Обраќањето на Ѓорге Иванов и една дедомразовска кражба во Скопје ме потсетија на една стара „Сликовница за возрасни и не толку возрасни“. Беше тоа многу едноставно и добро илустрирано четиво наменето за граѓанско образование, од 7 до 77 години. Во неа беа посочени пет основни симптоми кои покажуваат дека одредена држава забрзано се движи кон провалија: кога криминалци зборуваат за чесност, кога неодговорни политичари држат лекции за одговорност, кога кочничари на промени зборуваат за реформи, кога повторувачи го кројат образовниот систем и кога корумпирани судии решаваат за правдата. Се разбира, има и редица други економски, но овие пет се сметаат за главни политички индикатори за лошата насока.
Беше тоа лесно, едукативно четиво издадено во западна демократија, која, според овдешната реторика што денес се поттикнува, треба да ја сметаме исклучиво за експанзионистичка, унилатерална и со сомнителни намери кон нашата сувереност.
Она што ми остави впечаток во овој мал прирачник (продаван во „страшното комунистичко едноумие“) беа неколку примери додадени во фуснота, а кои од граѓаните биле емотивно посочени како „многу индикативни“ во време кога се изгубени или пореметени општествените вредности. Тоа е кога корумпирани политичари претендираат да бидат нашироко прифатени како безгрешни и „светци“, кога лажни лекари ќе се дрзнат да лечат пациенти, кога образовани луѓе ќе почнат да бараат храна во контејнери за отпад и кога „Санта Клаус“ ќе ограби продавница или нечиј дом.
Ние досега имавме сѐ од ова: и пастир, и политички светци, и лажни спасители, сме имале и лажни лекари, имаме еден куп повторувачи кои цела деценија им се одмаздуваат на професорите и на образовниот систем, имаме инженери што бараат парче леб во народни и улични „кујни“, имаме судии кои им се оддолжуваат на политичарите за добиените доживотни функции… Поправете ме ако грешам, ама мислам досега не сме имале Дедо Мраз – крадец. Од завчера го имаме и тоа.
Полицијата трага по лице кое скриено зад маска „Дедо Мраз“ извршило разбојништво во маркет во Скопје. Не влегол преку оџакот туку низ вратата, па под закана со пиштол го одзел дневниот промет и избегнал во непознат правец. Како чин е срамен и криминален, како симболика – тажен.
Кога системот на вредности ќе се изврти наопаку, нечесните преку ноќ стануваат богати и успешни, а чесните се претвораат во сиромашни и губитници изложени на потсмев
Многумина ме уверуваат дека слично е и годишното обраќање на Иванов. Тоа пак, повеќе ми личи на трагедија – лична, морална, секаква… Во земја во која никогаш не се појавил некој Робин Худ, во која политичарите на законски начин ги осиромашуваат граѓаните, каде што богатите грицкаат од она што треба да им следува на сиромашните, каде никогаш не се случило чудо како од бајките – некој да спаси некого од животна или од егзистенцијална криза, ете, се најде „јунак“ да ја уништи дури и магијата за Дедо Мраз.
Веста за овој крадец падна во длабока сенка на обраќањето на Иванов, кој пак, секоја година во истиот период, исто така непотребно, ни краде од времето за да соопшти ставови кои не се ништо друго, освен нова и јасна поддршка на ставовите на неговите партиски ментори.
Но, Иванов и крадецот во суштина се длабоко поврзани. Крадливиот Дедо Мраз е производ на вредносниот систем што го пропагира професорот од Правниот факултет, Ѓорге Иванов, а кој во втор мандат е на функцијата претседател на Република Македонија, иако никогаш не стана тоа.
Иванов е тој што промовираше неказнивост за криминалот и се обиде тоа да го забетонира преку скандалозна одлука за аболиција на високи владини и партиски фунционери осомничени за криминал од висок профил. Ако се планирало тој криминал да биде простен, зошто да не биде простен и криминал од понизок профил, како што е грабеж на маалски маркет? Претпоставувам дека ова е „логиката“ што си ја извлекол овој „Дедо Мраз“ од лекциите на Иванов.
Кога системот на вредности ќе се изврти наопаку, нечесните преку ноќ стануваат богати и успешни, а чесните се претвораат во сиромашни и губитници изложени на потсмев. Кој живее со „крстот на чело“ – останува со „прстот во уста“. Ова е пораката што изминативе години полека но сигурно стигнуваше до сите. Тој вредносен систем веќе го наплати својот данок: избрка од земјава илјадници млади луѓе во потрага по пристојно место за работа и живот.
А сега, истиот Иванов раскажува прикаски дека одговорноста не смеела да лебди во воздух туку да биде дел од политичката култура. Па зошто тој остави неговата одговорност да лебди во воздух, додека цел свет се скандализираше од неговата одлука за аболиција? И згора на тоа, сѐ уште тврди дека бил во право. Значи, не ја разбрал димензијата на грешката, без оглед што ја повлече одлуката. Требаше и тој да се повлече од функцијата. Тоа е политичката култура, за која наводно се залага.
Ако таа не завладее, и ако не завладее правната држава, утре многумина ќе дојдат да се запишуваат на Правниот факултет со маска „Ѓорге Иванов“, за да ја исмеат разликата помеѓу она што се учи таму и она што тој го пропагира и го спроведува во практика. И по сите евидентни разлики, небаре одеднаш дошол од друга планета, секоја година предновогодишно лицемерно нѐ малтретира со истото прашање: „Како дојдовме дотука? На што се должи сево ова?“
И по сите евидентни разлики, небаре одеднаш дошол од друга планета, секоја година предновогодишно лицемерно Иванов нѐ малтретира со истото прашање: „Како дојдовме дотука? На што се должи сево ова?“
Дотука дојдовме со аналфабети маскирани во професори и претседатели, со ќосевци маскирани во премиери-технократи, со неизживеани деца маскирани во министри кои лудуваат со државни возила и сметки, и со многу кооперативни „Индијанци“ маскирани во коалициски партнери, а кои Иванов сега сака да ги попишува за да им го земе скалпот и да им го канализира чаламот во согласност со статистиката.
Дереџето до кое дојдовме се должи и на неговите компромиси со фактите, само заради зачувување на „угледот“ на партијата што го кандидирала за претседател и тогаш кога нејзините интереси се спротивни на интересите на државата.
Апсурдно е кога апологетот на крадецот повикува „држете го крадецот“, кога тој го рецензира СЈО, кога објаснува како дошло до проблеми на внатрешен и надворешен план, додека зад говорницата ја држи високо крената рачната кочница за откочување на процесите и за запирање на масовното исмејување и потценување на потребата од промени и демократија.
До лани се обраќаше од парламентот најчесто во полупразна сала, годинава од неговата резиденција, испразнета од каква било претседателска суштина, додека аурата со која зрачи и натаму рефлектира мизансцен на магарешка клупа која постојано си го дочекува истиот клиент и неговите празни фрази.
Очекувам наредната 2017 година да одбележиме крај на ваквата демагогија и нејзините промотори, грешките конечно да станат поука за поинакво дејствување, а не за погрешни поуки. Очекувам да биде година во која конечно ќе паднат маските за тоа кој, што, како и колку работел за земјата, а колку за сопствениот џеб. Помалку е важно колку дрпнал Дедо Мраз од дневниот промет. Поважно е да се утврди деценискиот на „сите светци“. Се разбира, сето тоа во легална и легитимна постапка, без реваншизми, без гнев, без тешки зборови, со факти и докази.
Очекувам наредната да биде година на крупни и тешки промени, многу подолготрајни од една календарска година, и многу пожешки од она што во кинескиот календар е заведено како година на црвениот огнен петел.
Кај нас овие пердувести птици најчесто се поврзуваат со фразата „се борат како петли на буниште“.
Нашето буниште одамна е преполно со разни видови отпад и време е да почне да се чисти и деконтаминира, а ирационалните борби и пресметки со разни внатрешени и надворешни непријатели да бидат заменети со голема општествена акција за ресетирање на институциите.
Па, првото „кукурику“ нека биде знак на будење. Второто за успешен и темелен почеток на големите промени! Среќна 2017!