Скопските парфеми

Многу одамна го читав „Парфем“ од Патрик Зискинд, уште во времето кога околу него се крена голема врева. И можам да кажам дека не се сеќавам во детали на романот. Го паметам онака во глобала. Ама затоа го паметам чувството од почетните десетина страници и оној опис на смрдеата во Париз.

Мислам дека уште ги чувствувам сите непријатни нијанси на парискиот рибји пазар и воопшто на целата таа реа што речиси буквално излегуваше од секоја страница на книгата.

Смрдеа

Се сеќавам дека тогаш, со пријателите се прашувавме како било тек кај нас, кога во Париз било вака? Смрдел ли Свети Климент Охридски кога одел на сите оние патувања? На што мирисале оние 14.000 ослепени војници на Самоил? Им била ли облеката прелиена со кал и пот? Како тогашните луѓе ја одржувале својата тоалета? На што личеле македонските пазари во средниот век?

И констатиравме дека мора да било ужасно. Всушност, констатиравме дека овдешната, не само хигиенска, туку секаква аљкавост, ментална, социјална, интелектуална, работна… всушност е длабоко навлезена во сите наши пори. Тоа е нашата традиција, што би се рекло.

За нас,на пример, оставање траги во форма на пластични шишиња, искористени хартиени салфетки, хартиени чаши и чинии во природа не е валкање на околината, туку знак на цивилизација

Во ред, како што може да се види во романот на Зискинд, и Париз имал слична традиција, ама како што, исто така, може да се види во истиот роман (а тоа е, впрочем, и општо познато), Париз има и традиција на парфеми, дезодоранси, царски дворови, уметнички музеи и доволно други чуда да го елиминираат она што се нарекува општествена реа.

Кои мириси се нашиот заштитен знак. Оној на босилокот? Или оној на темјанот? Или оној на испотената свадбарска мишка?

Речиси секоја култура има некакви уметнички или фолклорни изблици на ѓубрето и реата во нивните дворови. Не е само Зискинд и „Парфем.“ Тука се и „Клетници“ на Виктор Иго, речиси сите дела на Чарлс Дикенс и да не набројувам натаму.

Се обидувам да се сетам на некоја слична референца во македонската уметничка традиција и воопшто во нашата култура. Не можам. Можеби, постхумно објавениот роман на Славко Јаневски „Депонија“, кој не реферира само на Македонија, туку на глобалната загрозеност на светот од ѓубрето. Зошто нема македонски продукти на оваа тема? Зошто, на крајот на краиштата, не постои македонски парфем? Затоа што реата и ѓубрето се наш екосистем. Како што се Инуитите (Ескимите) навикнати на живот на минусни температури и тешко се снаоѓаат во тропските краишта, така и ние не сме научени да живееме во стерилни и ароматизирани услови.

За нас,на пример, оставање траги во форма на пластични шишиња, искористени хартиени салфетки, хартиени чаши и чинии во природа не е валкање на околината, туку знак на цивилизација. Особен печат дека си стасал до тука. Обележје дека си го освоил и тој дел од твојата животна експедиција.

Самозапалување на тепихот

Оттаму, јас сум еден од оние што не се згрозија над ѓубрето во Скопје, таа горда европска престолнина на културата. А и зошто би се згрозил? Небаре првпат ни се случува да живееме во ѓубре. Па, откога паметам, нам ѓубрето ни е амблем, симбол на нашето постоење. Ние, на овие простори, не сме хомо сапиенси, ние сме хомо квисквилијаруми. Луѓе од ѓубрето и на ѓубрето. Суперхерои на ѓубрето. Додуша, не сме супермени, повеќе сме некако рабишмени. Луѓе што ќе го посеат своето ѓубре на секое згодно место што ќе го видат.

И? Што треба сега да очекувам? Дека градските власти ќе се смилостиват и ќе почнат да ја вршат својата работа? Зошто? Од каде таков нереален порив. Па, тие знаат дека и вака и онака повторно ќе ги избереме, како што, впрочем, и ги избравме истите оние што владееја со оваа неснослива депонија во изминатиот период.

Ветување ли е тоа или е само уцена? Ако не ме изберете мене, тој што ќе го изберете, нема да ви го исчисти ѓубрето

Па, скопјани своевремено го избраа за градоначалник човекот што им ветуваше дека ќе го поправи часовникот на Старата железничка станица. И плус рече дека на секој час ќе ни пее по некоја патриотска песна. Онака, да не си ја заборавиме традицијата. Зошто сега да не го изберат оној што им ветува дека целото скопско ѓубре ќе го стави под тепих во следните 72 часа. Не велам да го исчисти, не дај Боже, туку да го прибере ѓубрето онаму каде што нема да се гледа. Под тепихот, де. Само што тој тепих е некако пренапрегнат и во процес на распаѓање.

Не сум сигурен дали ќе го издржи тој 72-часовен пресинг. Или едноставно ќе се распадне, излевајќи ја својата скриена содржина секаде околу нас. И потоа кога во некој момент тој тепих ќе се запали, ќе бараме виновници во оние клетници што својот дом и својата егзистенција си ја нашле токму на таа некоја дива депонија. Или во „терористички чинови“, ако таа друга депонија што, исто така, ќе се запали, е во директна надлежност на градските власти.

Никој нема да го обвини човекот што за 72 часа го набил сето скопско ѓубре под тој ист тепих. Па, што и ако некој го обвини? Повторно ќе го изберат на следните локални избори.

И, навистина, што значат тие 72 часа? Тие три деноноќија? Има ли во тоа некаква симболичка смисла или се дадени само така? Ветување ли е тоа или е само уцена? Ако не ме изберете мене, тој што ќе го изберете, нема да ви го исчисти ѓубрето. Или е само една во низата популистички предизборни празни муабети? Нешто да се каже, онака, туку-така.

Навистина, зошто се во прашање 72 часа? Зошто не се 40 часа? Или четири часа? Или 168 часа? Нема објаснување или барем јас не видов како таа операција ќе се заврши во зададениот термин. Кој е планот? И која е финансиската конструкција што ќе треба да се плати од градскиот буџет, односно што ќе треба ние да ја платиме. Кога стартуваат тие 72 часа? Од кога треба да го вклучиме бројчаникот на часовникот за чистење? Треба ли да му дадеме сто дена на новиот градоначалник да се приспособи на функцијата? Или да се приспособи на ѓубрето?

Но, она што мене најмногу ме интересира е што ќе се случи по тие 72 часа? Толку ли ќе биде – три дена и три ноќи? И потоа што? Потоа, по завршувањето на мандатот, ете ветување за уште 72 часа „чистка“. На секои четири години по 72 часа „генерално чистење“. Во меѓувреме гордо ќе шетаме меѓу скопските глодари. Не рече бадијала Борис Дежуловиќ дека државата смрди од главата. Што останува тогаш за градските и општинските челници? И што останува за ѓубрето? Знам што останува за нас, обичните смртници.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија