Регион

Хаг им ја укина на затворениците можноста за видеокомуникација

Единицата за притвор во Шевенинген, Хаг. Фото: БИРН

MМКТ одлучи да го укине пилот-проектот со кој на хашките затвореници им беше овозможено да испраќаат и да примаат видеоповици преку интернет, наведувајќи ги како причина безбедносните ризици.

Овој проект стартуваше откако Радован Караџиќ, поранешен претседател на Република Српска (РС), повеќепати побара да му биде дозволено да користи Скајп или некои други средства за видеокомуникација, за да може да разговара со своето семејство.

„Шефот на единицата за притвор на Обединетите нации, идентификува и анализира висок безбедносен ризик на сегашниот систем, а тоа е фактот дека видеоповиците на затворениците може да се снимаат или да се пренесуваат во живо на социјалните  мрежи, како и немањето начин тоа да се спречи“, се вели во одлуката на секретарот на ММКС.

Тој додава дека овие видеоповици не можат да се надгледуваат во живо, поради техничките и ресурсните ограничувања на притворската единица на ООН.

Се истакнува дека и преходно затворениците ги злоупотребувале  просториите за комуникација во притворската единица, за јавно да се обраќаат или да учествуваат во ТВ емисии, без одобрение од раководителот на единицата, што е во спротивност со правилата.

Караџиќ, оваа година, преку телефон, се обрати на трибина во Подгорица, на која како гостин говореше хашкиот осуденик, Момчило Краишник.

На крајот од минатата година, Ратко Младиќ, исто така, по телефон, во живо се јави во емисија на српската телевизија Хепи.

По овие два инциденти, регистарот на ММКТ наложи, во одреден временски период, нивните разговори да се прислушуваат.

„Во извештајот и препораките на шефот на единицата за притвор, се посочува дека затворениците не можат да користат видеокомуникација на безбеден начин, кој не претставува ризик за спроведувањето на правдата, вклучувајќи го и кршењето на судските одлуки, влијанието врз сведоците или нивно заплашување, загрозување на безбедноста на секое лице, а кои претставуваат ризик за безбедноста во притворската единица или кое било друго лице во зградата“, се наведува во одлуката.

На единицата за притвор ѝ беше наложено да пронајде други средства за комуникација, како што е електронската пошта, што можат да ја подобрат комуникацијата на затворениците.

Адвокатот на Караџиќ, Питер Робинсон, за БИРН изјави дека ќе поднесе жалба против оваа одлука.

„Ние ќе поднесеме жалба уште следната недела“, рече Робинсон.

Во март Караџиќ беше осуден на казна доживотен затвор, за геноцид во Сребреница и за други воени злосторства.

Конечната пресуда на Младиќ, се очекува следната година.