорот пред домаќините во земјата каде што е акредитиран само ја потврди сликата за партизираната македонска дипломатија: онаа која стои мирно пред партиските налози, но не и пред државните интереси на Македонија.
Таков беше и случајот кога Груевски, како партиски лидер (веќе не беше премиер) во март 2017 година беше пречекан на аеродром во Турција од македонски дипломати, кои му ги носеа куферите и го пречекаа со возило пред да го продолжи летот кон крајната дестинација ‒ Малта. Таков протокол не му следуваше, но беше реализиран, а МНР никогаш не го објасни ставањето на дипломатските ресурси на приватна услуга на партискиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
Таква ревносност Наумовски не покажа кон официјална државна делегација. Се обидувам да се сетам, но мислам дека скандал од ваков калибар се нема случено од осамостојувањето на Македонија до денес.
Можеби грешката беше направена уште по излетот на Наумовски околу првиот сет предлози на Нимиц, кога тој беше единствениот што неовластено се впушти во негово коментирање и рецензирање. И покрај очекувањата да биде повикан на консултации во МНР, тоа не се случи. Претпоставувам дека прогледувањето низ прсти и лабавиот однос кон ваквите скандали со цел да не се крева прав, не само што не вроди со некакво преиспитување на грешката од страна на Наумовски туку обратното ‒ ги засили неговите лични провокации кон Владата и студени проби врз кохабитацискиот потенцијал меѓу Владата и претседателот во сферата на надворешната политика.
Поконкретно, се впушти во испитување на границите до кои може да се толерира непрофесионално и волунтаристичко однесување на партиските решенија во дипломатијата именувани од претходната власт. Со пари со кои ние го плаќаме, тој направи слалом низ Вашингтон, избегнувајќи ги адресите DC 20520, DC 22202 и DC 20510, за да не „налета“ случајно на македонските претставници! А платен е да „налета“ на многу конкретен, дефиниран и организиран начин. Од тој аспект, санкционирањето на ваков однос не треба да се гледа низ призмата колку тој би „наштетил“ на кохабитацијата. Не верувам дека никој, па ни шефот на државата би нашол основа за одбрана на вакво однесување. Случајот бара итни мерки. Сега, веднаш.