Премиер за декор

Во изминатиот период, речиси и да немаше тема, а да не биде подведена или толкувана како „антиалбанство“. Како антиалбанство беа „попишани“ и прашања за тендерите што ги добиваат донаторите на една партија, местени огласи за одредени позиции, сопствеништво во деловен центар со нула инвестиција и ред други, сѐ до кавги во ТВ-дебата.

Иако во срцевината на овие случаи беа сомнежи за клиентелизам, корупција и трговија со влијание, се направи замена на тезите – темите од интерес да се табиузираат, тезите за одбрана да се етнизираат.

За мене, пример за антиалбанство е токму инсистирањето на „премиер Албанец 100 дена“? Ако формулацијата „20 проценти“ Албанците ја сметаат за навредлива и сакаат да ја сменат со формулацијата „албански јазик“, тогаш како би им правело чест да имаат арбитрарно договорен, симболичен премиер 100 дена?

И додека толерираш дудуци, вистински образованите Албанци (а и не само тие), со дипломи од престижни универзитети, седат дома затоа што не се партиски членов

Може ли да имаме премиер Албанец со полн мандат или претседател на државата Албанец? Да. Не поради тоа што е Албанец, туку затоа што низ неговата претходна работа потврдил дека е чесен, образован, квалитетен и докажан стручњак во својата област, добар човек, пример за градење мостови меѓу заедниците.

Зборуваме за личност што не би прифатила да му биде залепена декларација „произведено во Пржино“ и „рок на траење три месеци“, ниту да биде „испилен“ во канцеларија на Министерството за политички систем, во некоја пауза меѓу партија баскет или фудбал на мали голчиња, каде што имињата на кандидатите ќе се фрлаат на масата заедно со испотените кошули.

Ќе речете – во општество каде што меритократијата е избркана, а без партиско-политички договори (за меѓусебна поддршка) ништо не се постигнува, тоа е утопија. И ќе биде утопија, сѐ додека не се демонтираат елитите кои себеси се сметаат за „господари“ на политиката и државата, и додека нивниот модел на византиско однесување не се замени со вистински европски.

Ќе го земам како илустрација минатонеделното одбележување на денот, кога во 1944 година, во Сопот биле убиени 64 Албанци. Иако официјално ним им беше посветен 4 ноември, видовме само галерија фотографии од припадници на УЧК и конфликтот во 2001 година.

Најголемата изложена фотографија беше со ликот на Али Ахмети, кој таму се обрати, а најголем „експонат“ во дворот на дивоизградениот Меморијален комплекс беше мермерна плоча со карта на Голема Албанија. Бујар Османи го правдаше Ахмети дека таму бил само гостин, а не организатор, а пораката што ја испратил не била за Голема Албанија, туку за Голема Европа.

Во Голема Европа не се оди со големи дивоградби. Антиалбански чин е самиот факт што Меморијалниот објект за тие жртви е сместен во дивоградба, а не во правно легален објект, што доволно говори за нивото на искажаната „почит“. Трето, без оглед што Ахмети не бил организатор, кога ја видел плочата со Голема Албанија, имал можност да се „обрати“ поинаку, на пример со ваква порака: „Постојано зборувам за потребата од уставни измени, за Македонија интегрирана во ЕУ, за една голема држава – тоа е Голема Европа, и тоа го повторувам и пред сите странски амбасадори. Затоа, нема да се обратам овде сѐ додека оваа плоча не биде отстранета“.

Околу Сопот прилично се прослави и премиерот Ковачевски, објаснувајќи дека плочата била на приватен имот. Се надевам оти не сака да каже дека суверенитетот на државата не важи врз приватниот имот!?

Имал избор. Можел и така да каже, ама не го направи тоа. Па, кога од ДУИ велат дека Извештајот на ЕК е таков затоа што опозицијата не ги гледала државните, туку само партиските интереси, ги молам да објаснат кој државен интерес го одбрани ДУИ пред картата на Голема Албанија во Сопот?

Не може да се зборува за Европа додека да се инсталираат големодржавни симболи. Едното со друго не оди. Во основа тоа е антиалбански чин, бидејќи наметнува слика за целата албанска заедница како лицемерна. 

Околу Сопот прилично се прослави и премиерот Ковачевски, објаснувајќи дека плочата била на приватен имот. Се надевам оти не сака да каже дека суверенитетот на државата не важи врз приватниот имот!?

Настанот во Сопот ја зголеми меѓуетничката недоверба и сомнежот – дали ЕУ навистина е цел или само покритие? И мижењето на политичарите пред картата на Голема Албанија е антиалбански чин. Зошто? Кога лидер на владејачка партија на Албанците говори пред неа и не бара да ја отстранат, испраќа порака до другите етнички заедници дека тие во Албанците нема да најдат доверлив партнер во градењето заедничка иднина, без да бидат вознемирувани со етноцентрични пораки за големи држави и менување граници.

Сличен ефект врз зголемување на недовербата произведе и чинот на министерот Крешник Бектеши, кога во Тирана го најавија како македонски министер, а тој ги коригираше: „Јас сум министер на Cеверна Македонија, не сум Македонец, јас сум Албанец“.

Антиалбанство е и кога ќе поставиш партиски кадар за директор на Бирото за метрологија, кој дури тогаш ќе ја научи разликата меѓу метрологија и метеорологија. И додека толерираш дудуци, вистински образованите Албанци (а и не само тие), со дипломи од престижни универзитети, седат дома затоа што не се партиски членови.

Вакви елити може да се изборат само за таков премиер – декор, за 100 дена. До премиер Албанец со полн мандат или претседател Албанец, се стигнува на поинаков начин – со искрено инвестирање и градење на меѓуетничката доверба, која неминовно ќе возврати со максимална поддршка за архитектите на таков процес. Кој не верува, нека провери. Нема да згреши.  

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија