Вчера во кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов имаше работа преку глава. По државничката одлука да му се каже историското „не“ на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, дојде најтешкиот дел од работата. Што да му твитне шефот на државава на високиот претставник на ЕУ, колку-толку да се ублажат евентуалните санкции од Брисел?
Иванов, дознаваме, особено болно го примил фактот дека непримањето на Хан може да создаде погрешен впечаток за традиционалната гостопримливост на македонскиот народ. Да, Хан не е Субрата Рој, па да се лапаме по аеродромски писти, ама сепак не е во ред ни слатко и сиктер кафе да не го послужиме.
Замислете од овој мал инцидент, погрешен заклучок за нашата гостопримливост да извлече азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и никогаш да не ни дојде во возвратна посета на Македонија.
Соочени со вакви ризици по иднината на земјата, од врвните умови вработени во кабинетот на Иванов се изнедрија три твита како најсериозни фаворити да се најдат на твитер-профилот на Хан:
- Симе барал беф на затварање на Павел Шатеф111
- Симе барал го ревидираф Букурешки договор111
- Симе барал се дефакторизираф111
По опсежни консултации со Маја Иванова, сите три отпаднаа како презреана калинка во доцна есен. Третото беше отфрлено како премногу радикално, второто е усвоено како следна стратешка цел на македонската надворешна политика, а првото како локално прашање кое можеби и не го засега Хан.
Затоа сите умствени сили во кабинетот беа повторно впрегнати да се изнајде нов твит. За среќа, во народната канцеларија на Иванов на Рекорд има девојки кои главно се без работа, односно единствената работа во работно време им е да пеглаат знамиња пред протести, па и тие се вклучија во изнаоѓањето државнички твитови. И од нив стасаа дури пет нови предлози за контра-твит на Хан:
- Симе барал пишуваф разумен компромис за ЕУ и Турција111
- Симе барал летаф бетмени111
- Симе барал даваф генетски матријал у Швајцарија111
- Симе барал беф на браникот111
- Симе барал вадеф злато од Анска река111
Но, нема зошто сега да се очајува. Голема работа ако ЕУ му забрани влез на македонскиот претседател. Што е ЕУ во географска смисла. Ништо, гола вода. Пола Казахстан.
Многу поважно е што конечно се избистрија желбите на народот. А желбите на народот отсекогаш биле светост за Иванов. Народот јасно порача три работи: генетско испитување на корените во институт во Швајцарија; ревизија на Букурешкиот договор; и надвор од Европа. Да нема дилеми, ова се трите дополнителни услови за добивање мандат.
Секој кој сака да биде мандатар на идната влада ќе мора прво да си извади сертификат за своите антички корени од институт во Швајцарија, мора да подготви нов Букурешки договор за поправична распределба на Македонија меѓу соседите и мора во владината програма јасно да се декларира заложба „Не во ЕУ“.
Барањето „Баба за премиер“ на една од демонстрантките сѐ уште се разгледува во кабинетот, особено што Маја сѐ уште е премлада да биде баба.
Барањето „Баба за премиер“ на една од демонстрантките сѐ уште се разгледува во кабинетот, особено што Маја сѐ уште е премлада да биде баба
Умре времето, драги мои комуњари, кога мандатар се стануваше само со два услова, кога беше доволно само да се плукне три пати тиранската платформа и три пати да се каже „Се откажувам од Села“. Кога не си зедовте мандат на време, по добра цена, еве ви ги сега новите услови од македонскиот народ, па „бујрум, изволте“.
Фала на прашање, да, мора во институт во Швајцарија. Зошто? Епа, затоа што институтот „Павел Шатев“ во Македонија го затворија, ете затоа. Зошто го затворија? Ајде да не се правиме малоумни, јасно беше дека има огромен притисок од ЕУ и САД некого да затворат. Подобро „Павел Шатев“ отколку Никола Груевски.
Знаете како викаат, џабе си бил со девојка, ако не се пофалиш за тоа. Исто е и со државник. Џабе си државник ако не те пофалат медиумите. Тоа е, 21 век, јебига. За да не им се смеат, македонските провладини портали немаа храброст да го прогласат Ѓорѓе – државник за пример.
За среќа, тоа немаше проблем да го стори српскиот портал Правда. Така оваа историска неправда кон Хорхе беше исправена. Шта зна Србин шта је Хорхе!
Тоа што треба сите да нѐ чини горди Македонци е што овој портал Правда не е кој било во медиумскиот свет и има истенчен вкус за државници, па така единствениот српски политичар за кого го дели истото мислење дека е државник за пример е Шешељ. Па сега видете вие.
Тоа што треба да нѐ прави уште погорди е што Македонија е прва земја во историјата која излезе од ЕУ уште пред да влезе. Да, истото ѝ успеа само уште на Велика Британија, но не е сосема исто, затоа што Брегзит се случи дури откако кралството со години беше внатре – полесно е да излезеш откако си влегол, оди излези пред да влезеш да те видам.
Да, тоа нѐ прави големи и нас и Британците. Не за џабе тие се Велика Британија, а ние Голема Македонија.
Што, не верувате дека сме големи? Преиспитајте се и ќе видите дека тоа е така само затоа што во вашите глави сѐ уште не сте го ревидирале Букурешкиот договор од 1913. Ние што го направивме тоа знаеме дека следниот конгрес на ВМРО ќе биде во Солун, па макар и во катната гаража наречена „Солунски конгрес“.
Некои идни генерации Македонци ќе се гордеат со нас и со ова што денес го правиме за идните поколенија. Ако ние немаме храброст за тоа, тие секако ќе имаат доблест барем еден кат во катната гаража да го крстат по македонскиот непокор и тврдокор, вмровската тројка – Хорхе, Бетмен и Борка.
Покажете малку риспек111 и вие.