Слогану мој, помини на другиот!

В среда е првиот круг на претседателските избори. Што научивме во овој дел од изборната кампања за претседателските кандидати, а не го знаевме претходно? Па, она што го очекувавме – ништо!

Не само во Македонија, туку во целиот свет, просечниот гласач има свои однапред утврдени преференции, и во таа смисла свои изборни фаворити. Со други зборови, просечниот гласач решава за кого ќе гласа надвор од успешноста или неуспешноста на одредена изборна кампања или на одреден кандидат. Ако е тоа така, а така е, тогаш се поставува прашањето за што служат изборните кампањи и зошто се трошат онолкави (буџетски) пари до бесвест да слушаме и гледаме исти пораки и исти слогани?

Одговорот, како и на повеќето прашања од областа на борбата за политичка власт, е прилично едноставен: да се привлече барем дел од секогаш значителниот процент на неопределени гласачи и да се земе предност кај оние што евентуално се двоумат меѓу два или повеќе кандидати.

Просечниот гласач решава за кого ќе гласа надвор од успешноста или неуспешноста на одредена изборна кампања или на одреден кандидат

Со оглед на фактот дека претседателските, како впрочем и партиските политички програми ги читаат само најзакоравените фанови и оние што страдаат од несоница и мислат дека една ваква здодевна литература ќе им ја замени одредената доза „дијазепам“ како соодветна помош за заспивање, тогаш на сцена стапуваат таканаречените слогани што треба да ја пренесат основната порака од политичката програма.

Поради тоа што слоганите имаат претензија да се обратат на што поширок круг луѓе, тие мора да бидат куси, јасни и – глупави. Имено, според комуниколошките теории, кога се обраќате на најшироките „народни маси“, тогаш таргетот ви е да ве разберат и оние најмалку образованите или најнезаинтересираните за политичките процеси во земјата.

Останатите, се претпоставува, ќе ве разберат и вака и онака.

Сепак, претпоставената глупавост не подразбира дека слоганите треба да бидат ослободени од секаква суштина или барем минимална осмисленост на пораката што ја пренесуваат.

Јас сум еден од тие што не е премногу заинтересиран за тоа кој ќе ја извршува претседателската функција, бидејќи таа, барем според правната поставеност, не влијае или многу малку влијае врз мојот живот и врз животот на моето опкружување, па затоа решив да слушнам што ми порачуваат кандидатите во оваа изборна кампања. И го сфатив она што го знаев – ништо или речиси ништо.

Негорди и недостоинствени

„Македонија повторно горда“ е слоганот на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова. Јас ја разбирам фасцинацијата од Доналд Трамп и неговиот слоган „Make America Great Again“ (Да ја направиме Америка повторно голема), ама сепак не разбирам каква порака праќа слоганот на Давкова и кому тој се обраќа.

Едноставната логика говори дека се обраќа на луѓето што некогаш биле горди и сега повеќе не се, па нејзиниот избор ќе им ја врати гордоста. Дали самата Давкова се чувствува така: дека некогаш била горда, а сега повеќе не е, па знае како да (си) ја поврати гордоста? Што правиме со гласачите што и во овој момент се чувствуваат горди граѓани на оваа држава? Што нуди Давкова за нив? Дополнителна гордост. И како се мери гордоста, воопшто?

Поради тоа што слоганите имаат претензија да се обратат на што поширок круг луѓе, тие мора да бидат куси, јасни и – глупави

Но, она што навистина ме збунува е зборот „повторно“. Тоа значи дека Македонија некогаш била горда и сега повеќе не е. Можеби ми се испуштило, ама јас никако не разбрав на кое време реферира Давкова? Кога тоа Македонија била горда, а сега повеќе не е? Во времето кога беше Социјалистичка Република Македонија во склопот на СФРЈ? Во времето кога имавме референца наместо име, односно во времето на Бранко Црвенковски? Или во времето на Љупчо Георгиевски, воениот конфликт и замислената размена на територии? Или во времето на осудениот злосторник во бегство Никола Груевски?

Не е, белки, да мисли на „пусто турско“ или на српското или бугарското владение со Македонија.

Слична конфузија внесува и слоганот на кандидатката на Левица, Билјана Ванковска. „Го враќаме достоинството на нацијата“ ги поставува истите постулати. Нацијата некогаш била достоинствена и сега повеќе не е. Кога ни е земено достоинството, па сега ќе го вратиме? И од кого ќе го земеме за да го вратиме? И оваа порака, всушност, е упатена кон оние што се чувствуваат недостоинствено, а некогаш се чувствувале достоинствено.

Јас знам дека Левица наводно ги застапува интересите на работничката класа, па да кажеме дека реферира на „презрените и гладните“, односно на пролетеријатот и сите оние што осиромашиле во предолгата транзиција. Но, дали е целата нација (држава) пролетерска?

Поточно дали Ванковска ќе ги застапува интересите на сите граѓани на државата или ќе ги екскомуницира оние што веќе се чувствуваат достоинствено? Дали таа и нејзината партија мислат дека едноумието е подобро од плурализмот? Не добив баш јасен одговор на овие прашања.

„Храбро за Македонија“ на Стевчо Јакимовски го разбирам како негов личен инает по неговото ставање на американската црна листа. Очигледно ќе му треба многу храброст по децениското министерување, а уште повеќе во неговото градоначалникување.

Тој се обраќа на нему сличните, оние што се осомничени, можеби и осудени за злоупотреби на нивните поголеми или помали функции и работни места. Ним им треба храброст. Што се однесува до мене, не гледам никаква потреба да потенцирам дали сум храбар или не сум. Не треба да бидеме ниту херои, ниту предавници. Треба да бидеме – нормални.

Да имаше некој кандидат со таков слоган: „За нормална Македонија“, можеби ќе го добиеше мојот глас.

Кој е наш, а кој е европски?

Морам да признам дека слоганот на актуелниот претседател Стево Пендаровски „Нашиот претседател Стево“ веројатно праќа најјасна порака. Поттекстот е дека тој ќе биде претседател на сите и ќе има разбирање за сите, без оглед каков им е социјалниот, политичкиот или кој било друг статус. Сепак, она што ми пречи е потенцирањето на нешто што самото по себе се подразбира.

Се разбира дека, ако го изберат, ќе биде наш претседател. Сигурно нема да биде претседател на ‘Ртот на Слоновата Коска. Навистина ме интересира дали има и колку ги има оние што се збунети и не знаат дека претседателот на Македонија е наш претседател, а не индонезиски.

Слично е и со слоганот на Бујар Османи „Европски претседател“. Се разбира дека знам дека Османи праќа порака дека во неговиот евентуален мандат, своите сили ќе ги насочи кон влегувањето на Македонија во Европската Унија. Ама „европски претседател“? Што е алтернативата? Австралиски претседател? Африкански претседател? Арктички претседател? Па, сигурно е дека ќе биде европски претседател, дури и самиот да не го сака тоа. Географијата е многу посериозно прашање од историјата.

Да имаше некој кандидат со таков слоган: „За нормална Македонија“, можеби ќе го добиеше мојот глас

За крај ги оставив двата кандидата што, според моето скромно мислење, најмалку се потрудиле во пренесување на некаква евентуална порака до гласачите.

„Максимум за Македонија“ е само една невешта игра на зборови на кандидатот на ЗНАМ, Максим Димитриевски. Токму како што е невешта и кратенката на неговата партија. Знам, се разбира, што сака да се постигне со овие игрозборки, ама „знам“ (името на партијата) е прво лице еднина. Да беше барем: знаеме, ајде некако. Или да беше: Знам дека ништо не знам, па да поверував. Вака…

И за каков максимум за Македонија се работи? Максимум корупција? Максимум чоколади по жител? Максимум музика? Што е тој максимум што ни го нуди Максим Димитриевски?

Слоганот „Таравари за претседател“ на Арбен Таравари е дефинитивно најнеинвентивниот слоган на овие избори. А за што друго да го гласаме? Или само онака, дека звучно му е името, па тоа е доволна причина?

Секако, во поновата политичка историја, една од најуспешните политички кампањи е онаа на Двајт Ајзенхауер од 1952 година, која се вика токму „Ајзенхауер за претседател“, но тоа не е слоганот. Варијациите на неговиот слоган се „I Like Ike“ (Го сакам Ајк, што е инаку прекарот на Ајзенхауер), „We Like Ike“ (Го сакаме Ајк) и „They Like Ike“ (Го сакаат Ајк). И, ајде и ова, како тривија, Двајт Ајзенхауер, за првпат во една предизборна кампања воведува анимиран филм, кој станува толку популарен, што се смета за главна причина за неговата прилично убедлива победа.

Имам, се разбира, уште забелешки околу слоганите и предизборната кампања, ама ќе има и втор круг, па ќе ги оставам за тоа време. И секако дека ќе гласам.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија