Слобода без одговорност е анархија

Најголемата фалинка на предлог-планот за владата, за битката против дезинформациите и лажните вести, е тајмингот во кој е објавен. Тој немаше да предизвика толку реакции ако не беше објавен во ист временски „сендвич“ со случајот „Рекет“, па најголемиот дел од јавноста го доживеа како галантерија за санирање на штетите, односно како план за справување со „непријатните вести“.

Не можеме да ги обвиниме луѓето за таквата претпазливост и покажан гард. Особено не медиумите, кои од осамостојувањето до денес поминаа низ многу сцили и харибди, па дувањето на маќеницата е сосема разбирливо, со оглед колку пати страотно се изгореле. И владата треба да го разбере тоа. Но, кога страстите ќе стивнат, и кога каколот ќе се одвои од житото, ќе може многу посмирено и поаргументирано да се разговара на оваа тема, низ најавените бројни дебати. 

Планот заслужува внимание и јасно е дека неговата финална верзија НИКАКО не може и нема да помине без учество и консултации на медиумската заедница и експертската јавност. Но, за да се разговара со ладна глава, неопходно е критичкиот наратив да се ослободи од практиката проблемот со дезинформации и лажни вести да се анализира како опасност од воведување цензура. Претпазливоста е добар советник, но брзањето со предвремени заклучоци – е најлош советник. 

Нема да „гатам“, туку ќе предочам неколку примери за штетноста на дезинформациите и лажните вести што се потврдиле во блиското минато, некои сѐ уште се актуелни, а справувањето со нив ни најмалку не смее да се третира како цензура, туку како одговорност – медиумска и институционална. 

Дезинформациите и лажните вести дека вакцинирањето е штетно и предизвикува аутизам зеде голем данок во крв. Лицата што пласираат или споделуваат лажни вести, или сакаат да наштетат или веруваат во лагата. 

Планот заслужува внимание, и јасно е дека неговата финална верзија НИКАКО не може и нема да помине без учество и консултации на медиумската заедница и експертската јавност

Џабе е да им предочиш релевантни истражувања дека аутизмот нема врска со тоа, (како што покажуваат истражувања на парови близнаци – кај невакцинирано дете е дијагностициран аутизам, а кај вакцинираното братче или сестра – не!)  

Кај нас цената на лажните вести беше платена со животи, со здравје и дополнителни финансиски трошоци – боледувања, отсуства на родители од работа, трошоци за грижа на невакцинирани деца кои градинките не ги примаа итн… 

Ако продолжеше епидемијата и дополнително да коси лица и од здравствениот персонал, болничките институции ќе беа пред колапс во однос на можноста да згрижуваат пациенти и да даваат здравствени услуги. Зошто? Само поради дезинформации произлезени од ниско ниво на образовна култура.

А блокадата на болничкиот систем поради епидемија е и безбедносен проблем во поширока смисла. Но, и покрај лекцијата што ја одржаа морбилите, дезинформациите за штетноста на вакцините и натаму неодговорно се шират. 

„Наместо вакцини, детето треба да се мачка со листови од босилек или лозов лист врз кој поминал полжав (оставил лигава трага) и тоа по средноситен дожд. Ако врнело крупно, лекот не важи. Алтернатива: може и со листови од босилек врз кој се измокрила црна мачка. Бела или шарена – не!“

Ова се совети што се вртат кај нас. И што да се каже на ова? А истиот ден читам дека се одбележуваат 50 години од програмата „Аполо Мун“, односно од денот кога Нил Армстронг, Баз Олдрин и Мајкл Колинс стапнаа на Месечината. Педесет години подоцна многу луѓе кои и ова го сметаат за лажна вест. 

Активностите во оваа насока не смее да загрозат само едно нешто – слободата на изразување. А тоа ќе се постигне ако активностите се насочат кон едукација за медиумската писменост и дигитална компетенција, паралелно со ефикасна новинарска саморегулација

Истите тие важноста на вакцините можеби ќе ја „откријат“ дури по 50 години, а дотогаш ќе ги мачкаат децата со лиги од полжав и урина од црна мачка, изложувајќи ги нивните сограѓани на опасност од болести што се искоренети во напредните делови од светот. Ако битката треба да се води против ваквите „вести“, јас сум „за“, бидејќи таквите дезинформации ја делегитимираат медиумската одговорност и предизвикуваат и штети во државата од поголеми размери.  

Зошто никој не го обвини за „обид за воведување цензура“ поранешниот гувернер Димитар Богов, кога во јуни 2016 година најави дека Народна банка ќе побара измени во законската регулатива за одговорност на лицата и на медиумите што шират шпекулации што можат да го загрозат банкарскиот сектор и да предизвикаат негативни економски последици? 

Затоа што беше во право. Повод за изјавата беа тогашните шпекулации за наводна девалвација на денарот и вештачки создадената криза на менувачкиот пазар на девизи. Тогаш граѓаните повлекоа рекордни 58,5 милиони евра, па Народна банка мораше да интервенира на пазарот со 77 милиони евра. 

Па, дури и да имало предвидени санкции за таква медиумска неодговорност, прашање е дали таа би била ефектуирана. Што ако лажната вест ја објавил медиум без елементарни податоци? Нема импресум, ниту се знае кој е главен уредник, ниту дали има редакција. Денес има голем број такви медиуми. Ги имаат сите права – објавуваат текстови и реклами, но немаат никаква одговорност за објавените содржини. А слободата без одговорност е еднаква на анархија – и медиумска и општествена. 

Активностите во оваа насока не смее да загрозат само едно нешто – слободата на изразување. А тоа ќе се постигне ако активностите се насочат кон едукација за медиумската писменост и дигитална компетенција, паралелно со ефикасна новинарска саморегулација. 

Одговорноста на некои (пара)медиуми мора да биде акцентирана со елементарна обврска за нивна идентитетска легитимација – импресум со назначено одговорно лице и адреса. Па, кога ќе станат подложни на професионална одговорност пред институциите, двапати ќе размислат пред да произведат дезинформација, лажно да го девалвираат денарот, на пример, а следствено на тоа и професијата зад чие име егзистираат.