Русификација како денацификација

Во едно неодамнешно интервју за еден овдешен медиум, израелската амбасадорка во Македонија, Симона Франкел, на прашањето за наводната „денацификација“ како повод за руската агресија врз Украина, меѓу другото, ќе каже: „Мислам дека реферирањето кон нацизмот во политичките настани е деградирање на холокаустот и на жртвите на холокаустот, па не треба да ја правиме оваа споредба. Треба да ја избегнуваме.“

И навистина, преголемата фреквентност во политичкиот, па и јавниот простор на историски тешките зборови од типот на „геноцид“ или „денацификација“ (најчесто употребуваните изрази во оправдувањето на воените дејствија и интервенции од крајот на минатиот век, па сѐ до актуелната руско-украинска војна) оди првенствено во насока на поништување на премисата дека зборовите се знаци, односно дека тие нешто означуваат. Прелесната употреба на претешките зборови, не само што го деградира нивното вистинско значење, туку овозможува под овие категории да се подведе сето она што, како политичка пракса, нам не ни се допаѓа.

Во таа смисла оди и реториката на Владимир Путин, промовирана уште во јули 2021 година, во неговиот квазинаучен есеј за украинската историја. Во овој текст од пет илјади зборови, кој недвосмислено потсетува на фамозниот Меморандум на Српската академија на науките и уметностите (1986) и кој, меѓу другото, е дистрибуиран до сите војници на руската војска, Путин пишува дека „историското единство на рускиот и украинскиот народ“ е загрозено од „опасни геополитички игри“, кои Украина ја туркаат во орбитата на Западот. Според него, ако Русија сака одново да се наметне како фактор во Европа, Украина мора да остане во руската „сфера на влијание“.

Прелесната употреба на претешките зборови, не само што го деградира нивното вистинско значење, туку овозможува под овие категории да се подведе сето она што, како политичка пракса, нам не ни се допаѓа

Во овој текст, Путин отворено пишува дека распадот на Советскиот Сојуз бил катастрофа и тоа затоа што десетици милиони етнички Руси останале надвор од границите на Русија, при што и самите Украинци себеси се нарекувале Руси, сѐ додека болшевиците (Ленин) не им доделиле име и држава. Небаре нациите можат да се моделираат како со пластелин.

И сето тоа подмачкано со тезите за дистинктивниот православен и словенски карактер на руската нација, за која не важат никакви западни изуми од типот на демократија, независни медиуми и некакви други хомосексуални измислици. Значи, замислата за самостојна Украина што оди по својот пат е – историска неправда. И како таква треба да се исправи.

Се разбира дека ваквата Украина, која инклинира кон западните вредности, во очите на Путин е – неонацистичка.

Непобитен факт е дека во Украина, како и во многу други европски земји, постои екстремна десница, која е сериозен проблем за земјата. Меѓутоа, факт е и дека на изборите во 2019 година, оние на кои победи Володимир Зеленски, коалицијата на ултрадесничарските партии не успеа да освои ниту едно место во нивната Рада, украинскиот парламент, кој е составен од 450 пратеници. Со други зборови, нивното општествено влијание е навистина маргинално.

Наспроти врежаното мислење дека прозападните демонстрации на плоштадот Мајдан во Киев во 2014 година, со кои е урнат режимот на проруски ориентираниот претседател Виктор Јанукович, се изведени со помош на неонацистички групи, денес се знае дека во нив неславна улога имаат токму припадниците на руската тајна служба ФСБ.

Сепак, неонацистичките групи во Украина го доживуваат својот подем токму во 2014 година, но за време и по руската анексија на Крим. Имено, кога Путин го зазема Крим и практично ја открива тогашната жална состојба на украинските вооружени сили, десничарските групи, како што е „Десниот сектор“ и неговото воено крило, баталјонот „Азов“, се промовираат како бранители и поради тоа многу Украинци и денес ги почитуваат, наспроти нивната нетолерантна и фашистичка идеологија што долгорочно се заканува на безбедноста на земјата. По Крим, овие десничарски групи (милиции) се инкорпорирани во регуларните вооружени сили, при што „Азов“ има одредена „слобода“ во форма на поседување сопствен камп за регрутирање и нудење „кариери“ во редовната војска.

Движењето „Азов“ е формирано на почетокот на 2014 година од група беспризорни ултрадесни силеџии, фудбалски хулигани и меѓународни пробисвети, меѓу кои има и десетици руски државјани. Денес се проценува дека „Азов“ има околу десет илјади припадници и има статус на официјална единица на украинската Национална гарда.

Иронично е дека Русија зборува за „денацификација“ на Украина, при што е познато дека припадниците на „Азов“ се тесно поврзани со блиски соработници на Путин

Наспроти претседателот со еврејско потекло и прозападната и продемократска ориентација, Украина не можеше или не сакаше да се соочи со проблемот на ултрадесницата. Причините за ваквиот однос се повеќеслојни. Од стравот дека чистењето на десничарските симпатизери од полициските и воените сили ќе ја предизвика руската пропаганда за „нацистичкиот“ карактер на украинската држава, па сѐ до моќните покровители на „Азов“ од највисоките ешалони на власта. Како пример за поврзаноста на власта со „Азов“ се споменуваат доскорешниот министер за внатрешни работи Арсен Аваков, кој е во блиски пријателски односи со лидерот на „Азов“ Андреј Билецки, како и ветеранот на „Азов“ Сергеј Коротких, кој до скоро беше високо позициониран полициски службеник.

Сегашната украинска криза, „Азов“ се обидува да ја искористи за што подлабоко да се „вкорени“ во „мејнстрим“ одржувањето на воени обуки за цивили, претставувајќи се себеси како движење на ветерани „патриоти“ што доброволно зеле оружје в рака уште во првите денови на војната во 2014 година, кога украинската војска беше во целосен распад.

Сепак, како што забележува Мајкл Колборн од „Њу Стејтсмен“, инаку стручњак за украинската ултрадесница, тие не се непобедливи. Тој потсетува дека долгогодишниот покровител на „Азов“, бившиот министер Аваков се повлече од функцијата во јули 2021 година и од тогаш Движењето е практично во повлекување.

Од друга страна, иронично е дека Русија зборува за „денацификација“ на Украина, при што е познато дека припадниците на „Азов“ се тесно поврзани со блиски соработници на Путин. Некои од високите претставници на „Азов“, како што е веќе споменатиот Сергеј Коротких, се јавно обвинети дека биле агенти на руските безбедносни служби. Од шефот Билецки, па надолу, во текот на 2019 и 2020 година, припадниците на „Азов“ масовно се појавуваат на телевизиските канали поврзани со прорускиот политичар Виктор Медведчук. Не е на одмет да се каже дека Владимир Путин е кум на ќерката на Медведчук.

Со други зборови, во Украина има десничарски и неонацистички групи, меѓутоа причините за вака масовната руска инвазија многу повеќе треба да се бараат во „русификацијата“ отколку во „денацификацијата“ на земјата.

Ако поради ништо друго, тогаш поради фактот дека зборовите имаат свое значење и предметите и појавите треба да се нарекуваат со вистинското име.