Обединување или живот!

Не знам за вас, ама мене пораките испратени од партиите во, што би рекле нашите спортски коментатори, оваа фаза на изборната трка, најблаго речено, ми се чудни, да не кажам сомнителни.

Одеднаш сите партии што имаат свои градоначалнички кандидати во вториот круг на локалните избори би сакале да се обединат! Или барем да се сплотат. Од телевизиските и компјутерските екрани, од плакатите и билбордите, од митинзите и соопштенијата… лидерите на најголемите партии горливо, некогаш дури и трогателно, повикуваат на – обединување. Како божем некој да им брани да се обединат.

Ене им широко (политичко) поле, па нека се обединуваат до мила волја. Но, кога ќе ги слушнете пораките, поточно навредите и омразата што меѓусебно си ги испраќаат, тогаш станува јасно дека имаат некое чудно, дури и патолошко сфаќање за значењето на терминот „обединување“. Нешто како „самообединување“, односно „обединување на самите со себеси“.

И онака некаде во зоната на самракот остануваат одговорите на повеќе прашања. Со кого тоа политичките партии сакаат да се обединат? Зошто сакаат да се обединат? Кои цели сакаат да ги постигнат? Против кого сакаат да се обединат?

Јас, се разбира, не можам со стопроцентна сигурност да ги дадам одговорите на овие прашања, бидејќи внатрешната логика на партиското функционирање мене и натаму ќе ми остане метафизичка тајна на нивото на дилемата колку ангели можат да застанат на врвот на една игла. Но, затоа можам да ги претпоставам. За да дојдат на власт. И тоа не обединети, туку самите за себе. И да решаваат за веќе фамозните градежни маркички и за останатите (разединети) придобивки што ги носи локалната власт. Па, не бадијала се вика локална самоуправа, а не локална обединета управа.

Од телевизиските и компјутерските екрани, од плакатите и билбордите, од митинзите и соопштенијата… лидерите на најголемите партии горливо, некогаш дури и трогателно, повикуваат на – обединување. Како божем некој да им брани да се обединат

Јас, на пример, одбивам да се сплотам. Мене ми е добро во сопствената кожа и не сакам никому да му го нарушувам комодитетот со моето „сплотување“. И, конечно, зошто би се обединувал? И зошто кој било со кого било би се обединувал? Заради солидарност? Заради заеднички интереси (кои?)? Заради заедничко практикување на власта? А, бе, ајде… што би рекол народот со кого сите ја полнат устата.

Од каде тогаш оваа, макар и декларативна, волја за обединување, односно сплотување? Нејзиното упориште секако нема да го најдете во програмите на политичките партии, особено не во оние делови што се однесуваат за локалната самоуправа. И за да не биде и овој текст подеднакво реторички како што се предизборните митингашки говори, ќе се обидеме да најдеме некои политички референци што ќе нѐ упатат кон идеолошката матрица на обединувањето.

Прво што ми паѓа напамет е бугарскиот државен грб, односно неговото мото „Обединувањето ја прави силата“ (Съединението прави силата). Етаблирањето на бугарскиот државен грб, како што тоа впрочем е случај со повеќето историски грбови во светот, потекнува од времето на етатистичкиот романтизам, односно од периодот на најголемиот бугарски романтичарски сон, што би рекол Жељу Желев. Со кого тоа Бугарија би сакала да се обедини за да биде силна? Ова не е место за вакви нагаѓања, затоа останува читателот сам да процени.

Во Србија, на пример, „Обединување или смрт“ (Уједињење или смрт) беше мотото на озлогласената воена терористичка организација „Црна рука“, онаа што го организираше и спроведе убиството на кралот Александар Обреновиќ. Југословенските војни од крајот на минатиот век многу често се водеа токму под оваа девиза: „Обединување на сите Срби во една држава“. Сведоци сме дека рецидиви на овој сон се сѐ уште живи, особено со последните случувања со Република Српска. Дури и српскиот министер за внатрешни работи, Александар Вулин, неодамна изјави дека „Србите ќе го постигнат своето обединување на мирен начин“.

Конечно, сите овдешни сонови за „големи“ држави (Голема Албанија, Голема Србија, Мегало Елада, па ако сакате и Обединета Македонија) се базирани на тој политички манифест – обединување! Дури и светот деновиве е загрижен со кинеското актуализирање на нивните планови за обединување со Тајван.

Што бара тогаш „обединувањето“ во македонските локални избори. Ако ги избегнеме етатистичките аспирации и се вратиме на „обединувањето на народот“, тогаш ќе мора да констатираме дека во фундаментот на најозлогласените хегемонистички и авторитарни системи во светот лежи токму „обединувањето“. „Пролетери од сите земји, обединете се!“ (на германски: Proletarier aller Länder vereinigt Euch!) е една од најпознатите пароли на комунистичкото движење, произлезена од „Комунистичкиот манифест“ на Маркс и Енгелс (1848).

Кога ќе ги слушнете пораките, поточно навредите и омразата што меѓусебно си ги испраќаат, тогаш станува јасно дека имаат некое чудно, дури и патолошко сфаќање за значењето на терминот „обединување“

Оваа парола беше државно мото на СССР уште од времето на Ленин и Сталин. Таа беше дел од нивниот државен грб, како и од грбовите на сите нивни републики и автономни покраини. Повеќето весници го имаа ова мото во своите заглавија. Повеќето комунистички партии низ светот го имаа напишано на своите знамиња. Сојузот на комунистите на Југославија го имаше на своето знаме. На крајот на краиштата, под овие знамиња и под оваа парола изгинаа милиони луѓе во светот.

Фашизмот, исто така, се повикува на „обединување“, односно сплотување. Италијанскиот збор „fascio“ во значење на „сноп“ е базата врз која младиот ветеран од Првата светска војна, Бенито Мусолини, на 23 март 1919 го формира своето озлогласено, народно и популистичко движење „Fasci Italiani di Combattimento“ (Фашистички италијански борбени легии), кое потем прераснува во Национална фашистичка партија (Partito Nazionale Fascista, PNF).

Би рекле дека останатото е историја, само да не сме толку склони кон заборавот. Имено, малкумина уште споменуваат дека фашизмот не е само радикална, насилна, десничарска политичка сила, туку дека е и културно движење (Мусолини, па и Хитлер, токму во овој факт ја гледаат „сплотеноста“ до народот). Следејќи ги естетските визии на италијанскиот поет Габриеле Д’Анунцио и контроверзиите на тогашниот технолошки прогрес, на милитаризмот и борбата за правата на работниците, фашизмот во својата идеологија се обиде тоталитарно (од тука и потекнува терминот „тоталитаризам“) да ја опфати целата национална заедница, во која „државата“, „власта“ и „општеството“ ќе станат едно нераскинливо цело и така ќе се надминат општествените противречности.

Во пракса тоа значи дека секој што мисли поинаку од власта или од „општото“ мислење, односно секој што не е „сплотен“ или „обединет“ е „сомнително лице“, „платеник“, „предавник“ итн. И затоа треба да се отстрани од заедницата или, во подобрите случаи, да се „превоспита“.

Ете, затоа ми пречи толкавото повикување на „сплотување“ и на „обединување“. Навистина очекував нашите „европски“, „зелени“ и „модерни“ партии да најдат начин и да ја испочитуваат мојата индивидуалност. Како и на другите гласачи, се разбира. Се надевав дека во предизборната кампања ќе се разговара за, на пример, зголемување на опфатот на вакцинација во мојата општина. Или за искористување на јавниот простор за некакви културни содржини. За формирање улични кина. За неприкосновени детски отворени простори. А не за обединување и сплотување, што и да значи тоа.

Да, ќе излезам на гласање, ама одбивам да се обединам или сплотам.