Базата на податоци „’Скопје 2014’ под лупа“ е новинарски одговор на игнорирањето на јавноста, на обидот со парцијални податоци да се затскрие големата слика. Таа е повеќе од дневна вест, таа е ресурс за многу идни новинарски истражувања и не завршува со нејзиното објавување.
Како ретко кој потег на Владата на Никола Груевски, проектот „Скопје 2014“ е истовремено критизиран и воспеван, опишуван и „допишуван“ со нови објекти. За него се трошеле средства од буџетот, заради него се протестирало, се чувале паркови и се сечеле дрвја со полиција, се гушкал ГТЦ, се прогласувале „предавници“ и „странски платеници“, се пишувало, кажувало, но најмалку – се докажувало.
Проектот „Скопје 2014“ во колективната меморија е препознаен како дилема: или си „за“ или си „против“ еднакво биполарна како или си ВМРО или си СДСМ. Неговата приказна уште на почетокот е киднапирана во партиските говори и соопштенија. Граѓаните и фамозниот „јавен интерес“ што ги движи новинарите, останаа да се борат за своето право на став, да се борат против ветерници, со внатрешниот естетски компас против партиска пропаганда и етикети, да се борат со прашања против агресивното игнорирање.
Новинарите,подеднакво како и јавноста, изложени на споменичната инвазија, 35 скултури одеднаш, десетици споменици практично во еден ден, катни гаражи, фасади, стотици конкурси, договори,.. главно се држеа до првичното, логично прашање – колку сето ова нѐ чини?
Во потрагата по одговорот на ова прашање, намерно премолчувано, исмејувано и фалсификувано, новинарите на БИРН дојдоа и до многу одговори. Сите се содржани во базата на податоци „’Скопје 2014’ под лупа“ . База која документира и ја изложува на судот на јавноста самата супстанцијаа на овој контроверзен проект.
Од неа произлегуваат одговори не само за парите, фирмите, авторите, архитектите туку и за намерите и самиот метод со кој изминативе години се реализираше, и сѐ уште се реализира замислата под кодното име „Скопје 2014“. Замисла која, како што слушнавме од премиерот Груевски, завршува со споменикот на Мајка Тереза на плоштадот „Македонија“. Кога станува збор за јавни пари.
Оние изградени од невладини организации, приватни фирми или донации не се предмет на оваа база. А и нив ги има доста.
Сепак, предмет на базата се исклучиво објекти кои се финансирани од буџетот. Применет е класичен метод на дата новинарството. Во сумата на чинење на објектите се вкалкулирани само суми за кои постои пишан документ или податок доставен до новинарите од институциите.
Потрагата по нив траеше со месеци, со пребарување на веб страницата на Бирото за јавни набавки, со барања според Законот за пристап до информации од јавен карактер, со жалби до Комисијата за пристап, со фотографирање (и барање на некои) заборавени скулптури, со читање тендерски документации, со проверувања, одново и одново.
По најмалку осум месеци работа се покажува дека речиси и нема објект кој влезе во базата на податоци за кој не се откриени проблематични места. Процедурите се свртени наопаку и служат да се задоволи формата. На Иницијатива на владино министерство, локална самоуправа ,.. општина Центар во времето на градоначалникот Владимир Тодоровиќ носи одлука и потоа таа одлука станува официјална со објавување во Службен весник. Но, до тој момент, конкурсите се направени, идејните решенија избрани, договорите со авторите потпишани, а самите споменици практично излеани.
Сумите објавени при поставувањето на камен–темелниците најчесто се неколкукратно пробиени. Основните договори се обременети со десетици анекси. Кога тоа не е доволно се прават нови Основни договори,нови „ревидирани основни проекти“, повеќе стручни надзори.
Некои од нив не се објавени. На пример, Основниот договор за изградбата на објектот на Кривичниот суд не е достапен на веб страницата на Бирото за јавни набавки. Податокот на колку е склучен Основниот договор го најдовме во пресудата на Комисијата за жалби за јавни набавки (која е достапна во базата) во која е наведено дека основниот договор имал 21 анекс. Од нив јавно се објавени само два. Министерството за правда е единствената институција која воопшто не одговори на прашањата на БИРН.
Но, дури и со неколку недостапни податоци, базата со документи, математички го покажува она што и на лаик му беше јасно, „Скопје 2014“ не чини 80 милиони евра, како што беше првично најавено, не чини ниту нешто над 200 милиони евра како што тврди Владата туку чини повеќе од 566 милиони евра. И таа сума може само дополнително да се зголемува.
Дел од скапите објекти сѐ уште се во фаза на градење, некои пак, се целосно уништени токму поради новото градење, па нивното „враќање“ дополнително ќе чини. За некои одржувањето е скапо. како што се фонтаните, илуминациите, поправањето на веќе видливите пукнатини, проблеми со статиката, од патина „изедените“ релјефи леени во Италија.
Но, базата на податоци „’Скопје 2014’ под лупа“ не ги дава одговорите само за парите.
Отсуството на елементарна промисла која резултира со уривање на изграденото или дислоцирање на поставеното во рамките на самиот проект е драматично видливо, а во базата е и лесно проверливо. Навистина, зошто некој би потрошил илјадници евра за обновување на скопската градска плажа, за потоа да ја уништи и претвори во градилиште?
Зошто некој би распишал конкурс за 35 скулптури , а потоа дел од нив би ги дислоцирал или би дозволил да бидат фрлени по ќошиња, затрупани во градежен хаос?
Молчи Министерството за култура, молчат и авторите. А оние што со своите првични скулптури го купија билетот за учество во целиот проект и се негови гласни поборници, повторно и повторно се избирани на следните конкурси, добиваат втори, трети или откупни награди, за што говорат документите во базата на податоци.
За волја на вистината, молчи и јавноста, уморна и комплетно анестезирана , со перцепција која што веќе и не регистрира скулптура, ако таа не е над пет метри. Работејќи на базата на податоци, имавме проблем да лоцираме каде се префрлени скулптурите од конкурсот од 2008 година.
Најзначајна скулптура од тој конкурс, за кој можеме да речеме дека е првиот бран на „Скопје 2014“, иако концептот, според документите што БИРН ги објавува датира од 2006 година, е всушност – Порта „Македонија“.
Да, идејното решение за Порта „Македонија“ е избрано на конкурс за 35 скулптури во централното градско подрачје. Ако за „Три врби во реката Вардар“, избрани на истиот конкурс, можеме и да кажеме дека се уметничка инсталација, за Порта „Македонија“ таквата квалификација тешко ќе оди.
За некој кој ги набљудува работите отстрана, би било нормално вака грандиозен проект, од самиот свој почеток да биде транспарентен, отчетен, а над сѐ – логичен. Апсурдноста и хаотичноста на „Скопје 2014“ воопшто не се бенигни, тие уште на старт можат да го обесхрабрат секој обид за истражување.
Затоа оваа база на податоци е одговор на хаосот, на обидот со мноштво парцијални податоци да се затскрие големата слика. Таа е новинарски потфат на БИРН кој нема дневна употребна вредност. Таа е повеќе од вест, таа е ресурс за многу идни новинарски истражувања и не завршува со нејзиното објавување.
Вистинската приказна за „Скопје 2014“, допрва почнува да се расветлува.
Се читаме…