Независноста не требаше да изгледа вака!

Прославивме уште еден голем државен празник во духот на нашата традиција – глупаво, патетично и неочекувано (односно без никакви очекувања). Додуша, одреден (не мал) дел од популацијата го прослави поинаку, но сепак во духот на традицијата – во празничен егзил во Грција.

Онаа, најглупавата (и, за жал, најчестата) дилема што можев да ја видам по социјалните мрежи беше лажното прашање: Дали го славиме Денот на независноста на Република Северна Македонија или на Република Македонија, па дали некој од творците на референдумот за сувереност мислел на Северна Македонија или на Република Македонија, па дали илинденците мислеле на Северна Македонија итн.

Еве, сега ќе го славиме 11 Октомври, Денот на македонското востание. Ќе ја поставиме ли дилемата дали оние што го кренаа востанието во 1941 година мислеле на Народна Република Македонија или Социјалистичка Република Македонија или на Република Македонија?

Има уште живи борци од НОБ, а има и живи луѓе од времето на Македонија во СФРЈ, па нешто не се сеќавам дека не се одбележуваше празникот и дека имаше нешто протести (барем вербални) од борците и првоборците дека тие не се бореле за таа држава.

Сериозната сенилност што ја покажуваме во овој поглед поставува една сериозна и несакана дилема – дали сме ние (сите) државотворни или не сме? Дали имаме општествен потенцијал да создадеме една нормална 21-вековна европска држава или не? Поточно дали сакаме да имаме држава или не сакаме?

Или, ајде вака, неодамна го прославивме 2 Август. Илинденците од 1903 година формираа (краткотрајна) Република. И не ја нарекоа Македонија, туку Крушевска Република. Треба ли да ја славиме Крушевската Република? Или да ги земеме асномците. Ако барем бегло сте ги виделе документите на АСНОМ, вистинскиот темел на македонската модерна држава, тогаш ќе ви биде јасно дека во сите асномски документи при секое споменување на Македонија задолжително е додадено (во сојуз со братските народи на… Југославија). Треба ли да го славиме АСНОМ?

Интересно е дека сите што ја поставуваат оваа наводна дилема околу името на државата никако да се сетат како, на пример, гласеше прашањето на историскиот референдум од 1991 година. А тоа гласеше: „Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз со суверените држави на Југославија?“ Напротив.

Деновиве читам пофалби за „белите глави“ што ја воделе државата, за нивната визија и, секако, за тоа дека при организирањето на референдумот никако не мислеле на Република Северна Македонија (ако забележавте, во референдумското прашање пред името Македонија нема ниту географска, а богами ни политичка одредница, во смисла на уредувањето на државата – на пример, Република). Акцентот е ставен на „независна и суверена држава“ (каква и да е), со отстапување на правото да остане во некаква редефинирана Југославија (како конфедерација на суверени држави). Треба ли воопшто да го славиме 8 Септември? Треба ли да ја почитуваме генерацијата што го изнесе референдумот?

Треба, се разбира. И 2 Август (1903, 1944), и 11 Октомври, и 8 Септември, и сите други празници што се важни за нашата државност, затоа што тие се токму тоа – празници што покажуваат државнички континуитет, а не некакво кумство на името на државата. И сите тие се случувале во некаков историски контекст и во некаков распоред на политички (често и воени) сили, па затоа не е случајно што илинденците ја произвеле Крушевската република, асномците ја форсирале Југославија во своите документи, а богами и оние што го составувале референдумското прашање го составиле така.

Вообичаено би било да се прашаме дали „татковците“ на државата и сите оние што се вградиле во неа сонувале за криминална држава, во која владее корупцијата, а не правото; која произведува функционално неписмени образувани кадри, односно кадри за партиски вработувања

Се разбира, тука не ги исклучувам и односите внатре во државотворниот корпус. Можеби и тогаш бил доминантен наративот – за која Македонија се бориме: северна, јужна, Република, автономија итн. И тогаш можеби требало да се создаде некаков компромис, кој некако ќе ги задоволи сите внатрешни и надворешни страни.

Она што е битно, а што редовно го забораваме е фактот дека станува збор за државотворни датуми. Сериозната сенилност што ја покажуваме во овој поглед поставува една сериозна и несакана дилема – дали сме ние (сите) државотворни или не сме? Дали имаме општествен потенцијал да создадеме една нормална 21-вековна европска држава или не? Поточно дали сакаме да имаме држава или не сакаме?

Да, звучат радикално овие тези (и радикални се), но се неминовни во услови кога одбележувањето на Денот на независноста поминува така како што поминува. И тоа 28 години откога таа независност е стекната. Вообичаено е на вакви денови да се поставува и одговара на прашањето „Што направивме и што треба да направиме натаму“, а не која држава станала независна.

Вообичаено би било да се прашаме дали „татковците“ на државата и сите оние што се вградиле во неа сонувале за криминална држава, во која владее корупцијата, а не правото; која произведува функционално неписмени образувани кадри, односно кадри за партиски вработувања; каде што по политичка линија се вработуваат луѓе што не одат на работа, а примаат плата; каде што никој нема доверба во никого; каде што јавното здравје се соочува со масовни епидемии на речиси искоренети болести; каде што никој не е сигурен во квалитетот на добиената терапија…? Дали? Или сонувале за социјална, модерна држава што ќе биде сервис на своите граѓани?

Не, господа, независноста не требаше да изгледа вака, па државата ако сака нека се вика и Планета Нуркон. Впрочем, да знаевме за што станува збор, немаше 28 години да поарчиме во јалови и беспредметни расправи за тоа чиј и каков празник славиме. Славиме наш празник, празник на нашата држава, суртуци! И затоа ја користам оваа пригода да им го честитам на сите оние што навистина го слават.