Непредвидливата војна во сенка

Човек не мора да биде Вон Клаузевиц за да ги процени, ако не сите, тогаш барем повеќето импликации што доаѓаат од директното инволвирање на Иран во војната во Газа. Како и во сѐ друго, и тука проценките се разликуваат во однос на тоа од која страна доаѓаат.

Директниот ирански проектилски напад врз Израел доаѓа како одговор на ракетирањето на иранскиот конзулат во Сирија, кога загинаа 13 лица, од кои осум високопозиционирани офицери на Иранската револуционерна гарда.

Иако за тоа нема потврда од Израел, сепак општ е впечатокот дека токму оваа држава е одговорна за овој настан без преседан во поновата историја на меѓународните односи. Имено, за Израел, Иранската револуционерна гарда е главниот промотор и логистички (финансии и оружје) поддржувач на Хезболах, можеби најсилната недржавна воена организација во светот и традиционален, и мошне непријатен противник на Израел.

Ограничена интервенција

Во таа смисла, и нападот на Иран врз Израел се третира како ограничена акција, своевидна закана и порака дека Иран е подготвен да го ескалира конфликтот доколку Израел продолжи со овој тип провокации.

Во моменталната блискоисточна равенка на спротиставените сили, најголемата непозната е можниот одговор на Израел. Ако Израел остане воздржан, тогаш можно е повеќедецениската „војна во сенка“ меѓу Иран и Израел да се задржи на нивото на тензии, можни инциденти, но без воена разврска на судирот.

На ова укажуваат неколку фактори. Првиот е самиот напад на Иран врз Израел. Гаѓани се воени бази и се внимавало да нема цивилни мети. Во таа смисла, добро е што нема ниту жртви во израелската војска.

Иако дава целосна вербална (па и друга) поддршка на Израел, Америка јасно става на знаење дека нема да поддржи никаков вид воен одговор кон Иран

Инаку, ако Иран имал намера да отвори тотална војна со Израел, тогаш сигурно во неа синхронизирано би влегле и споменатиот Хезболах, како и другите групации од Ирак, Либан и Сирија што ги поддржува Иран. На тој начин, Израел би бил нападнат од три страни, а можното вклучување на Хутите од Јемен би претставувало и напад од морската страна.

Се проценува дека само Хезболах располага со околу 200.000 проектили, кои, ако се стават во погон, сигурно ќе ја исцрпат израелската противвоздушна одбрана. Не може ни да се замисли кон што би довел еден регионален судир од вакви размери. Иако, реално, до него и би можело да дојде затоа што воената доктрина на Иран е целосно исчезнување на израелската држава. И во нивните стратегии е запишано дека ќе дојде моментот кога тие ќе се пресметаат со Израел, ама, се чини, дека тој момент уште не е дојден.

Од друга страна, Израел тврди дека пресретнал 99 проценти од иранските проектили и затоа смета дека успешно одговорил на нападот. А и Иран тврди дека ја постигнал целта со својата акција, односно го предупредил непријателот дека ќе одговори на секоја нова акција. Со други зборови, и двете страни се прогласија за победници во судирот, што значи дека како такви би можеле комотно да се повлечат од натамошните судири.

Вториот фактор за задржување на статус квото е и физичката неможност Иран и Израел да влезат во директен копнен судир.

Овие две земји се раздвоени со Јордан, Ирак, Саудиска Арабија, Кувајт, Катар, Обединетите Арапски Емирати и Оман. Во некои од овие земји има американски воени бази. Саудиска Арабија и Кувајт имаат по десет вакви бази. Во Кувајт се присутни над две илјади американски војници, а во Саудиска Арабија околу 380. Помал број американски војници има и во Оман, Ирак и во Сирија. Во прилог на оваа теза оди и воздржаноста на САД во овој момент.

Иако дава целосна вербална (па и друга) поддршка на Израел, Америка јасно става на знаење дека нема да поддржи никаков вид воен одговор кон Иран. Во американската изборна година, нејзините надворешно-политички приоритети се врзани многу повеќе за Русија и Кина, отколку за Иран.

Од пријатели до непријатели

Историјата на судирите меѓу Иран и Израел е долга. За Израел, Иран е најголемиот непријател во регионот. И Израел ја користи секоја дипломатска можност што ќе доведе до поголеми санкции или до друг вид загрозеност на Исламската Република.

Меѓутоа, овие односи не биле секогаш такви. Напротив. Во 1948 година, Иран е една од првите земји што ја признава израелската држава. Во тоа време, за Иран, Израел е добредојдена противтежа на другите арапски држави во регионот, а за Израел, Иран е корисен сојузник во неговите судири со истите држави.

Израел ги обучува иранските стручњаци за земјоделство, нуди техничко знаење и помага во изградбата и обуката на иранската армија. Иран тоа го плаќа со нафта, толку неопходна за израелската индустрија во подем. Во Иран, во тоа време живее втората најголема еврејска заедница во светот надвор од Израел.

Иранското општество не е толку хомогено, како што тоа може да му изгледа на надворешниот набљудувач. Иако скромни, сепак, се појавуваат гласови на иранските интелектуалци, кои бараат Иран да ја преиспите својата политика кон Израел

По Исламската револуција во 1979 година, повеќето од Евреите се селат, но се проценува дека и сега во Иран живеат околу 20.000 Евреи.

Значи, по таа 1979 година и преземањето на власта од страна на ајатолахот Рухолах Хомеини, Иран ги раскинува сите спогодби со Израел. Хомеини остро го критикува Израел поради окупацијата на палестинските територии, а со време Техеран развива сѐ поостра реторика кон Израел. На тој начин, всушност, Иран сака да го прошири своето влијание или барем да стекне одредени симпатии кај околните арапски земји.

Кога во 1982 година Израел интервенира во либанската граѓанска војна и извршува инвазија на југот на земјата, Хомеини ја праќа Револуционерната гарда во Бејрут, како поддршка на шиитските милиции. Тогаш е формирана и Хезболах, организација која и денес се смета за десна рака на Иран.

Актуелниот верски водач на земјата, ајатолахот Али Хамнеи, човекот кој го дава последниот збор на секоја одлука на Иран, ја продолжува оваа политика. Тој, на пример, често го доведува во прашање холокаустот, обидувајќи се да ги релативизира, па дури и негира нацистичките злосторства кон Евреите.

Од друга страна, иранското општество не е толку хомогено, како што тоа може да му изгледа на надворешниот набљудувач. Иако скромни, сепак, се појавуваат гласови на иранските интелектуалци, кои бараат Иран да ја преиспите својата политика кон Израел.

И муслиманските Ујгури, како и Чечените, се понижени и поробени, па тоа не му пречи на Иран да има добри односи со Кина и со Русија, вели Фаиза Хашами Рафсанџани, ќерка нa некогашниот ирански претседател Али Акбар Рафсанџани и поранешна пратеничка. Слично мислење имаат и некои политиколози и професори на Техеранскиот универзитет.

Меѓутоа, многу поголем е бројот на поддржувачите на Исламската револуција, кои се чувствуваат фрустрирано поради немоќта на Иран директно да ги заштити Палестинците.

Со други зборови, единствената предвидливост за она што ќе се случува е – непредвидливоста. И како и дали воопшто ќе реагира меѓународната заедница. Односно дали сѐ ќе зависи од одлуките и хировите на Али Хамнеи и Бенјамин Натанјаху.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија