Сибелиус не е дома

Ми се жали колега од Брисел – вели дека не можел да разбере и да пресмета колку точно предлози и/или контрапредлози (со нивни варијанти, подваријанти и дополнителни услови) биле разменети меѓу власта и опозицијата околу уставните измени? 

Велам, и ние овде имаме проблем: не можеме да пресметаме колку пати досега претставници на меѓународната заедница порачаа „сега е моментот за Македонија и тој никако не смее да се пропушти“, а повторно сме на истото место и пред истата порака, и покрај сите направени компромиси во изминатите три децении. 

Па, ми текна на Денис Мекшејн, поранешниот британски министер за Европа (2002-2005) во владата на Тони Блер, кој во 2004 година, во Скопје ни порача: „Секоја земја има многу едноставен избор. Или го навивате вашиот часовник напред или го враќате назад“.

Поранешниот амбасадор на САД во Скопје, Џес Бејли мора да е многу неинформиран, кога вели дека „гледа напредок од времето на владата на Никола Груевски бидејќи имало судења од висок профил

И денес пораките се исти – ќе одите напред или ќе се вратите назад. Мекшејн, на кого му бевме многу лути поради арогантноста и театралноста со која го извади часовникот од раката, за и визуелно да ја засили својата изјава, ете, дури и тој, лани го критикуваше односот на ЕУ кон процесот на проширување во земјите од Западен Балкан. 

Во 2007 година, тогашниот еврокомесар за проширување Оли Рен, на прашањето кога Македонија ќе добие датум за преговори, одговори со анегдота за финскиот композитор Јан Сибелиус (1865-1957). Кога рано наутро неговата сопруга го прашала кога ќе си дојде дома, Сибелиус ѝ одговорил: „Драга моја, јас не сум претскажувач, јас сум композитор“.

Европските челници не можеа да претскажат дали ќе имаме двотретинско мнозинство за уставните измени, кои произлегоа како обврска од Преспанскиот договор, ама некои од нив ни порачаа тоа да го решиме „во комбинација на балкански и рационален начин“. Проблем е што тој начин веќе остави длабоки лузни врз правосудниот систем на земјава и сѐ уште ќе остава. 

Поранешниот амбасадор на САД во Скопје, Џес Бејли мора да е многу неинформиран, кога вели дека „гледа напредок од времето на владата на Никола Груевски бидејќи имало судења од висок профил, сериозни истраги за корупција, актери осудени за злоупотреба на системот“. 

Поради начинот на кој се стекна тоа двотретинско мнозинство, голем дел од тие судења станаа фарса, а дел од судените актери наскоро ќе добијат тапија за невиност. А ЕУ ќе нѐ критикува за лошо судство, заборавајќи дека тоа е последица на балканскиот начин на влечење потези, токму во име на НАТО и ЕУ.

Засега разликата во „напредокот“ може да се опише како премин од „кока-кола“ кон „кока кола лајт“, која на крајот ќе заврши како „кока кола зеро“. И наместо да се извлечат поуки за јаловоста на плодовите од накриво насадено дрво, сега земјата е пред ист притисок. Нема двотретинско мнозинство, а има голема огорченост поради навиката само од Македонија да се очекува подготвеност за постојани концесии.

ЕУ ќе нѐ критикува за лошо судство, заборавајќи дека тоа е последица на балканскиот начин на влечење потези, токму во име на НАТО и ЕУ

Како што вели Бејли, „уставните измени ќе ја засилат позицијата на Северна Македонија, која е многу инклузивна земја во тој поглед, и отсекогаш била, а ако Бугарија одлучи да не го прави тоа – добро, тоа е нејзин проблем“. Не, тоа не е проблем само на Бугарија, туку и проблем на ЕУ и на европските вредности, и на „лекциите“ што ѝ ги продаваат на Македонија. 

И тоа е она што ги револтира македонските граѓани – двојните аршини. А партиите го користат тоа најмногу за нивни партиски и изборни калкулации, а божем во име на иднината во ЕУ. И така дојдовме до фазата – внимавај што посакуваш, може да ти се оствари! 

Деновиве од Кабинетот на Груби го предизвикаа ВМРО-ДПМНЕ со став дека „Груевски има четирипати поголем рејтинг од Мицкоски и повеќе од една третина на гласачите на ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште го сметаат Груевски како нивен лидер“. Тоа ги потпали сомнежите во Белата палата дека шпекулациите оти будимпештанецот од Скопје работел на обезбедување мнозинство, можеби и не се шпекулации. 

Но, очигледно немало таков учинок, штом на лидерската средба, еден од предлозите на Ковачевски бил да се изгласаат уставните измени и веднаш утредента ВМРО-ДПМНЕ да влезе во владата, а СДСМ да ослободи половина од неговите места за претставници на ВМРО-ДПМНЕ. 

Мицкоски одговорил со измена на понудата – ДУИ да не биде во таа влада, а уставните измени да важат откако ќе почне ратификацијата на пристапниот договор на земјава во ЕУ. ДУИ се согласи да поддржи влада без интегративците до избори, ако опозицијата ги поддржи уставните измени и тие стапат во сила пред формирањето на таа влада. 

ДУИ ја нема ни во предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за „Македонија во ЕУ со зачуван идентитет“, кој е условен со избори наесен по кои би се формирала влада со сите партии, освен со ДУИ. Во Мала Речица ова ги врати сеќавањата на т.н. план на Заев, но без коментар го оставија да се тркала по теренот. 

По конфузијата во јавноста, СДСМ побрза триумфалистички да порача дека „нема никаква потреба ВМРО-ДПМНЕ да манифестира толку голема нервоза затоа што променила став и прифатила уставни измени и учество во широка влада за европска интеграција“, и дека тоа е основа за продолжување на дијалогот. ВМРО-ДПМНЕ возврати: „Ковачевски денес да си даде оставка, ДУИ е развластена“.

Ова ниту личи на обмислен и структуиран дијалог што води кон консензус за многу полесни прашања, а камоли за уставни измени. Ваквиот тон во „дијалогот“ не подотвора врата за решение, туку ја затвора, го принудува ВМРО-ДПМНЕ да докажува дека нема да отстапи од позициите. 

Евентуалното впишување на едни во Уставот, со „бришење“ на други од политички планови или потенцијални партнерства, може да се покаже како превисока цена за кревката македонска демократија 

На крајот, дури и да се најде формула што ќе ги покрие формалните услови на која била партија, сѐ што беше кажано ќе биде тежок товар за следните избори, кога и да бидат тие. Евентуалното впишување на едни во Уставот, со „бришење“ на други од политички планови или потенцијални партнерства, може да се покаже како превисока цена за кревката македонска демократија. 

Не само поради начинот на кој би се направил реванш поради нарушеното правило „победник со победник“, туку, пред сѐ, поради падот на довербата кај гласачите поради растегливите и непостојани позиции на партиите. Тој тренд веќе се наѕира. Земете ја како пример последната анкета на НДИ. Сите се фокусирани на гласачките преференции искажани за партиите што се во врвот на табелата: за ВМРО-ДПМНЕ 21,5 отсто, за СДСМ 13,9 отсто и за ДУИ (6,2 отсто). 

Никој не обрнува внимание на дното на табелата: нема да гласаат 16,7 отсто, одбиваат да одговорат 8,5 отсто, не знаат или не одлучиле за кого ќе гласаат 18,3 отсто. Вториве со вкупен процент од 43,5 отсто водат пред трите партии, кои заедно имаат 41,6 отсто. По последниот партиски рингишпил околу уставните измени, процентот на тие што нема да најдат причина за кого и за што да гласаат, само вртоглаво ќе расте. 

Овдешниот часовник можеби не е навиен правилно, можеби е и одамна расипан, ама и расипан часовник двапати во денот го покажува точното време. А времето што го покажува не нѐ води кон поглавјето „Темели“, туку кон она што најмногу го презентираме – „Раскопани темели“.