Ако произлезе нешто корисно од оваа криза, тоа е самолегитимирањето на примитивизмот и отцртувањето на јасната дистинкција помеѓу вистинските и лажните вредности. Доказ дека тој процес влегува во финална фаза, е отворениот лов и дистрибуција на смешни „релеванции“ од типот „И Даниел Кајмакоски се придружи во одбраната на заедничка Македонија“.
За да биде ситуацијата уште покарикатурална, во контролираните медиуми тоа ќе стане прва ТВ-вест во прајм тајм, и тоа во ден кога се случува вистински метеж пред резиденцијалните врати на Иванов – и од пораки, и од посети на меѓународни дипломати.
Немам забелешка за ставот на Кајмакоски. Напротив, има ли нешто понормално од тоа некој да каже дека си ја сака татковината? Но, имам забелешка што таа негова изјава се става во политичка постпродукција, со упатство за употреба како да се чита. Имам против кога таа се лансира во зона која сугерира политичка релевантност, а која на никаков начин не му е иманентна на Кајмакоски, за разлика од музичката, вокалната.
Истото се случува и со Кире Лазаров, само што тој конкретно се позиционира од протестната линија на шутирање. И попусто го критикуваат. Ако е одличен ракометар, не значи дека мора да е и добар аналитичар на состојбите во земјава или мудар демистификатор на пропагандата. Оставете го самиот да се увери што значи неговата порака, кога ќе се преведе на јазикот на спортот, во кој тој ги собира ловориките.
Она што Кире сега несвесно го брани е ставот дека ако во неговиот тим има Албанец, на пример, природно и нормално би било тој во играта да смее да учествува со минутажа соодветна на застапеноста на неговата етничка заедница во македонското општество. Мислите ли дека Лазаров би се согласил со ваквата „логика“ и ваков „фер-плеј“? Сигурно дека не.
Притоа да биде јасно: за изманипулирани воопшто не ги сметам дел од глумците кои истовремено се и директори на театри, а кои неодговорно настапија со говори кои мотивираат тензии и конфликти. Тие испратија јасен сигнал дека валоризацијата на нивните резултати ја гледаат исклучиво преку нивните директорски фотелји.
Штета, бидејќи голем дел од нив заслужуваат и можат да претендираат на тие функции, без да се заветат на слепа послушност кон партијата во чиј мандат тоа им било „овозможено“. И бидејќи самите ја бришат разликата меѓу заслужено и подарено, во тие фотелји неповратно го убија својот уметнички хабитус, наместо да се обидат да ја одбранат и издигнат уметноста над политиката на нивната партија или на која било друга.
Поради определбата за таква сервилност, од нив и не очекувам да се срамат, бидејќи во состојба на потполна свест (и видливо отуство на совест) се впуштија во одбрана на директорските места, под параванот на „заедничка (партиска фирма ДОО) Македонија“.
Истото се однесува и за плејадата пејачи, кои фалшивите партиски партитури свесно ги свират и пеат на штета на државните, заради „високи национални интереси“ наречени музички тезги и други привилегии. Ова е нивни доброволен процес на автодискредитација, бидејќи самите го избраа тој пат, кога во тешко време за земјата решија да застанат на страната на разединувачката пропаганда што го води општеството кон провалија.
Колку побрзо заврши кризата и се растераат маглите, толку побрзо многумина изманипулирани ќе се срамат од своите изјави.
Затоа, кога и онаа пијанистка што се самоидентификува со славниот предок, ќе повика дека некој за ова еден ден ќе одговара, треба да биде свесна дека таа е меѓу првите во редот кои потхранувале општествени тензии. Секоја чест на големото творечко наследство што го остави Крсте Петков Мисирков, но некој на внуката ќе мора да ѝ каже дека принципите, храброста и творечкиот талент не се наследни.
Постојат творци и репродуктивци. Таа е во вторава група. Ѝ посакувам уште долго време вешто да ги репродуцира на сцената нотите на големите музички мајстори, а не на партиски манипуланти кои го злоупотребуваат нејзиното славно презиме, исто како што ја злоупотребија и лошата егзистанцијална состојба на илјадници Македонци како бројка што ќе ги полни улиците на протести. Исто како што ги употребуваат документираните „слабости“ на дел од владиците (криминални и интимни), за овие срамно и безбожно да бладаат на протести.
Сите тие, наредени еден зад друг, се најподобните ликови кои во нашата реалност ја оживуваат приказната за „водачот“ на Радое Домановиќ, оние што молчешкум и некритички го следеле во потрага по подобар живот, сѐ додека не сфатиле дека тој што ги води е тотално слеп човек.
Дел од споменатите многу добро знаат кого следат. Оние што сѐ уште не сфатиле кој ги води и кон што ги води, би било природно да си го постават тоа прашање.
Не мислат белким, дека spiritus movens на целиот процес се оние две лица – едниот од авторскиот тим на „Еднооки“ (уште една симболика за слепилото) и вториот познат како „Бетмен велит“, а за кој чаршијата „велит“ дека подработува во Центарот за комуникации.
Но, додека да осознаат кој е кој, и што е што, заедно со естрадниот ешалон на сцената, им предлагам пред народното Собрание да оживеат дел од приказната за „водачот“, и за таа благородна цел им приложувам дел од текстот.
– Двесте семејства поведовме по тебе, a сега преброј нè да видиш уште колку сме останати.
–Па зар не сте сите на број?- процеди водачот, не кревајќи ја главата.
-Како прашуваш така? Крени ја главата, погледни, преброј колку сме останати на овој несреќен пат. Погледни какви сме и ние што останавме. Подобро и да не останевме отколку да сме вакви накази.
-He можам да погледнам…
– Зошто?
– Слеп сум!
Настапи молк.
– Попат ли го загуби видот?
– Јас слеп и сум се родил.
Тројцата очајно ги наведнаа главите.
Есенскиот ветер страшно фучи низ планината и ги разнесува овенатите лисја; по планините се спуштила магла, а низ студениот, влажен воздух шушкаат гавранови крилја и се разнесува зловешто гракање. Сонцето е скриено зад облаците што се тркалаат и итаат забрзано некаде далеку, далеку.
Тројцата се загледаа во смртен страв.
-Каде ќе одиме сега?- процеди едниот со гробовен глас.
-He знаеме!
Додека чинот трае и глумците се на сцената, Мисиркова најмалку што може е да отсвири еден реквием за режимот и лагата. Тоа би бил најпристојниот начин да го зачува од натамошна партиска злоупотреба семејниот и националниот „бренд нејм“. И да прочита што напишал нејзиниот предок (кој е подеднакво и мој и на многу генерации), во поглавјето „Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однпред? Освен, ако не решила и натаму да свири со очи ширум затворени.