Фото-албумот почна да се полни. По лицемерната забелешка на Груевски до ВМРО-ДПМНЕ „ви лежат луѓе невини по затвори, ги влечат по судови, со прст не мрднувате да им помогнете“, минатата недела Христијан Мицкоски и Гордана Јанкулоска ја овековечија нивната средба во партиските простории.
Можеби тајмингот бил случаен, бидејќи Јанкулоска веројатно не може да бира кога ќе ѝ дадат слободни денови, но не е случајно што во јавноста фотографијата беше доживеана како шлаканица до бегалецот во Будимпешта, со поттекст „ти ли бре најде да кажуваш“.
Уште не завршија коментарите за сите пораки од таа фотографија, а сега пратеникот на СДСМ oд Куманово, Мартин Костовски, му отвори работа на неговиот партиски шеф.
„Социјалдемократи, другари и другарки или ќе се држиме сите заедно еден до друг или ќе потонеме сите еден покрај друг. Време за помирување и обединување“, напиша Костовски на Фејсбук, во момент на бројни шпекулации дека СДСМ е поделена на фракции.
На власта би требало да ѝ биде непријатно да зборува за европски животен стандард, сѐ додека не се коригираат драматичните разлики во македонскиот
Веројатно потешкото во оваа епизода, е што парафразата на Костовски го врати сеќавањето на времето (октомври 2015 година) кога тогашниот претседател Ѓорге Иванов даваше изјави во истиот стил, цитирајќи го Бенџамин Френклин: „Ако не се држиме заедно – ќе висиме одделно!
Иако тоа беше кажано пред еден самит во Брисел и беше поврзано исклучиво со бегалската криза, истиот цитат беше повторуван и од други функционери во последната година пред ВМРО-ДПМНЕ да ја изгуби власта.
Отпосле не е ни важно дали солирањето на Костовски е направено од наивност, незнаење или пркос (пркосот во СДСМ не се простува – прашајте го Стојко Пауновски и други), но демант за неговите стравови стигна во форма на фотографии објавени од Ковачевски, од координативен состанок на стратешкиот тим на СДСМ.
На состанокот присуствувал и поранешниот лидер и премиер, Зоран Заев. Не замислен или загрижен, туку насмеан од уво до уво, експресија што треба ја увери јавноста дека во СДСМ сѐ е во совршен ред и со духот и со единството.
И тоа е одлична вест, бидејќи внатрешни поделби во таа или која било друга партија, не можат да водат кон единство за државните интереси. Но, она што заслужува повеќе внимание од прикажувањето на Заев во преден план е составот на стратешкиот тим, кој според Ковачевски заседавал во една насока: „да направиме сè, да овозможиме целосен државен и национален консензус за исполнување на определбата на огромното мнозинство граѓани, да станеме полноправна европска држава до 2030 година“.
Нема потреба да се објаснува што значи стратешки тим (особено за посочената цел) ама со прикажаното друштво од седум лица (од кои еден е организациски секретар на партијата и еден шеф на Кабинетот на Ковачевски) или се потценува целта или се преценува составот. Ако гледаме по функција – каде е на таа маса заменик-претседателката на СДСМ и потпретседателите, или барем некој од нив?
Ако гледаме според темата/целта, зошто на масата не е и партискиот секретар за меѓународна соработка и вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ, за кој барем од реакциите на Дафина Стојаноска точно знаеме дека вчера бeше во Скопје. Зошто не е присутна ни поранешната вицепремиерка за евроинтеграции Радмила Шекеринска и министерка за одбрана, во чиј мандат Македонија стана членка на НАТО?
Такви цели и теми подразбираат поширок и постручен состав, во кој нема да биде поважно присуството на министер за внатрешни работи, кое пак во контекст на заложбата „да направиме сѐ“, може да биде и поинаку разбрано. И обратно – ако се сакало да се прави спин за други цели, мимикрија или ритуален чин за ЕУ, тогаш фотографираното друштво можеби е и повеќе од доволно.
На крајот, што е новината од координативниот состанок на стратешкиот тим? Ковачевски по којзнае кој пат повтори една иста порака: „Ова е клучен момент, се работи за сегашноста, стабилноста и извесната иднина на сите наши граѓани, за иднината на денешните и идните генерации. Граѓаните заслужуваат европски квалитет на живот и европски животен стандард, во европска држава, а тоа да биде нивната родна земја, нивната татковина“.
Со слични декларации се огласи и Заев: „Мораме да осигураме просперитет за македонските граѓани и извесна иднина за нашата држава. Членството во ЕУ сега се чини најдостижно. На тој пат ние, социјалдемократите имаме државничка одговорност да преземаме храбри и одлучни чекори. Демократскиот блок не исклучува, тој здружува“.
Како вербалното ќе нѐ приближи до есенцијалното, кога нема никаков видлив напор да се конституира рационален темел за ваквите заложби? Ако ја исклучиме политичката употребна вредност на фотографијата од состанокот, ако ги исклучиме дилемите околу составот на тимот за темата и за целта, остануваат само голи пароли.
За демократскиот блок да здружува, треба да го отфрли принципот на селективност во постапките што ги спроведуваат и негуваат негови раководители. На власта би требало да ѝ биде непријатно да зборува за европски животен стандард, сѐ додека не се коригираат драматичните разлики во македонскиот. Ако можеше за неколку часа да се донесат итни измени на Кривичниот законик, зошто ни по шест месеци не може да се донесе владина одлука со која ќе се намалат коефициентите со кои платите на функционерите им пораснаа за 78%, откако беа одмрзнати со одлука на Уставниот суд?
Додека на дело нема таква грижа за стандардот на „останатите“, на Ковачевски му е најлесно да каже дека во првите пет години по членството во ЕУ ќе имало повисоки плати од 70 до 100 отсто. Од каде? Од сусамот. Не умри магаре до зелена трева. За образованието и за здравството нема потреба да се трошат зборови.
ЕУ е загрижена од нашиот правен авантуризам, на граѓаните им е преку глава три децении да гледаат дефиле од ликови кои преку ноќ станале милионери додека тие скенираат фискални сметки
И наместо фокусот да се насочи таму, секогаш во вакви, најавени како пресвртни моменти, се навикнавме да слушаме за милозливото лице на државата, за помирување, ресоцијализација, аместија… Ништо од тоа не е спорно освен кога е на трчање, во предизборна година и со сомнеж за пресметана цел.
Како што во политиката нема класично помирување туку усогласување на интереси, така ни селективните амнестии преку закон или маскирани зад измени на Кривичниот законик не може да водат кон прокламираните вредности.
Експерти деновиве посочија дека и по Законот за амнестија од 2018 година имало висока стапка на поврат кај лицата кои биле амнестирани со тој закон. А едно од нив само по четири часа од излегувањето од затвор сторило ново кривично дело – разбојништво. Ресоцијализацијата бара конкретни и континуирани програми, а проблемот со пренатрупаноста во затворите не се решава со амнестии туку со судска пракса во која почесто ќе се изрекуваат алтернативни мерки за обвинетите лица.
Измените на КЗ уште повеќе ќе го потенцираат е проблемот со неказнивоста. ЕУ е загрижена од нашиот правен авантуризам, на граѓаните им е преку глава три децении да гледаат дефиле од ликови кои преку ноќ станале милионери додека тие скенираат фискални сметки, а предлагачите на закон дури не можат ни точно да ги препишат директивите за проширена конфискација.
Накусо, Европската Унија што властите ја рекламираат во домашниот „излог“, граѓаните не ја гледаат во овдешната „продавница“. Не е мала довербата во ЕУ, туку во капацитетот на властите суштински да ја доближат земјата до неа, без да мора жиранти на процесот да се бараат во амнестирана армија на осудени лица или поздемни политички договори за фазен спас на лицата од црните листи. Во тоа е разликата. Кој разбира – разбира. Кој не, нека се слика.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија