Првата жртва

Деновиве, до раце ми падна одличната книга на австралискиот новинар Филип Најтли „Првата жртва“ (The First Casualty). Пишувајќи за тешките услови на воените известувачи и фоторепортери, авторот тргнува од тезата на американскиот сенатор Хирам Џонсон, искажана уште во 1917 година, кога САД влегуваа во Првата светска војна, дека првата жртва на војната е – вистината!

На оваа теза се присетив со актуелното заострување на војната меѓу кабелските оператори и телевизиите со национална фреквенција, со спарингување, па и со директно учество на власта.  И тоа во време на нестивнување на епидемијата на ковид-19.

Имаше тука и тивок бојкот на владините конференции за печат, па и на активностите на Владата воопшто, од страна на националните телевизии. Метод, кој, се чини, успеа да им обезбеди извесни концесии за нив при плаќањето на давачките на државата, главно во делот на плаќањата за користење на националните фреквенции. Поучени од ваквиот развој на настаните, кабелските оператори ја применија истата тактика – на еден час го прекинаа емитувањето на програмата.

Не би рекол дека вистината прва падна на жртвениот олтар на оваа, помалку или повеќе, бесмислена војна меѓу емитерите и производителите на телевизиската програма. Има неколку причини за една ваква констатација.

Првата група причини се однесува на субјективното, односно на личното доживување на нашите телевизии како средства за јавно информирање. Со други зборови, не спаѓам во оние луѓе што првенствено или доминантно се информираат преку телевизиите, така што која било мерка да ја применат, било емитерите, било телевизиите, кај мене не предизвикува никаков хендикеп во однос на мојата потреба да бидам информиран. На пример, во истиот момент кога кабелските оператори го прекинаа емитувањето на програмите, мојот телевизор беше префрлен на Нетфликс. И остана на Нетфликс долго потоа.

Кокетирањето на политиката (и на опозицијата, а особено на власта) со медиумите под превезот на унапредувањето на демократските вредности не е ништо друго, туку обично лицемерие со кое всушност се купува наклонетоста на газдите

Токму примерот на Нетфликс е поучен за онаа втора група причини што имам намера да ја експлицирам. Имено, битката меѓу емитерите и произведувачите на телевизиската програма многу прецизно го покажува основното неразбирање на улогата на медиумите кај нас. И општествено, а уште повеќе политичко.

Имено, медиумите тука се идентификуваат со информирањето, односно со новинарството, а во суштина станува збор за економски оператори, кои, како и секој економски оператор, работат врз основа на профит и врз дадени услови на пазарот. Со други зборови, можеби новинари не можат да постојат без медиуми, ама медиуми и тоа како можат да постојат без новинари. Нетфликс е типичен пример што го потврдува ова правило.

Се сеќавам, на пример, дека во она што би можел да го наречам „мое време“, едно од главните средства за информирање беше радиото. Во тоа време главно можевме да ги слушаме програмите на тогашното Радио Скопје. Во принцип имаше малку музички емисии, барем со онаа музика што нас нѐ интересираше, па „висевме“ крај радиоапаратот со магнетофоните, а подоцна и со касетофоните, да ги снимиме песните што ни се допаѓаат.

И денес го имам истиот порив, само малку обратно поставен – добивам желба да снимам говорни радиоемисии, ако воопшто ги слушнам. Значи, на најголемиот број радиостаници денес не им се потребни новинари, а колку што гледам, поточно слушам, не им се потребни ни водители, туку само музички уредници, односно техничари што пуштаат музика.

Во таа смисла, колнењето во медиумите како основен демократски лост и како единствени гаранти на слободата на говорот едноставно – не држи вода. Особено не во системските и во општествените констелации какви што владеат кај нас.

Затоа и кокетирањето на политиката (и на опозицијата, а особено на власта) со медиумите под превезот на унапредувањето на демократските вредности не е ништо друго, туку обично лицемерие со кое всушност се купува наклонетоста на газдите, кои по правило не се медиумски магнати, односно чиј основен бизнис е прилично далеку од медиумската сфера, па „нивните“ медиуми најчесто им служат за остварување некои други бизнис-интереси. Ако е тоа така, а главно е така, тогаш стапнуваме на прилично плодна почва за клиентелизам и поткупливост.

Сепак, во ваков медиумски систем, очигледно поставен на погрешни темели, првата жртва е токму – информирањето. Без оглед како ќе се разреши судирот со телевизиите и кабелските оператори, информирањето повторно ќе биде осакатено. Имено, за голем дел, ако не и за најголемиот дел од медиумските консументи, единствениот извор на информирање се токму – телевизиите.

Значи, без оглед дали ќе биде прекинато емитувањето на програмата или, пак, ќе се емитува програма што нема да води (претерана) сметка за јавниот интерес, на штета ќе бидат граѓаните, кои или ќе бидат лошо и погрешно информирани или нема воопшто да бидат информирани, што на крајот се сведува на исто.

Затоа, актуелните акции за борба против медиумската неписменост и лажните вести се всушност некакви обиди да се справиме со последиците, а не со причините за ваквата ситуација. Да, за да постои медиумска писменост, неопходно е да постојат и медиумски писмени корисници, како и медиумски писмени творци, но секако и медиумски писмени политичари. Оние што навистина ја знаат важноста на новинарството и информирањето, кои го штитат јавниот интерес и со самото тоа – демократијата.

Звучи како флоскула, ама така е: во времето на пандемијата, кога се суспендираат темелните човекови права, важноста на информирањето, а не на медиумите, добива на значење. Во спротивно, првата жртва е онаа во која сите се колнеме – демократијата.