Градот Белград, без јасна правна основа, озаконил илјадници квадрати што нелегално ги изградила фирмата, во која косопственик е Дејан Станковиќ, познат поранешен фудбалер и српски репрезентативец, објави денеска БИРН-Србија.
Во периодот од 2019 до 2020 година, фирмата „Стефиал“ на Станковиќ подигнала две идентични згради во белградската населба Врачар, меѓутоа овие две згради заедно имале 3.500 квадрати повеќе од дозволеното.
Објектите биле целосно легализирани, и покрај тоа што српскиот закон предвидувал дека може да се легализираат само зградите што биле завршени до ноември 2015 година.
БИРН-Србија открива и дека фирмата „Стефиал“ слично „изиграла“ и со уште една зграда во друга белградска населба, каде што биле озаконети 1.700 спорни квадрати.
Оваа компанија, како и Секретаријатот за правни работи во Белград, не одговориле на прашањата на БИРН-Србија, во врска со изградбата и со легализацијата на овие објекти.
Според истражувањето, фирмата „Стефиал“ е основана во 2010 година, а во 2019, на Станковиќ му се придружил Драган Руварац, кој сега поседува 10 проценти од компанијата.
Дејан Станковиќ е поранешен фудбалер, кој се прослави како член на фудбалските тимови од Италија, Лацио и Интер. Со Интер тој ја освои и Лигата на шампионите во 2010 година.
Сега работи како тренер и сезонава го водеше тимот на Сампдорија, кој играше во првата италијанска лига.