Мајски бумбари

Замислете да се јавеше некоја од големите партии што го земаат најголемиот колач од буџетските пари за изборно рекламирање и да речеше: „Ние се откажуваме од политичко рекламирање со буџетски средства, а и генерално од буџетско финансирање“.

Прво, затоа што сите учесници во изборната трка не добиваат исто за рекламирање и сметаме дека тоа не е во ред. Второ и уште поважно, сакаме да покажеме дека не сме сите исти, дека сме навистина поинакви од другите и покажуваме одговорен однос кон парите на граѓаните, кои во буџетската каса ги има сѐ помалку.

А, замислете, не една, туку сите големи партии да постапеа така, да видевме партии со „текнувало“, а не гнезда на мајски бумбари, кои со наши пари само зујат, се надвикуваат и се навредуваат. Да го направеше тоа макар и само една партија, ќе беше досега невиден потег, ќе навестеше дека нешто навистина ќе почне да се менува.

Замислете да се јавеше некоја од големите партии што го земаат најголемиот колач од буџетските пари за изборно рекламирање и да речеше: „Ние се откажуваме од политичко рекламирање со буџетски средства…“

Впрочем, вистинското значење на изборите во зрели демократии не е во тоа кој ќе победи, туку што ќе промени. Политиката не може да се сведе само на добивање гласови на избори. Таа мора да им ги испорача на гласачите нештата и промените што ги бараат. За да ги увери како ќе постапува по изборите, секоја партија/кандидат има многу начини да го покаже тоа и пред изборите.

За жал, кај нас изборите сѐ уште се вртат само околу оската „кој“, а не „што“ и „како“. Кампањата е сведена на спектакл и политички трилер, во кој публиката на митинзите ја забавуваат со инфантилни штосови, со реплики – кој на кого со што ќе му возврател – и кој ќе излезе на крајот голем мангуп, се разбира, на вербално ниво.

Затоа на оперативно ниво доминира чиста нула. Како што оценија од Фридом хаус, ривалските партии, кои циклично се менуваат, само ги политизираат и ги заробуваат слабите институции, а структурни промени нема. Партиите ги сведоа изборите на навивачка арена, во која фрлаат убаво спакувани изборни „коски“, а граѓаните, несвесни за својата вистинска моќ, се тетерават во „изборот“ каква коска, која од која пошуплива – да глодаат.

Практично, не се (из)гради компетентно гласачко тело, кое со одважност на вистински суверен, ќе одбруси: „Ова ви е понудата? Ако е тоа, ај гитла одовде!“ Тие што мислат така, дури и немаат време да се расправаат со едни исти политички постави, па решаваат самите да фатат гитла, што подалеку одовде.

Ако политичките протагонисти си гледаа подалеку од носот, наместо да си разменуваат пораки кој на кого треба да му закачи ГПС, ќе видеа дека главните „митинзи“ не се одржуваат таму каде што се тие, туку на аеродроми и на автобуски станици.

Луѓето си заминуваат во стилот „оди и не свртувај се сине“. Ниту им значат изборите, ниту имаат надеж дека ќе се случат некакви, а камоли квалитетни промени. Еве, нека одржат партиите и кандидатите митинзи на аеродром или на која било автобуска – да видиме колку луѓе ќе убедат да поверуваат во нивните програми и да се симнат од автобусите што ги носат во други држави.

Ако политичките протагонисти си гледаа подалеку од носот, ќе видеа дека главните „митинзи“ не се одржуваат таму каде што се тие, туку на аеродроми и на автобуски станици

Луѓето едноставно не веруваат дека политичките елити ја чувствуваат реалноста во која живеат тие. Кога Бујар Османи би знаел дека во „Македонски шуми“, последната плата што ја добиле вработените е за јануари, сигурно не би се жалел „ако еден месец не земам плата, јас ќе морам да се задолжувам за да преживеам“.

Како овие луѓе ќе ги убедите во подобар стандард и во подобро здравство, кога ни во ова килаво здравство немаат пристап, бидејќи немаат ни плата, ни здравствено осигурување. А да беа само тие. Приватните специјализанти уште чекаат владата да расправа за нив. И потоа ќе немало лекари, си заминувале. Па, ќе нема, и тие имаат праг на трпение.

Ни тие не можат да разберат како може политичарите да се толку одлепени од реалноста, без никаков знак дека еднаш ќе се „приземјат“? Да беше изградена онаа комора со нулта гравитација, што ја вети партијата Интегра на минатите избори, ќе си мислевме дека можеби таму си се заигруваат по цел ден, си лебдат во бестежинска состојба и затоа уво не ги боли за ништо. Комората не е изградена, ама и без неа си летаат во облаци. Додека не сфатат дека и паѓањето е „лет“.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија