Љубопитноста ме натера да ја изгледам популарната серија на Нетфликс, „Squid game“, која урива рекорди на гледаност, отвори многу дебати околу сцените на бруталност, околу непостоењето граници до каде може да оди бруталноста, заедно со стравувањата дека неповолно може да се одрази на младите генерации, кои инспирирани од тензичноста во серијата, „реплицираат“ дел од игрите.

Сето ова е легитимно за анализа, но она што најмногу фрапира се точките на совпаѓање со она што се случува кај нас, на локалните избори: вечната игра на животот и смртта!

Во надреалниот натпревар во серијата, луѓе заглавени во разни долгови прифаќаат да играат игри за да освојат голема парична награда и да преживеат, или – ќе бидат убиени. Нема друга опција. Или ќе победиш, или си мртов. Патот до исходот е поплочен со шест игри (налик на шест „изборни“ круга) низ кои се спроведува бруталната елиминација во играта на живот и смрт.

Во сите изминати 30 години се градеше атмосфера во која исходот од изборите беше третиран како победа по револуција – победникот зема сѐ

Што е поразлично од нашите изборни игри? Ништо. Вината за тоа не припаѓа ексклузивно на ниедна партија, туку на сите заедно. Во сите изминати 30 години се градеше атмосфера во која исходот од изборите беше третиран како победа по револуција – победникот зема сѐ. Ако победиш, без оглед на долговите или грешките (криминали), ќе живееш во слобода и во привилегиите на власта. Ако изгубиш, формално си жив, ама практично „мртов“ или на пат кон затвор.

Ваквата игра, кога преку победа на избори се добиваат политички индулгенции, со години ги кочи и ги компромитира декларираните заложби за правна држава и неселективна правда. Во таквата игра, функционалната демократија се заменува со нејзиното функционирање по мерка на победникот, со декор-институции наместо со здрави и професионални институции.

Ваквите девијации многу им пречат на партиите кога се во опозиција, ама не и кога ќе дојдат на власт. На власт бргу се заборава против што си се борел и што си ветил дека ќе промениш. Кога тој основен анкер ќе попушти, кога ќе се пропушти една, друга, трета порака од граѓаните, кога навреме нема да се види дека конструкцијата е разнишана од манири кои требало да бидат целосно прегазени и исфрлени од политичката практика, а не да бидат наградени и надградени, тогаш епистоларното поправање на штетите не врши никаква работа. Само дополнително ја карикира состојбата.

Прогрес е кога секој ден ќе се ставаш во чевлите на луѓето што поминале илјадници километри во протести за да се смени една лоша матрица на владеење, а не да се замени со разубавена верзија

На гласање за пат кон прогресот може да повика само тој што конзистентно се раководел од таа идеја, не само во однос на отворањето на евроатлантските перспективи на земјата, туку и во секој друг сегмент. Бидејќи прогрес е и навреме да расчистиш со неспособните или корумпираните кадри, кои се синоним за обратниот процес – регрес.

Прогрес е ако не се однесуваш со истите манири, со кои критикуваниот опонент претходно се однесувал кон тебе. Прогрес е кога луѓето ќе бидат вреднувани според своите компетенции и вештини, а не според послушноста во партискиот дрес.

Прогрес е кога навреме и бескомпромисно ќе се искористи „метлата“ за расчистување со џаболебари, неработници и клиентелисти прикачени на буџетската инфузија, а не да им се дава нова шанса само затоа што отсуството на резултати слаткоречиво го компензираат со пофалби за власта. Прогрес е да се разбере навреме, а не предоцна, дека ако таквите не си ги метел, на крајот самиот ќе се сметеш.

Прогрес е јасно да се разбере дека еднаш добиената доверба не е засекогаш дадена доверба. Прогрес е кога секој ден ќе се ставаш во чевлите на луѓето што поминале илјадници километри во протести за да се смени една лоша матрица на владеење, а не да се замени со разубавена верзија.

Прогрес е кога вината за неуспесите нема да се бара кај другите, туку прво кај себе. Прогрес е кога суетата, ароганцијата и ставот „мојот/нашиот збор ќе биде последен“, ќе му отстапат место на внимателното слушање и уважување на аргументите на другиот. Прогрес е кога нема да се постапува обратно од интересот на оние што те избрале да им служиш, во најбуквалната смисла на зборот. Прогрес е да се разбере дека луѓето знаат да препознаат разлика меѓу искреност и глума.

Прогрес е кога секој ден ќе се ставаш во чевлите на луѓето што поминале илјадници километри во протести за да се смени една лоша матрица на владеење, а не да се замени со разубавена верзија

Прогрес е кога во речникот на политичарите ќе заживее признавањето, а не прикривањето на грешките, бидејќи граѓаните повеќе ги почитуваат тие што искрено ќе кажат „извинете, згрешивме“, отколку постојано да гледаат дефиле од политичари што секогаш се безгрешни и секогаш се во право.

Прогрес е кога ќе се научи дека веднаш и без исклучок треба да се понесе одговорност за грешките, бидејќи секое калкулирање и купување време го покажува токму спротивното – недостигот од искрено чувство за одговорност.

Овдешните политичари, оваа лекција ја знаат теоретски, ама во практика не ја потврдуваат во очекуваниот обем. Гласачите, кои досега многупати знаеле и да простат и да покажат трпение, во последната игра (вториот круг) ќе си го кажат последниот збор. И повторно ќе ги имаат предвид сите околности, разлики, нијанси, објективни причини, примени или непримени пораки, пречки, резултати и грешки. Исто како пред четири години. Исто како и на секои избори. На верувањето дека „народот сѐ знае, само треба да му се каже“, одамна му помина рокот.