Деновиве додека на сите страни ѕвечка оружјето, додека се анализираат траги од хемиски напади и се најавуваат воени акции, а на светската сцена интензивно оживуваат фрагменти од Студената војна, не постои ни една домашна тема која може да го апсорбира вниманието повеќе од овие опасни тензии на хоризонтот.
Во таква (не)прилика, единствено што сакам да споделам, е приказната за Станислав Евграфович Петров, некогашниот советски офицер кој спречи потенцијална нуклеарна војна помеѓу СССР и САД. Никогаш не го доби признанието што го заслужи, но останува вистинска поука за ризиците пред кои денес се наоѓа светот.
За да се има претстава за значењето на неговото дело, важно е да се објасни времето кога тоа се случува. Тоа е есента 1983 година, во периодот на Студената војна, кога расте атмосфрата на закани од нуклеарна војна. На чинот на Петров му претходат два клучни настани. На 1 септември 1983 година советското воздухопловство соборува јужнокорејски патнички авион во близина на островот Сахалин на истокот од земјата, под изговор дека се работи за шпионски авион. Гинат 269 патници и членови на екипажот, меѓу кои и конгресменот Лоренс Мекдоналд. Американскиот претседател Роналд Реган чинот го нарекува „варварство“ и „злостор кој не смее да се заборави“.
Тоа е период кога се прават и подготовки за петдневната вежба на НАТО под кодно име „Able Archer 83“, со цел да се симулира период на ескалација на конфликти, кој може да кулминира во симулиран координиран нуклеарен напад. Од страна на тогаш тешко болниот Јуриј Андропов, и останатото раководство во Кремљ, вежбата била протолкувана како подготовка за нуклеарен напад од западните сојузници. Тоа е период кога Студената војна го доживува својот максимум.
Во еден таков есенски ден, утрото на 26 септември 1983 година, советскиот офицер Станислав Петров бил на редовна работна задача во бункерот за контрола на воздушниот простор во тајната база Серпухов-1. Неговата секојдневна работна рутина била прекината кога новоинсталираниот систем за сателитско набудување и предупредување „регистрирал“ лансирање на еден интерконтинентален балистички проектил од територијата на САД. И покрај звучниот и визуелен сигнал за тревога, Петров останал потполно смирен. Според работниот протокол, бил задолжен веднаш на советското раководство да му пријави нуклеарен напад, кое пак, би имало на располагање само неколку минути да реши дали ќе го притисне „црвеното копче“ и ќе лансира интерконтинентални ракети.
Но, интуицијата на Петров му говорела дека најверојатно се работи за грешка во системот. Решил да не презема ништо.
„По 23 минути сфатив дека навистина ништо не се случило. Беше тоа големо олеснување“, изјави пред неколку години за „Раша тудеј“.
Подоцна, навистина се потврдило дека бил во право, бидејќи системот истиот ден лажно регистрирал уште четири лансирања на проектили од територијата на САД. Но, во моментот кога сѐ уште немал вистински доказ дали е во право, со неговата одлука спасил милиони животи. Кои мисли му се вртеле во главата во тие драматични секунди? Ако не е во право, би ја компромитирал способноста на Советскиот Сојуз да одговори на нуклеарен напад. Но, ако е во право, третата светска војна сигурно ќе биде спречена. За среќа, бил во право.
Таа одлука му ја донесе титулата „Човекот што го спаси светот“, која, за жал, никогаш не беше официјализирана. Во службата прво бил пофален за присебноста, но потоа изведен пред истражен воен суд, опоменат поради кршење на процедурата, а по неколку месеци и пензиониран. На прашањето на истражните органи – зошто веднаш не оставил службена белешка за настанот, одговорил: „Затоа што во едната рака го држев телефонот, со другата прекинувачот на системот за интерна команда, а трета рака немам“.
Сѐ до распадот на Советскиот Сојуз, за овој чин знаеле мал број воени лица. Многу подоцна, дури во 2008 година е снимен документарен филм за него. Потоа повеќе ТВ- куќи направија интервјуа.
„Никогаш не се сметав за јунак, само ја работев својата работа. Сирената крикна, јас седев молчешкум гледајќи во големиот осветлен црвен екран, на кој стоеше зборот ‘лансирање’. Немаше правило за тоа колку долго ни е дозволено да размислуваме пред да пријавиме ваков случај. Но, знаев дека секоја секунда одложување одзема драгоцено време, дека војската и политичкото раководство на Советскиот Сојуз треба да бидат информирани без одлагање. Сè што требаше да направам е да стигнам до телефонот и да ја активирам директната линија до нашите врвни команданти. Но, не можев да се движам. Се чувствував како да седам на врела рингла. Ги имав сите податоци за да сугерирам дека треба да одговориме на ракетен напад. Ако го испратев тој извештај до синџирот на команда, никој не би бил против“, рaскажа во интервју за Би-би-си.
Станислав Петров (1939-2017) почина на 77-годишна возраст, лани на 19 мај, во неговиот дом во Фрјазинo, гратче на 25 километри од Москва. Но, веста за неговата смрт беше објавена дури по четири месеци. Но, многу подраматично доцнеше признанието што требаше да го добие додека беше жив, иако неколку години постоеше иницијатива на невладини организации од целиот свет кои бараа ОН да го прогласи 26 септември за Ден на Петров.
Никогаш не е доцна. Барем не за поуки. Тој за време на животот не го доби заслуженото признание за чинот со кој буквално го спаси светот од трагичен епилог. Постхумното признание би било најсилната порака за разум, но и лекција дека за мир во светот некогаш повеќе можат да придонесат „малите големи луѓе“, отколку познатите светски политичари и амбасадори на мирот.