Раководството и тимот од театарот „Иван Вазов“ во Софија не отстапија од намерата да ја постават претставата „Оружјето и човекот“ напишана во 1894 година (пред 130 години) од Џорџ Бернард Шо. Но, некои други спречија да ја види пошироката публика.
Со едночасовно задоцнување ја видоа само ретки претставници на медиумите. Мнозинството луѓе со купени билети останаа надвор. Не можеа да влезат. Полицијата не направи ништо да им го овозможи тоа. Единствено му овозможи на директорот на театарот да се врати внатре, за да не го растргне толпата, додека ги убедуваше дека нема ништо антибугарско во претставата.
Во Софија вчера се случи кулминација на едно варварско дивеење наречено протест, а предводено божем од „патриотски побуди“, каде што видливи биле и кадри на националистичките партии Преродба и ВМРО и нивни приврзаници. Толпата не дозволувала влез во театарот, барала оставки, барала да се симне претставата од репертоарот, а нападнале и лица од театарот. Тоа беше последниот чин. На улицата и примитивизмот.
Како почна
Ќе се прашате – зошто толку врева за оваа претстава? Првиот „чин“ почна уште со почетокот на подготовката на претставата, во режија на американскиот режисер и актер Џон Малкович. И неговото, и името на авторот Бернард Шо, Британец од ирско потекло и добитник на Нобеловата награда за литература, со денови беа влечени од „патриотската јавност“ под етикетата „антибугарски“, со бројни обвинувања дека со претставата се исмејува и го навредува бугарскиот народ.
На претставата се спротивстави и раководството на Сојузот на бугарски писатели, што само ги открива димензиите на затвореноста и догматизираноста на дел од бугарското општество. Претставата експресно ја оценија како отворена инсинуација против државата и бугарскиот народ, зол цинизам и потсмевање со илјадниците жртви што паднале на фронтовите за слобода на земјата.
Станува збор за најизведуваната драма на Шо, која досега неколкупати била играна во Бугарија – во Враца, во Софија и во Русе во 2010 година, а во 1996 година добила и награда за режија. Ама кој да го памти тоа?
Попусто Малкович објаснуваше дека „не е многу интелигентна идејата“ дека тој би дошол таму за да приреди претстава што ќе ја исмева Бугарија. Попусто објаснуваше дека ја режирал и на Бродвеј во 1985 година и дека исклучително му се допаѓа затоа што ја исмева идеализираната љубов и има силни пораки за бесмисленоста на војната.
Попусто објаснуваше дека дејството се случува во Бугарија затоа што самиот автор објаснил оти барал да го смести дејството во земја за која тогаш не знаеле многу луѓе. Бернард Шо немал посебен интерес за Бугарија, ниту знаел конкретни факти за војната. Но, овие објаснувања не беа доволни да го запрат лудилото.
Така почнува
Светот има горко искуство како почнува тоа, нешто што го посочи и бугарскиот министер за култура. Прво се бараат оставки, па забрана за една претстава. А тоа станува урнек за забрана и на други. Па, откако ќе почнат да пречат претставите, ќе почнат да пречат и да се палат книгите. Познато е од минатото како оди тој мрачен ред… и до каде може се стигне.
ПП-ДБ настанот го осуди како варварски акт, кој граѓаните во слободна Бугарија не треба да го дозволат. Од ГЕРБ ги осудија сите форми на цензура на слободата на говорот и уметноста и порачаа дека времето на забранетите претстави завршило пред 34 години, а нивен ангажман како партија е тоа време да не се врати.
Костадин Костадинов, претседателот на Преродба, трета партија според резултатите од последните избори, чии претставници беа видени на протестите, не се срами од таквиот чин. Луѓето од театарот ги нарече роднокрајни јаничари, кои умираат од провинциски ќеф некој од големата метропола да дојде и да им плукне в очи. Па, затоа, освен од Малкович, вчера биле исплукани и од Бугарите, и затоа имало „драма, лелеци и плач на претепани либерали“.
Победи Трамп!
Секој би се прашал од што се храни ваквата политика? Костадинов не го крие одговорот: од победата на Трамп. Луѓето од театарот ги смести во партиски рамки.
„Ги разбирам – многу им се собра. Прво, уште еднаш ги загубија изборите и нивната естрадна трупа во парламентот изгуби уште повеќе бројки. Второ, Трамп победи во САД. На крајот, народот ги натепа пред Народниот театар (…) И кажуваме дека повеќе нема да трпиме! И не само што кажуваме, туку и го покажуваме“, порача лидерот на Преродба.
Тоа се случува во европска Бугарија. И ваквата самоувереност на националистичката Преродба по победата на Трамп не е изненадувачка. Два дена претходно, сопартиец на Костадинов, на јавниот ТВ сервис се пофали дека имаат многу блиски односи со републиканците.
Прво, тие биле домаќини во Софија на клучна личност од партиското раководство, а потоа европратеници од Преродба биле официјално поканети од републиканците во Вашингтон, имале средба со сенатори и конгресмени и тие врски не биле од вчера – денес, туку добро негувани.
Добро, нивната посета веројатно не спаѓа под „провинциски ќеф да се стигне до големата метропола“, каде што никој нема потреба да те плукне кога самиот доволно ќе се излигавиш од радост за поканата. Но, настрана од провинциската радост за контактите со најблиското опкружување на Трамп, изгледа дека републиканците не се баш пребирливи во изборот на партнери за соработка. Барем што се однесува до Преродба.
Нашиот проблем станува нивен
Ако бугарското општество денес се соочува со вакво фијаско, па и меѓународен срам по прашањето дали да се одржи една театарска претстава, би требало да стане многу појасна една друга претстава, која не е поврзана со драмско дело, туку со политичките услови кон Македонија. Но, и со бугарското неспроведување на пресудите на ЕСЧП.
Ги боли кога им се случува дома, кога некој негира театарска претстава. А кога се негира нечиј идентитет, или право на здружување, тоа не е ништо. Сто стапа по туѓ грб не болат.
И никој не се прашува како се случи растењето на една националистичка партија од дното – до трета партија? На чиј грб таа партија ги вежбаше мускулите? На негирање на Македонија. Во меѓувреме, другите молчешкум се смешкаа, подработуваа прекувремено на „патриотскиот“ пазар и го оставаа левијатанот да расте.
И не само тоа. Не сме заборавиле кој се плашеше дека ќе му се распадне владината коалиција со ВМРО заради Македонија, па дозволи вето? Евроатлантските партии во Бугарија, кои денес се згрозени од нападот врз претставата, имаат доволно путер врз главата што од свои интереси кокетираа и дозволија националистичка атмосфера да ги моделира и односите со најблискиот сосед. И што овозможија националисти да собираат политички дивиденди, да прават рејтинзи и изборни резултати, со кои потоа ќе кажуваат кој може, кој не може во ЕУ.
Нам таа политика ни го закочи интеграцискиот пат. Ама и на Бугарија веќе ѝ се удира од глава. И ова е само почеток. Оттука, станува помалку важно кој какви контакти има со Трамп (покрај Преродба), туку дали во двете земји има доволно свесни политички сили дека така повеќе не може.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија