Регион

Доделување на признание на воен злосторник, оценето како „политичка игра“

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Небојша Павковиќ, лево, и Владимир Лазаревиќ, десно, во 2011 година присуствуваа на воена вежба во Пирот, Србија. Фото: Бета

Одлуката на собранието на Пантелеј, општина во Ниш, најголемиот град во јужна Србија, да го прогласи осудениот воен злосторник, Владимир Лазаревиќ, за почесен граѓанин, не е изненадувачка и е дел од „ситната политичка игра“ на владејачката партија, велат за БИРН активисти на невладини организации.

Денес пензионираниот генерал, за време на војната во Косово, 1998-1999, командуваше со Приштинскиот корпус на Војска на Југославија, а подоцна, заедно со други претставници на српската војска и полиција, беше осуден од Хашкиот трибунал на 14 години затвор за убиства, депортации и нехуман третман на косовските Албанци, за време на војната.

Според порталот Јужни вести, Лазаревиќ, по излегувањето од затвор, живее во Ниш, но не во општината Пантелеј.

Ивана Жаниќ, директорка на Фондот за хуманитарно право (ФХП) со седиште во Белград, вели дека одлуката не е изненадување, бидејќи многу малку луѓе јавно зборувале за хашката пресуда на Лазаревиќ.

Тоа е „инаку практика и тоа е еден јавен дискурс, оти за сите српски генерали кои беа осудени пред Хашкиот трибунал, тоа е нешто попатно во нивните биографии, што не ги одредува, туку ги претставува како исклучиво чесни луѓе, кои придонеле за одбрана на татковината“, нагласува Жаниќ за БИРН.

Младен Јовановиќ, директор на нишката невладина организаија, Национална коалиција за децентрализација, вели: „Ние сме жртви на мала политичка игра на владејачката партија“ во која „се жртвува многу поважен интерес на државата“ за да се придобие дел од електоратот.

„Овој флерт оди така што, во неколку наврати, започнуваат многу важни и добри иницијативи на републичко ниво, како што е малиот шенген (…), а потоа истата партија – бидејќи локалното ниво не прави ништо без дозвола од централата (…) преку тие локални власти на СНП (Српската напредна партија) до своите гласачи што се шовинистичко-националистички определени (…) тие некако мора да ги задоволат тие луѓе“, вели Јовановиќ за БИРН.

Јужни вести објавија дека претседателката на градската општина Пантелеј, Наташа Станковиќ, објаснила дека Лазаревиќ заслужува да биде почесен граѓанин затоа што бил „храбар и пожртвуван војсководец, кој доследно ги следел своите високо професионални, војнички, патриотски и човечки верувања, подготвен да преземе исклучиво лична и професионална одговорност во секое искушение и со тоа да ја одбрани честа на нацијата и државата“.

Лазаревиќ потврди дека бил информиран за признанието.

„Колку што сфатив, а видов само дел од текстот, тие просто го гледаат придонесот за време на одбраната на земјата од агресијата на НАТО, кога бев командант на Приштинскиот корпус“, рече Лазаревиќ за Јужни вести.

Лазаревиќ беше ослободен од затвор во декември 2015 година, откако издржа две третини од казната. По враќањето дома, тој беше пречекан како херој.

Во октомври 2017 година, тој одржа предавање на тема „хероизмот и човечноста” на српските војници во одбраната од НАТО бомбардирањето во 1999 и ефикасноста на „антитерористичките операции” во Косово од 1998 до 1999 година, на Воената академија на Србија.

На 9 мај 2019 година, Лазаревиќ беше на чело на парадата организирана по повод Денот на победата над фашизмот во Ниш. Настанот беше организиран од руски ветерани со поддршка на српските власти.

Во март 2021 година, Лазаревиќ беше гостин во емисијата „Прашалник“ на РТС, во која темата беше годишнината од почетокот на бомбардирањето на НАТО на Југославија, при што тој го негираше масовниот егзодус на стотиците илјади етнички Албанци, кои избегаа од Косово во пролетта 1999 година, за да ја избегнат репресијата на југословенските трупи и полиција. На прашањето за овој масовен егзодус, Лазаревиќ за РТС рече: „Знаевме дека тие ќе исценираат егзодус“.