Не ги сакам интервјуата на Никола Груевски. Било да се печатени или телевизиски. Секогаш се полни со помпезни и демагошки фрази, испразнети од каква било содржина и суштина. Но, морам да признам дека неговото интервју на „Алфа“ го чекав и го изгледав целото. Сакав да видам дали во оваа нова опозициска улога нешто ќе смени во својот пристап кон јавноста, дали ќе најави свое повлекување по вториот круг од локалните избори и дали ќе каже како ќе ја реформира, односно консолидира својата партија.
Се разбира дека интервјуто личеше на „пеење в шума“, омилената дисциплина на храбрење на оние кои објективно се чувствуваат како да газат низ мрак по непознат терен, преполн со нагазни мини. А, такви, по изборите од 15 октомври, рака на срце, ги има премногу. И сѐ уште ги предводи токму Никола Груевски.
Толку беше од „новата ера“ и обидот да се фингира модерна политика. Нѐ очекува мачен период кога повторно ќе се актуелизираат националистичките наративи, конспиративните заговори и наводното загрозување на државата, идентитетот и слични будалаштини
Иако во интервјуто немаше ништо од она што го очекував, сепак од него можеа да се извадат неколку поенти. Груевски вели дека бил учесник и набљудувач на голем број изборни циклуси и дека тоа му дава за право да тврди дека поткуп на гласачи во олкави размери, како што тоа било на изборите 15 октомври, никогаш немало. „Секогаш имало поткуп на гласачи, но олку голем немало никогаш“, тврди Груевски.
Оваа, би рекле, смела констатација отвора неколку прашања. Ако навистина во сите изборни циклуси во кои тој учествувал или ги набљудувал имало поткуп, тогаш прашањето е што направил тој во врска со овие изборни девијации? Дали ги пријавил поткупувачите на Државната изборна комисија или уште подобро на полицијата, бидејќи станува збор за сериозно кривично дело? Ако ги пријавил, тогаш кои се тие и дали се процесуирани? Ако не се, зошто не се?
Но, најинтересниот момент е дека не ги пријавил. Зошто? Нема друг логичен одговор, освен дека поткупот бил извршен во негово име и во името на неговата партија. Ако беше поинаку, тогаш бездруго би тропал на сите тапани, како што впрочем тропа денес. Има и друг возможен одговор: Груевски изнесува паушални неточности за да го засили впечатокот за наводната нерегуларност на локалните избори. Еве, и да е така, тогаш можеме лесно да поверуваме дека и сега говори во паушални неточности. Она што фасцинира е неговото познавање на механизмите за местење избори, особено на таканаречениот „бугарски воз“, што пак, сугерира некои други заклучоци, од кои ние ќе се воздржиме, бидејќи ќе се обидеме да го избегнеме токму методот на паушални констатации.
Се разбира дека интервјуто личеше на „пеење в шума“, омилената дисциплина на храбрење на оние кои објективно се чувствуваат како да газат низ мрак по непознат терен, преполн со нагазни мини. А, такви, по изборите од 15 октомври, рака на срце, ги има премногу. И сѐ уште ги предводи токму Никола Груевски
Кога го судеа и осудија новинарот Томислав Кежаровски за наводно откривање идентитет на заштитен сведок на четири и пол години, не се сеќавам дека Груевски ја прокоментира казната. Веројатно, Кежаровски не му изгледал за човек што го понеле емоциите, па затоа казната е таман пресечена. И точно е, не го понесоа Кежаровски емоциите, туку тој само си ја вршеше својата работа.
Груевски вади аргумент дека многу злосторници се на слобода, луѓе кои направиле поголеми криминали од толпата во Собранието (?), па според тоа и овие треба да останат на слобода. Уште само недостасуваше да каже дека ако некој краде, тогаш е во ред сите да крадат. Иако, се разбира, дека е во право со тврдењето дека многу криминалци се на слобода. Сѐ уште. Се надевам дека таа слика набргу ќе се измени и дека на криминалците ќе им се суди и пресуди онака како што доликува.
Од интервјуто на Груевски разбравме дека е готова и кусата приказна на кокетирањето на ВМРО-ДПМНЕ со таканаречената граѓанска десница. Тој вели дека со тоа партијата практично го изгубила својот идентитет и затоа била казнета од гласачите. Затоа, според него, потребно е партијата да се врати на изворната реторика и така повторно да ги придобие гласачите. Со други зборови, ВМРО-ДПМНЕ нема намера да се реформира и на некој начин се признава дека всушност не станува збор за современа десна партија, туку за своевидно движење, толку својствено за сите автократски, националистички и диктаторски партии, почнувајќи од Мусолини, Хитлер, Франко, па сѐ до Ердоган.
Тоа значи дека нѐ очекува мачен период кога повторно ќе се актуелизираат националистичките наративи, конспиративните заговори и наводното загрозување на државата, идентитетот и слични будалаштини. Толку беше од „новата ера“ и обидот да се фингира модерна политика.
Без оглед на тврдењето на Груевски дека неговата одговорност како лидер за состојбите во партијата е голема, впечаток е дека тој не мисли да се повлече. Всушност, токму најавата на враќањето на старата политика на ВМРО-ДПМНЕ го поткрепува овој впечаток. Имено, Груевски вели дека во партијата ќе направеле „длабински анализи“ на изборите, а потоа ќе го разгледале прашањето на одговорноста. Веќе отсега ги знам резултатите на партиските анализи. Највиновни се изборните нерегуларности и странскиот фактор. Па, потоа сите други. И на крајот Груевски.
Ете, тоа се нарекува „пеење в шума“.