(Не)лиценцирани терористи

Обидот општеството да се доведе во состојба на борбена готовост против разни непријатели – од домашни, преку меѓународни до опасност од терористички напади, е многу повеќе од ќор-фишек. Не само поради тоа што мириса на партиски пресинг од страна на власта за збивање на редовите околу неа и кратење на критиките против неа (повик за „воздржаност“, како што рече Иванов) туку затоа што не нуди докази дека на таква превентива сериозно се работи.

Врз кои аргументи се темели подготвеноста за одбрана од нови безбедносни предизвици, кога овде и практично е докажано дека една верверичка или куна без никаков оперативен план и подготовки можат да ја „нападнат“ секоја трафостаница и да го остават во мрак половина Скопје, како што се случи минатиот месец.

Може ли кој било терорист толку драматично да ни ги поткопа институциите однатре, наспроти оние кои со години систематски ги „унапредуваат“ наназад, земајќи дури и плата за тоа. Изгинаа, и секој ден гинат луѓе по патиштатата низ земјава, не поради експлозии на бомби туку под силината на детонираната неодговорност, исцртана преку кратерите на делниците, неодбележаните премини, тесните ленти и бавното градење на новите патишта поради провизиски преполовените суми наменети за нив.

Зарем тоа не е еден вид тероризам? Или не се смета за таков, бидејќи нема меѓународна „лиценца“, а е финансиран и субвенциониран од нас самите?

Може да се залажуваме до бескрај, но нема поголем „тероризам“ од нашата негржа за ресурсите со кои располагаме

Може да се залажуваме до бескрај, но нема поголем „тероризам“ од нашата негрижа за ресурсите со кои располагаме. И нема јунак на политичката сцена кој јавно ќе го признае тоа, бидејќи тогаш ќе мора и да ја посочи одговорноста со име и презиме. А бегањето од одговорност е наша најуспешна спортска дисциплина, во која со години бележиме врвни олимписки резултати. Само што од „скромност“ не се фалиме со нив.

На пример, дали некој од надвор со биолошко оружје го нападна и го загади Дојранско Езеро, или ние од внатре му извршивме „терористички напад“ со тоа што го оставивме без колекторски систем, па сега сите фекалии што се излеваат во него до максимум му го креваат и езерското ниво и ризикот од болести, а до дно го спуштаат билансот на очекувања од туристичката сезона?

Тоа што фекалиите ги „исправме“ со нов нарачан извештај кој водата ја прогласи за чиста, е второ тероризирање на вистината. Но, овде никому не му е важна вистината. Нејзиното отсуство стана посакувана околност и е пред финиш да стане заокружен систем за веродостојно артикулирање на лагата. На систем вешто изграден од лаги тешко може да се парира со вистина, бидејќи државните бранители и продавачи на илузии веќе го беатифицираа блефот во легален политички обред.

Затоа сега ја креваат работната температура во штабовите на македонската одбранбена тврдина, бидејќи без продуцирање надворешни и внатрешни непријатели губи смисла целата „програма“ на која власта се вози една деценија.

Па кога Иванов ќе рече дека „расцепот меѓу фактичката и медиумската реалност од ден во ден се продлабочува“, се прашувам кому му го раскажува тоа: на граѓаните кои секој ден се соочуваат со фингираната слика за реалноста во која живеат или на неговите партиски шефови и колеги кои го произведоа тоа Потемкиново село, преку класичен десант врз медиумите и институциите?

Може ли кој било терорист толку драматично да ни ги поткопа институциите однатре, наспроти оние кои со години систематски ги „унапредуваат“ наназад, земајќи дури и плата за тоа

И иронијата да е уште поголема, човекот кој во секој говор ги бомбардира граѓаните со изјави за ризиците врз безбедноста на Македонија, ги повика „медиумите да се воздржуваат од ширење паника, страв и штетен сензационализам, а цивилното општество и интелектуалците да се воздржат од отровен цинизам и од демонизирање на оние со кои не се согласуваат“.

Кога правото на став и критика ќе бидат нострифицирани како „отровен цинизам“, јасно е колку е часот и што бара власта од „народот“.

Го бара истото она што го бараат сите авторитарни режими: водведување на, од нив, дефинираниот модел на патриотизам, но на оној искривоколчен начин на којшто тие го разбираат: слепа послушност, неограничена сервилност и безпоговорна лојалност.

Тоа е таа „емоција“ што треба да им биде инсталирана на сите, како еден вид државно-ориентациски џи-пи-ес, водич и навигатор на моралното, политичкото и професионално однесување. Тоа веќе функционира кај голем дел од медиумско-владејачката коалиција, и сега – или ќе се прошири на целата територија, или ќе се расчистува со оние кои нема да сакаат да го следат „сигналот“.

Како што констатира колега од регионот, во вакви случаи во основа станува збор за еден вид конфесионална принуда, за утврдување световна (партиска) религија, за инсистирање на вернички однос кон мистичните „достигнувања“ на партијата/државата, што подразбира дека комплетното општество е задолжено да учествува во одобрените претполитички ритуали.

Притоа, световните вредности од типот „патриотизам“, „народ“ или „одбрана на државата од непријателите“, уживаат статус на псевдорелигиски култови во кои сите мора слепо да веруваат. Не се дозволува тие да бидат подложни на анализи, уште помалку да земаат предвид „тривијалности“ од типот на факти, бидејќи преку нив и не се отвораат политички или социолошки туку новоинсталирани „теолошки“ прашања, а тие не може да бидат подведени на критичка, туку само на литургиска анализа.

Ете, таква воздржаност се бара од нас. Да молчиме и во име на лажен патриотизам претворен во државно-партиска религија, да не прашуваме кој и зошто ја тероризира земјата со депрофесионализација; кој и зошто енормно ја задолжува; зошто е толку тешко власта да се откаже од еден бронзен коњ во корист на инфраструктурни проекти; зошто само „патриоти“ лиценцирани од власта имаат право на вработување со или без оглас, право на напредување, на стипендии, на тендери, на живот…

Не треба да прашуваме зошто зад параванот на битката за наводни национални приоритети, многу претставници на општествениот какол беа наградени за верноста кон режимот. Нивниот „патриотски“ учинок, кој сѐ повеќе влегува во делокругот на финансиските инспекции, обвинителствата и судовите, е токму резултат на тероризирањето на институциите со кадровски талог неподобен за интересите на државата, но подобен за интересите на власта и нивните големи идентитетски проекти.

Откако со вакви и слични практики земјата е доведена во катастрофални општествени прилики и економски состојби, терористите со кои нѐ плаши Иванов, сметам дека овде не би имале никаков реален предизвик. Освен чувство на силна домашна конкуренција, која веќе ја завршила работата.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија