„Случајот Стефановски“ и „северномакедонската“ малограѓанштина

„Оној што не може да владее со себе, сака да владее со сите. Јас сум реализиран човек. Сосема сум задоволен дека го работам тоа што го сакам и целосно владеам со себе. Немам никаква потреба да владеам со другите.“

Вака некако, уште на почетокот на 90-тите години од минатиот век, во едно интервју ми одговори Влатко Стефановски на прашањето дали размислува активно да се вклучи во политичкиот живот во земјата. Да се потсетиме, тоа беа почетоците на македонскиот плурализам, кога политичките партии буквално никнуваа преку ноќ и кога сите ние (како, впрочем, и сега) имавме некакви сопствени идеи како треба државата натаму да се развива.

Посредно или непосредно, Влатко Стефановски имаше проблеми со политиката уште во тоа време. Свиреше на некои партиски митинзи во предизборната кампања за првите парламентарни избори и на некој од тие митинзи буквално доби шише во глава. Повеќе не засвири на ниту еден партиски митинг или партиски настан.

Случајот Стефановски“ на видело и суштински дијагностицира една општествена патологија, една состојба на сериозно владеење, не на „длабоката држава“, туку на длабоката малограѓанштина врз севкупниот општествен менталитет

Од тие 90-ти години, па до пред, ајде да кажеме, седум-осум години, на Стефановски му имам направено сигурно двоцифрен број интервју, како за домашните медиуми во кои што работев, а уште повеќе за медиумите од екс-југословенскиот простор со кои што соработував. Имено, ако можам така да кажам, името на Влатко Стефановски одлично се „продаваше“ во сите држави, излезени од некогашна Југославија.

Во таа смисла, мојот однос со Влатко Стефановски можам да го дефинирам како пријателско-професионален. Секогаш се обидував да држам професионална дистанца, но секогаш се обидував и да проникнам малку зад неговите песни и музички бравури.

Она што сега ми е важно да го кажам е дека во ниту едно од тие интервјуа не ги избегнувавме општествените тенденции и феномени (напротив), но никогаш повеќе не го прашав за дневно-политички коментар на состојбите или за мислење за партиите што се на власт или во опозиција. Едноставно, ниту ме интересираше што мисли за дневно-политичката ситуација, ниту, пак, мислев дека кому било тоа би му било предмет на некаков поширок интерес.

Но, затоа бев сведок, да ми прости читателот на речникот, на најразлични блуења врз неговиот лик и дело. Што барал да се фотографира со (тогаш) актуелната министерка за култура? Се продал на власта затоа што прифатил да прави школа за млади гитаристи во Крушево, каде е да излезе на Шарената револуција, зошто молчи за дневните случувања во земјата итн.

Кога со неговиот брат Горан Стефановски го напишаа и потпишаа она писмо против промената на името на неговата улица „Мексичка“, повторно налета на бран „хејтање“. Зарем од сите можни проблеми, нему сега му дошло до името на една уличка? Реагира само кога е лично засегнат и нема сенс за општествена одговорност итн.

А Влатко Стефановски продолжуваше да владее со себеси и да ја свири својата (и нашата) музика по сите светски меридијани. Да создава и настапува со овдешни и меѓународни музичари, музички мајстори и ѕвезди во вистинската смисла на зборот. И да остане свој.

Сепак, овие „хејтања“ не беа ни блиску до изливите на омраза што деновиве се спуштија врз Влатко Стефановски, по неговиот настап на државната прослава на Илинден на Мечкин Камен. Да ги оставиме на страна навредите (а зошто би ги оставиле?), тука треба да се каже дека досега никој никогаш не повикал на бојкот на нашиот уметник. Освен деновиве, се разбира… (Иако останува впечатокот дека повеќето од оние што повикуваа на бојкот, ако не и сите, никогаш и не биле на некој од концертите на Стефановски, а веројатно не му ја слушаат ни музиката).

Што толку страшно рече Стефановски? Каков грев направи? Честитајќи го празникот, буквално рече „…и да посакам на нашата Република Северна Македонија голем успех, просперитет и углед во светот…“ И потоа ја отсвири „Бистра вода“.

Немам никаква потреба да бидам адвокат на ликот и делото на Стефановски, а тој, верувам, има уште помала потреба јас тоа да го правам, меѓутоа „случајот Стефановски“ на видело и суштински дијагностицира една општествена патологија, една состојба на сериозно владеење, не на „длабоката држава“, туку на длабоката малограѓанштина врз севкупниот општествен менталитет.

Иако социјалните мрежи веќе одамна се главниот „извор на информирање“ на просечниот граѓанин на Република Северна Македонија, ајде да кажеме дека веќе се привикнуваме на говорот на омраза што се шири преку нив. На крајот на краиштата, најголемиот процент содржини што можат тука да се прочитаат се чисти будалштини и – говор на омраза. Впрочем, меѓу другото, социјалните мрежи за тоа и служат, за лекување на сопствените фрустрации и за докажување дека „имаме мислење“ за сѐ и сешто.

Проблемот не е во Влатко Стефановски. Тој владее со себеси и нема никаква потреба што било, кому било да докажува. Проблемот е во нас, во целото наше општество

Она што во овој пример е загрижувачки и посериозен синдром за дијагностицирање на општествената патологија е начинот на кој бројни медиуми, главно од интернетскиот простор, ги проследија говорот на омраза и навредите кон Стефановски – со огромна доза на ситење и без никаква професионална дистанца. На пример, во еден од медиумите се цитира фејсбук-статус на извесна нутриционистка, која се карактеризира како „позната“, „популарна“, „важна“, наспроти Влатко Стефановски, кој е окарактеризиран како „музичарот“. Се „потсетува“ дека Влатко Стефановски ја бранел „Мексичка“ пред името на Петре Пирузе (со поттекст дека нема национални чувства). Се цитираат некои негови изјави од пред потпишувањето на Преспанскиот договор (се разбира, извадени од еден и ставени во друг контекст). Се повикува на бојкот на неговите концерти. Се наведува дека лесно паднал од ѕвезди во трње и дека од омилен музичар, станал човек што ќе „мора да јаде леб и сол за да преживее“ (демек македонската публика му свртела грб и демек Влатко Стефановски се збогатил од македонските слушатели на неговата музика). И така натаму.

И покрај сѐ, оваа хајка не е толку насочена против Влатко Стефановски, туку против употребата на уставното име на државата и против оние (власта) што го ставија тоа име во функција. Малограѓанштината, и во пракса, а и по дефиниција, подразбира менталитетски, ајде да кажеме идентитетски, предзнак во кој преовладуваат традиционалните вредности, длабоко вкоренети во провинциските митови, обичаи и „правила на однесување“. И таа секогаш, ама баш секогаш, се манифестира со сечење на главата на оној што штрчи над малограѓанската толпа. Врз него, врз тој што отскокнува, се истураат сите фрустрации на оние што не можат да владеат со себе, односно што не можат да се реализираат ниту како луѓе, ниту како професионалци. Токму како во случајот со Влатко Стефановски.

Она што, иако не е ново, најдобро се забележува во овој случај, е фактот дека малограѓанштината од социјалните мрежи се сели во медиумскиот простор, со што станува „општествена лична карта“ на овдешното општество.

Малограѓанштината, едноставно, е „корозивна особина“, ако зафати еден дел од општеството лесно се префрла по целиот негов организам. Тоа се гледа токму и во овој случај.

Борците против говорот на омраза почнаа да искажуваат огромна омраза против оние што го шират овој говор, а богами и против таканаречените неутралци што не искажуваат никакво мислење по ова или по кое било прашање. Впрочем, иста е состојбата по кое сакате прашање: дали станува збор за ЛГБТ заедницата, за мигрантите, за женското прашање или за Влатко Стефановски, сосема е сеедно.

На Ричард Никсон му се припишува дека наводно рекол: „Секогаш запомнете дека постојат некои што ве мразат. Тие не можат да ве победат, сѐ додека вие не почнете да ги мразите нив.“ Проблемот не е во Влатко Стефановски. Тој владее со себеси и нема никаква потреба што било, кому било да докажува. Проблемот е во нас, во целото наше општество.