Сала со огледала

Немаше поцинично место или напротив – можеби беше избрано „најсоодветното“ место што доликува за самит на 27-те лидери на ЕУ во овој момент. Да седиш во најлуксузната просторија на Версајскиот дворец – Салата со огледалата, додека светот го обиколуваат снимки од убиени цивили и урнатини во Украина, е отсуство на елементарен сенс за моментот. Уште поглупаво е оправдувањето дека овој избор бил направен заради полесно полициско обезбедување на високите гости. Зошто тогаш не се одржал онлајн-самит?

Контрастот е неумолив. Бегалци, ровови, премрзнати деца и гладни луѓе, кои ги бранат своите домови и градови, наспроти политичкиот крем на ЕУ, кој ги сместува задниците во раскошот од времето на Луј Четиринаесетти, додека погледот над нивните глави го краси најголемото насликано платно во Европа.

Што е разликата меѓу овој и комерцијалните настани што се организираат таму? На пример, во 2019 година, во таа сала, која е и една од најспомнуваните во дневникот на Марија Антоанета, беше организиран бал во барокни костими на темата „Марија Антоанета и модата“.

„Јака“ тема. Ама луѓе плаќаа 150 до 500 евра за учество, за да ја почувствуваат атмосферата покрај апартманите на „Кралот-сонце“ или на кралицата на која ѝ се припишува изреката „ако народот нема леб, нека јаде колачи“.

Непријатно место за самит, во време кога украинско дете почина од дехидратација, кога родилиште е затрупано во пепел, а илјадници луѓе се без храна и вода во градовите под опсада. Денес не е време за башкарење во раскошите на Версај.

Контрастот е неумолив. Бегалци, ровови, премрзнати деца и гладни луѓе, кои ги бранат своите домови и градови, наспроти политичкиот крем на ЕУ, кој ги сместува задниците во раскошот од времето на Луј Четиринаесетти

Но, ова не е единствената неповолна асоцијација. Во мај 2017 година, токму Путин беше во прва посета на новоизбраниот француски претседател Макрон, во Версај. Тогаш беше приредена и голема изложба за 300-годишнината од посетата на рускиот цар Петар Велики на Франција (1717), односно од дипломатските односи меѓу двете земји. Двајцата разговараа за Сирија и за односите Париз – Москва.

Макрон на прес-конференција отворено рече дека РТ и Спутник ширеле лажни вести во текот на претседателската кампања во Франција, наведе дека очекува деескалација на ситуацијата во Украина, а Путин – дека санкциите против Русија нема да помогнат за стабилизација на истокот на Украина.

Пет години подоцна, Макрон е пред крајот на мандатот, а духот на Путин повторно е во Версај. Сега со „мала“ разлика: Путин е агресор во Украина. Надежите на светот за мир се искршени на илјадници парчиња, но ништо не им фали на 578-те парчиња огледала во Версајската сала.

Во нив се мултиплицира изразот на лицата на Европејците, кои дебатираа како да се ослободат од зависноста од руски енергенси, но и за Украина, како дел од европското семејство. И како заврши таа дебата? Со декларација, во која се вели „Украина припаѓа на нашето европско семејство“, но без конкретни ветувања.

Да, никој не влегол во ЕУ преку ноќ, но во моментот во кој се наоѓа Украина, ова не значи баш ништо, дури ни тапкање по рамо. Ние добро знаеме како изгледа тоа. Во дворецот каде што е потпишан мировниот договор, со кој и формално заврши Првата светска војна, Салата на огледалата е сместена меѓу Салата на војната (salon de la guerre) и Салата на мирот (salon de la paix). Симболика за вечна „тампон зона“.

Не постои простор што може да го пополни Русија или кој било друг, ако самата ЕУ не го оставила на ветрометина и го исклучила од радарот

Тие што го чуваат клучот од европските порти, за жал, дури и во вакви времиња се далеку од габаритот и духот на таткото на ЕУ, Роберт Шуман. Го слушаат крикот на украинскиот народ, ама со ладна воздржаност, со гасен калкулатор во раката, со емпатија „во ракавици“.  А до нив беше упатена пораката на оној украински оркестар, кој на сета мака, најде време на плоштадот во Киев со толкава страст и емоција да ја отсвири „Одата на радоста“, со очи полни со надеж.

Слепи се и глуви за малата Амелија, која во скривница, на чудесен начин ја отпеа „Let It Go“ од нејзиниот омилен филм „Frozen“. Мислите ли дека ќе се јави тимот на Евровизија и ќе рече излишен е секаков натпревар во ова време, но ова девојче е победникот за 2022 година? Не, такви бајки не се случуваат во реалноста, иако животот е таму, а не во оној версајски мизансцен, каде што сите газат по јајца заради свои интереси.

А тоа е она што најмногу произведува недоверба и кај земјите од Западен Балкан, кои со децении чмаат во предворјето на ЕУ. Не постои простор што може да го пополни Русија или кој било друг, ако самата ЕУ не го оставила на ветрометина и го исклучила од радарот.  

И кога сме кај „радарот“, додека се трага во чиј посед и под чија наредба било беспилотното летало што ноќеска се урна во Загреб, во сенка останува еден друг, поголем скандал. Државниот Воздухопловен-технички центар (ЗТЦ) од Велика Горица, пред инвазијата на Украина, ѝ продал на Русија мотори за 22 воени хеликоптери, зделка од над три милиони евра, декларирана како продажба на „цивилна опрема“, направена во четири очи и во преговори единствено со Русија!  

По анонимна пријава до обвинителството, отворена е истрага и стопирана е последната пратка од осум мотори. Но, претходните две стигнале до нарачателот, од кои втората два дена пред руската инвазија. Па, ако сојузниците во НАТО подолг период имале информации за намерите на Русија во Украина, чудно е како „радарот“ на НАТО не ја видел оваа хрватска зделка.

Но, такви непријатни „чуда“ се случуваат. Во време на војна уште повеќе. Еве кај нас, додека луѓето трчаа да направат резерва од четири шишиња зејтин, отприлика толкава сума (438 денари), некој дал за кавадратен метар атрактивно земјиште во центарот на Скопје. Каде е сега државното правобранителство да ги брани имотните права и интереси на државата. Не може, презафатено е со одбрана и заштита. На хонорарките, мислам.