Прв меѓу еднаквиот

  • 3
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Ете, и тоа се случи: првите непосредни, демократски, внатрепартиски избори во историјата на повеќепартиската, еднопартиската, та и внатрепартиската Северна Македонија. Да, станува збор за претседателските избори во СДСМ, за првпат спроведени според принципот „еден член – еден глас“.

Мора да се признае дека изборната трка меѓу Зоран и меѓу Заев беше неизвесна до самиот крај, ама членството, како и севкупната јавност, беа убедени дека на крајот ќе победи најквалитетниот кандидат.

Конечно, тоа и се случи. Победи најдобриот. А како и нема, кога во овој триумф на демократијата, што би рекле внатрепартиските другари од СДСМ, не само што беше реализирана непосредната демократија, туку таа беше надополнета и надградена, па на принципот „еден член – еден глас“ му беше додадено уште „еден кандидат“. „Еден член – еден глас – еден кандидат“ е всушност врвот на непосредната демократија. Впрочем, токму СДСМ тоа може најдобро да го потврди од сопственото искуство. Токму поучени од искуството „дека народот има право и кога греши“ се решија на овој усовршен, да не кажеме безгрешен, изборен систем.

Злобниците ќе кажат дека нема избори кога се избира еден меѓу едниот. И нема да бидат во право. Изборите со еден кандидат имаат низа предности.

Прво, еднокандидатскиот систем ја дисперзира одговорноста од гласачите. Луѓето повеќе не сакаат да се чувствуваат одговорни за она што самите го избрале. Многу е полесно кога немаат избор. Односно имаат избор меѓу еден кандидат.

Мора да се признае дека изборната трка меѓу Зоран и меѓу Заев беше неизвесна до самиот крај, ама членството, како и севкупната јавност, беа убедени дека на крајот ќе победи најквалитетниот кандидат

Второ, југоносталгичарите ќе кажат дека во Југославија беше многу подобро кога на еднопартиските внатрепартиски избори се избираше меѓу Тито (иако, тоа беа делегатски, а не непосредни избори, што само го докажува зголеменото ниво на демократскиот капацитет на актуелната партија на власт). Работите во бившата татковина отидоа удолу кога  се појавија повеќе изборни кандидати. На крајот на краиштата, работата е чисто математичка. Повеќе кандидати – повеќе грешки; еден кандидат – една грешка!

Трето, ако веќе официјалната мантра е „едно општество за сите“, тогаш таа најдобро може да се оствари – како? Па, преку еден кандидат. Едно општество, една партија, еден кандидат!

Зошто да не се воведе таков принцип и на државно ниво? Тензиите и поделбите драстично ќе се намалат, ќе нема неизвесности за континуитетот на политичкиот систем, плус ќе се обезбеди сигурност на функционирањето на системот. И како бонус: стабилно парламентарно мнозинство и јака влада.

Ако бидеме искрени до крај, многу од оние земји што ги третираме како демократски не бегаат од национални избори со еден кандидат. Лани, на пример, на претседателските избори во Исланд, довербата повторно ја доби непартискиот лик, историчарот Гвинди Јоханесон, и тоа со 92 проценти од вкупниот број на гласачите што излегле на избори. Слично, како и во СДСМ, во Исланд, по традиција, на претседателските избори никој не се кандидира против актуелниот претседател, ако овој се реши за уште еден мандат. А, ако некој сепак се реши да се кандидира, тогаш, по правило, добива помалку од десет проценти (како што тоа, впрочем, беше случај со нивните минатогодишни претседателски избори).

Вистинскиот претседателски изборен натпревар во оваа островска држава се случува само тогаш кога актуелниот претседател решил да не се кандидира уште еднаш. Од прогласувањето на независноста, во Исланд се одржале претседателски избори 21 пат, а дури 12 пати биле само со еден кандидат. Исклучоци се направени во 1988, 2004, 2012 и лани. И секогаш противкандидатот добивал десет и помалку проценти.

Тие што ќе се повикаат на изјавата на самиот Јоханесон дека исландскиот претседател има должност да ги поттикнува единството и солидарноста и во добрите и во лошите времиња, сигурно повторно ќе најдат сличности со реториката на старо-новиот претседател на СДСМ и актуелен премиер.

Ако веќе официјалната мантра е „едно општество за сите“, тогаш таа најдобро може да се оствари – како? Па, преку еден кандидат. Едно општество, една партија, еден кандидат!

 Но, и тука постои едно „но“. Во истата изјава, актуелниот исландски претседател, според „Icelandmonitor“, вели: „Јасно е дека граѓаните на Исланд не сакаат нивниот претседател да се меша во политиката. Тоа не би било во согласност со уставната пракса, ниту со перцепцијата што јавноста ја има за функцијата претседател…“.

Затоа, пак, парламентарните избори во оваа земја, чие население е отприлика колку половина Скопје, биле и повеќе од неизвесни, а ниту една од партиите не успевала достигне ниту 30 проценти од гласовите на излезените избирачи.

Суштински гледано, немам ништо против, ниту, пак, нешто особено ме интересира како и зошто СДСМ ги изведува своите внатрепартиски избори. Напротив. Сосема сум индиферентен кон какви било внатрешни процеси во која било партија. Во спротивно, секако би бил нечиј партиски член и активно би партиципирал во партиските политики. Она што ме интересира се славодобитните изјави на партиските апаратчици, токму во стилот „демократска авангарда“, „подигнување на нивото на демократијата“, „триумф на демократијата“… и во тој стил.

Изборот на најдобриот од едниот, ќе се сложите, и не е баш светол пример на „демократскиот триумф“. Повеќе ми наликува на онаа мисла на славниот филозоф, по потекло од овие простори, Аки Рахимовски,, кој на едно место ќе каже: „Од кај ти е идејата дека имаш право на избор“, па макар неговиот вкупен квантум бил и помалку од фамозните исландски десет проценти.