Самит во подножјето

Средби на врвот, таканаречени самити, се организираат во Обединетите нации. Или во Европската Унија. Или во НАТО. Или во некои слични меѓународни организации. И, се разбира, во Македонија.

Македонските самити имаат свои специфики. Тие можат да бидат во проширен состав, кога ќе се соберат на кафе таканаречените лидери на куп партии; потоа во широк состав, кога ќе се соберат лидерите на најмоќните партии од македонскиот и од албанскиот блок; во потесен  состав, кога ќе се соберат Зоран Заев и Христијан Мицкоски и во најтесен состав, кога Зоран Заев ќе зборува во трето лице самиот за себе.

Инаку, во принцип, овие средби се секогаш историски и речиси никогаш не е познато зошто се историски. Особено, ако на нив не присуствува некој омекнувач, односно олеснувач од таканаречена меѓународна заедница. Тие се, евентуално, корисни за да разбереме колку ни се политичарите неспособни да остварат комуникација, барем на некакво основно или гестикулативно ниво, ако нема некој посилен до нив кој ќе биде подготвен да ги потегне за уши и евентуално да ги воспита со по некоја заушка. А, тоа, богами и не е најпријатна ситуација.

Ете, затоа, на пример ВМРО-ДПМНЕ, заедно со Мицкоски, ќе одбие да учествува на дијалогот „Жан Моне“ (таму, имено, има воспитувачи), ама затоа ќе побара лидерска средба меѓу Мицкоски и Заев (каде што ќе нема воспитувачи, односно на само, што би се рекло). И што се договорија Заев и Мицкоски на средбата. Дека ќе имаме фер избори? Дека дијалогот ќе продолжи? Дека партиски работни групи ќе го чешлаат, фризираат и маникираат Законот за јавно обвинителство и ќе го скројат Специјалното јавно обвинителство? И за тоа ли беше потребна „средба на врвот“?

Што е следното: Мицкоски и Заев, заедно со своите партиски групи, ќе расправаат како да се облекуваме, на која страна од улицата да одиме, што е најздраво за нас да јадеме, дали и каде да одиме на годишен одмор?

Во принцип, Заев и Мицкоски се договорија дека некогаш, кога ќе биде подолг денот, можеби и ќе се договорат, што, јасно, е добрата вест од овој состанок. Имено, сѐ додека тие навистина не се договорат, демократијата во земјава има некакви изгледи. Оној момент кога ќе се договорат, тогаш сметајте дека демократијата е суспендирана.

Оваа теза можам да ја објаснувам и подолго отколку што Мицкоски објаснува за супстанцата на неговата средба со Заев, односно до утре сабајле, ама од обѕир кон политички измачениот читател, кого допрва го чека психолошка тортура наречена избори, ќе се обидам само таксативно да објаснам како македонските лидери работат против демократијата.

Прво, која е логиката некакви партиски комисии да го чешлаат Законот за јавно обвинителство или кој било друг закон. Колку што мене ми е познато, партиите, и покрај сите настојувања, сѐ уште немаат статус на законодавни домови, ниту, пак, некој ги избираше партиските комисии да прават закони.

Всушност, логиката е ваква: партиите ќе се договорат, а Собранието ќе изгласа. Во тој случај, се поставува прашањето за потребата Собранието воопшто да постои. Замислете која заштеда ќе имаше буџетот само од патните трошоци на пратениците. Да не зборуваме тука за заштедата на буџетски плати од сите оние вработувања на бројните семејства на пратениците. Потоа на заштедата од очигледно непотребните избори за народни претставници.

Всушност, логиката е ваква: партиите ќе се договорат, а Собранието ќе изгласа. Во тој случај, се поставува прашањето за потребата Собранието воопшто да постои. Замислете која заштеда ќе имаше буџетот само од патните трошоци на пратениците

Второ, во чиј интерес, партиите и нивните лидери ќе носат закони? Во интерес на народот? На државата? На општото добро? Всушност, да! Но, само под услов народот да е партијата, а она што е добро за партијата, добро е и за државата. Значи, законите, како впрочем и сите одлуки што ги носи која било партија на овој свет, се само и исклучиво во интерес на партијата (или партиите), а партиските интереси, како што знаеме од искуство, не се секогаш, поточно речиси не се никогаш исти со она што се нарекува општ или јавен интерес.

Трето, која е логиката неколку луѓе, без оглед на форматот на овие фамозни самити, да се договараат за работи од кои сите ние зависиме? И од каде им е идејата дека токму тие се најумните што знаат за што се работи? Замислете само како на некоја од средбите Зоран Заев и Христијан Мицкоски се договорат, на пример, да направат парапетче околу Охридско Езеро. Или да си купат мерцедес од државни пари со екрани на седиштата. Всушност, убеден сум дека можете да замислите.

 Дури имам чувство дека имате чувство дека веќе сте ги прележале овие будалштини. За жал, политичките самоволија не се морбили и против нив нема вакцина, дури ни таква што би предизвикала аутизам или барем незаинтересираност за она што со инка ни го ставаат во веќе амортизираните мозоци.

Што е следното: Мицкоски и Заев, заедно со своите партиски групи, ќе расправаат како да се облекуваме, на која страна од улицата да одиме, што е најздраво за нас да јадеме, дали и каде да одиме на годишен одмор? И за овие реформски закони веројатно ќе биде потребно двотретинско мнозинство (а Заев, очигледно вљубен во овој збор, ќе сака да се постигне консензус), па ќе се договориме некако.

Тендерче ваму, вработување таму, амнестија онаму… Разумен компромис, што би рекол еден бивш претседател на една бивша југословенска држава.

Значи, самит е состанок на врвот. Само кај нас е средба во подножјето! На демократијата, се разбира.