И по Ташко – Рашко

Колумна на Сашо Кокаланов

Новата Влада ќе даде државен простор на користење на ново здружение на деца бегалци од Егејска Македонија. Станбениот простор претходната власт го беше дала на здружението на Ташко Јовановски, ѓоамити за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради, она што се прослави по донацијата на споменици низ Скопје и кое во јавноста важеше за пералница за пари на власта на Груевски.

Иако секретарот на Владата, Рашковски, неодамна изјави дека ќе се стави крај на „купувањето“ невладини од Владата, сега власта му го одзема просторот на Ташко и му го доделува веднаш на новоформираното „Т‘га за југ“, запишано во Централниот регистар пред само два месеца.

По тој повод, а во знак на поддршка и во чест на новокомпонираното здружение „Т`га за југ“, со надеж дека делото на Ташко ќе продолжи и со Рашко, ја препеавме познатата песна на Миладинов.

Т`га за југ

(Не)владини крилја как да си метнех,
В Централен регистар да се вметнех,
И в нови простории да си прелетнех!
Да видам Скопје, „Скопјанка“ да видам,
Провладин Егеец ја да си бидам,
Та не су глуп, и ја бронзен споменик знам да донирам!

Ако как крушорадци и попадинци пара ме стретит,
Ако Владата ко ореол везден ни светит,
На службен п’т ја ќе се стегнам,
С’ дневници и патни трошоци ќе си побегнам,
К’де с’нцето светло угревјат,
К’де таверни уза и гирој посевјат.

Овде веќе не е мрачно и мрак не н’ обвива
Дојде живот и убајна земја покрива:
А кога Скопје ќе фатат мразој и снегој и пепелници,
Силни ветришча и вијулици;
Блок дотација Рашко ќе ни стегни,
Да се кидне од м’гли и мразој земни,
З’ш да не мачат студој и мисли темни.

Не, ја не можам мадро да си седам,
Вмровски здруженија криминал да прават, ја да гледам!
Дајте ми простории стари,
Ќе видите како и сдсмовски Егеец знае да прави пари:
По наши кафиќи ја да си идам,
Провладина невладина ја да си бидам,
Та не су глуп, и ја бронзен споменик знам да донирам!

Овде власта греит душата
Бившиот зајдвит в гората,
Новиот им ја презема фората.
Власта е моќ, власта е сила,
Особено кога на избори растурила:
Споменот за Ќосето нек’ темнеит;
Нов живот за невладините нек’ белеит.

Владина или невладина,
Парата божева је хубавина.
Новинари да ме бараат, да ги игнорирам,
Дури прашања поставјат, ја кавал да си свирам,
С’нце да зајдвит, ја да се кријам.

П.С.

Додека ја рекомпониравме песната на Константин Миладинов и мракој нѐ обвиваа, стигна вест што грејт душата – утрово е рекомпонирана уште една убава македонска песна, „Море Сокол пие“. Аирлија и да не застанит тука.