Стави се во позиција на другиот – ова е основното правило од кое треба да се раководи секој што има намера да реши одреден спор, а не да инвестира во замрзнат конфликт. Ако сакаат да градат пријателство, добрососедство и иднина, Бугарија и Македонија мора да се раководат од ова правило.
Кирил Петков и Димитар Ковачевски направија еден чекор. Почетен, чекор на опипување на пулсот, по малку шантрав, сличен на нивното заедничко дефиле пред македонската гарда, но со намера тој чекор во иднина да стане посигурен и подинамичен.
Во програмата на еднодневната посета може да се идентификуваат многу пропусти, во изјавите на прес-конференцијата ист молк за старите теми, но во вкупниот резултат видлива е иницијална волја за нов пристап. Петков се определи за дејствување, чиј акцент нема да биде ставен само и единствено врз историјата, туку и врз конкретни сфери за соработка меѓу двете земји – економија, култура, интеграции, инфраструктура…
Сега таа атмосфера треба да се култивира, но нема да даде резултат ако најпрво не биде „посеана“ и негувана во двете земји. За тоа да успее, не се доволни само заедничките работни групи, туку многу работа во двете општества и фокусирање на тоа што ги спојува народите, а не тоа што ги раздвојува.
Битно е да се воведе линија на доверба, во која двете страни искрено ќе инвестираат, без провокации и заткулисни игри
Во нашиот случај, историјата досега беше ставена на пиедестал како фактор што спојува и раздвојува. Како да се развласти историјата во име на иднината? Првичните реакции во Бугарија покажуваат дека тоа воопшто нема да оди лесно.
Главните критики до Петков се дека историските прашања ги ставил во втор план и оти не кажал децидно дека во Бугарија немало фашизам. А главните „шеги“ беа дека официјална Софија сега може мирно да спие, бидејќи РСМ со нота до ОН потврдила дека нема територијални претензии кон Бугарија.
Во ваквите шеги предничеше лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, чија сочна изјава ја пренесоа медиумите од двете страни на границата, ама заборавија дека до пред две години, тој пееше сосема друга песна и тврдеше дека токму ова прашање го загрижува бугарското општество. К
Кој сака може да се потсети бидејќи постои и 20-минутно видео објавено лично од Борисов во декември 2020 од негова средба со Бучковски, на која поради стравовите на Бугарија, бил донесен документ со гаранции од Скопје дека „скратеното име на нашата земја Република Северна Македонија е Северна Македонија, и тоа не значи територијални претензии кон Бугарија“.
Но, краткото паметење станува манир на партиите кога ќе заминат во опозиција, и на политичарите кога ќе станат поранешни. Во сличен манир се истакна и поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев, со една крајно скандалозна изјава: „Службите на Република Северна Македонија се филијала на српските, кои, пак, се филијала на руските, и ние не сакаме да ги внесеме Тито и Сталин во ЕУ“.
За Плевнелиев, „логично“ е што само Албанија заслужува да го пречекори прагот на ЕУ бидејќи направила темелни реформи, а РСМ – не. За ниеден новинар не беше логично да го праша Плевнелиев – ако Бугарија не сакала „Тито и Сталин“ (РСМ) да ги внесе во ЕУ, зошто се согласила тие двајца да влезат во НАТО?“
Она што Македонија го пропушти во изминатите денови е да одбележи такво нешто: 30-годишнината од денот кога Бугарија ја призна независноста на Македонија
Импликациите од ваквите изјави можат да бидат повеќеслојни, не само поради сензитивните регионални и геополитички случувања, туку и поради сознанието дека не мора да постои никаква националистичка десница за да се види дека отпорот кон решение може да дојде и од други адреси, а тоа да не се редовно лутите каракачановци и џамбазовци.
Тоа се изјави што мотивираат и мобилизираат најпримитивни пристапи, кои создаваат непотребни хорови против „предавство на национални интереси“ и ги демотивираат носителите на одлуки за храбри политички исчекори.
Во таква слична атмосфера, 30 години се „решаваше“ спорот со Грција, но како да не се извлекоа поуки како да се избегнат нови ровови, како да се избегнат нови провокации и како да се постават темели за идни мостови, а кои нема да станат поголем проблем од решението, како она што беше во Договорот од 2017 година, кое Софија го надгради со серија дополнителни услови во мандатот на шеговитиот Борисов.
Со тоа, во сенка на процесот остана цела лепеза на неискористени можности – економска соработка, трговија, инвестиции, енергетска политика, прекугранични проекти во разни сфери, медиумска, образовна и културна соработка, со еден збор – сѐ што денес ја симболизира ЕУ во нејзината поврзаност и обединетост во различноста, заради иднината, а не заради минатото.
На крајот, воопшто не е битно дали ќе се воведе авиолинија Софија – Скопје. Битно е да се воведе линија на доверба, во која двете страни искрено ќе инвестираат, без провокации и заткулисни игри, во која ќе биде потенцирано она што реално произведува напредок.
Она што Македонија го пропушти во изминатите денови е да одбележи такво нешто: 30-годишнината од денот кога Бугарија ја призна независноста на Македонија (15 јануари 1992 година). Тоа мораше да го направи и заради добрососедството, и заради благодарност кон тој чин, и заради потврдата кон себе – дека земјава го избрала вистинскиот пат.
Така се прават гестови, така се уриваат ѕидови. Не е доцна и до крајот на овој месец да му се даде значење на тој чин, особено што двете влади иднината недела ќе имаат заедничка седница. Добра можност за добри намери и добри примери.