Празен фајл: Каде е етиката од мејловите на Јанакиески?

Знам дека еден министер има многу обврски и дека не е лесно да пишува и книга, но овој книжевен предизвик не бара многу труд. Доволно е да напише само еден збор. Оставка! Поголем придонес од тоа – и не можеме да замислиме.

Слушајќи ги деновиве аудио-снимките што ги објавува опозицијата, гласот на министерот за транспорт Миле Јанакиески ми ги врати сеќавањата на еден настан од пред девет години. Истиот тој глас беше од другата страна на телефонската линија, кога ме замоли „за итна, неодложна средба, во четири очи“.

Следниот ден првпат лично го запознав. Беше март, 2006 година. Тој директор на скопски „Водовод“, јас уредник на „Дневник“. Дојде во договорениот термин со примерок од весникот и ми посочи текст, во кој авторот информира колку голем процент од водоводната мрежа сè уште поминува низ азбестни цевки, кои се штетни за здравјето на граѓаните.

Текстот беше напишан според сите професионални стандарди, а клучните информации за процентот на азбестните цевки во мрежата, беа добиени токму од ЈП „Водовод“. Со еден збор, од професионален аспект немаше ништо спорно во текстот.

Но, Јанакиески ја прекина мојата аргументација, објаснувајќи дека не дошол да го демантира текстот, туку да укаже дека авторот тенденциозно почнал да пишува критички текстови, заради одмазда што тој не му реализирал повеќе барања, а за кои новинарот подолго време му вршел притисок: да го уредува списанието на „Водовод“; да му вработи во претпријатието некој роднина или пријател и третото во најава – да му биде портпарол на „идниот министер за финансии“.

Бидејќи ова се случуваше неколку месеци пред ВМРО-ДПМНЕ да победи на изборите, претпоставувам дека во партиските комбинаторики мојот соговорник првично бил планиран за тој ресор.

На моето одбивање да поверувам во такво нешто, Јанакиески ми рече дека има конкретни докази – мејлови, и ако не ги избришал, ќе ми ги прати. Поминаа два-три дена, не стигна ништо. Таман помислив дека блефира, петтиот ден стигна мејловите. Од нивната содржина беше јасно дека новинарот и директорот приватно имале интензивна и пријателска комуникација, што не мора да биде ни проблем ни грев, ако не се помине црвената линија на она што значи професионална дистанца, како и загарантирано отсуство на конфликт на интереси – новинарот да следи проблематика која не е поврзана со работата на пријателот-директор.

Но, за жал, содржината на преписката ги потврди тврдењата на Јанакиевски, па и повеќе од тоа. Не мора да објаснувам колку бев поразена. Го повикав авторот, кој имаше статус на хонорарен соработник, првин да проверам дали доказите се вистинити или се „креирани“. Го замолив да ги погледне неколкуте содржини и да каже дали му се познати. Набрзина прелета со погледот преку нив и без никакво двоумење или обид да ја скрие вистината, рече: „Ова се приватни мејлови што му ги праќав на Миле. Нема да се правдам. Згрешив. Ве доведов во многу непријатна ситуација и ја изневерив довербата. Многу се извинувам. Не заслужувам повеќе да работам овде…“

Во целата таа мачна ситуација, тоа беше единствениот светол момент – доблеста да ја признае грешката и да ја понесе одговорноста преку „казната“ што сам си ја одреди.

Многупати се прашав дали Јанакиески ќе дојдеше со претставка, ако новинарот не се зафател со „критични текстови“ за работата на претпријатието. Секако, тоа ќе сведочеше само за калкулантството на Јанакиески. Но, немаше да го смени фактот дека новинарот ја преминал црвената линија, ниту да ја намали потребата и одговорноста за санкционирање на неетичкото и непрофесионално однесување.

За Јанакиески, кој дотогаш не го познавав, врз основа на таа епизода, изградив мислење дека е човек на кого му се многу важни моралните принципи. Што би се рекло, од едно „камче“ изградив мозаик за неговиот морален профил, па кога во почетокот го критикуваа за многу нешта во неговиот ресор, обвинувањата ги прифаќав со доза на резерва.

За жал, со текот на времето и под притисок на фактите, гледав како едно по едно паѓаат и се ронат камчињата од тој мозаик. Но, ни во најлош сон не ќе можев да претпоставам дека еден ден од него ќе остане едно НИШТО. Дека наметнататa перцепција за голем етички формат, ќе се сведе на празен А4 формат.

Гласот, кој според опозицијата наредувал уривање, активирање динамити, кој запирал лифтови, преместувал згради, отворал црни вреќи, се заканувал со затворање музеи, со договари за копирање изборен материјал, со легализирање за поткуп, со постројување за гласање на затвореници, војници, учителки, па сè до очајнички обид да се дојде и до гласот на осум (8) домски деца, е гласот на истиот оној Миле Јанакиески кој пред девет години бараше да профункционира одговорноста за новинар што ги погазил етичките норми.

Се случило ли нешто во меѓувреме? Од времето кога старото раскантано „југо“ среде ноќ го оставало на улица и кога во секое време можел да си повика некое пријателче новинарче за да му ја турка колата и да му купува бурек, дали до денес нешто драматично се сменило? Дали во меѓувреме е укината важноста на личниот и професионалниот морал? Дали Собранието изгласало таква одлука без да разбереме? Или моралот и натаму е важен, но само за оние кои не се на функција.

Не сакам да релативизирам дека новинарската (не)одговорност произведува ефекти или последици само врз бројот на читатели или гледачи-консументи на производот. Дури и да имате еден читател, важно е да имате чесен пристап. Само сакам да потсетам дека одлуките на еден министер, кој и да тој, произведуваат ефекти/последици за повеќе од два милиони жители, колку што ги има во оваа земја. Секако, бројката земете ја со резеврва, со оглед дека помалку ги има во реалноста, отколку во избирачките списоци.

Патем, пред девет години не ја прочитав книгата што тогаш ја објави директорот Јанакиески, под наслов „Мојот придонес за Скопје“. Можеби и не сум згрешила. Пo девет години, читам деновиве во „Утрински весник“, дека сè уште не биле сменети азбестните водоводни цевки. Но, подготвена сум да ја прочитам неговата нова книга, претпоставувам под наслов „Мојот придонес за Македонија“.

Знам дека еден министер има многу обврски и дека не е лесно да пишува и книга, но овој книжевен предизвик не бара многу труд. Доволно е да напише само еден збор. Оставка! Поголем придонес од тоа – и не можеме да замислиме.