Со „Кирчо“ до Брисел!

Ако добро пресметате, „Кирчо“ бил многу побрз од Македонија. Со него од Скопје до Охрид можело да се стигне за 18 часа, а ние од Скопје до Брисел не можеме да стигнеме ни по 11 години, ако се има предвид дека натаму тргнавме уште во 2005 година.

Еврокомесарот Јоханес Хан во таа врела јулска ноќ го пропушти полноќниот лет за Брисел. Погледнуваше наизменично во часовникот и во непопустливите изрази на лицата на соговорниците. На крајот се откажа од трката со времето. Ако може Македонија да пропушти една цела деценија, неумесно е пред креаторите на тој тежок минус во државниот биланс, тој да ламентира заради пропуштен лет. Гледано од денешен аспект, мислам дека за џабе го пропушти авионот.

Но таа вечер, тоа на сите ни изгледаше како корисна штета, бидејќи неговата упорност на крајот даде резултат: по 12-часовни тешки маратонски разговори, македонската лидерска четворка конечно постигна политички договор во европската резиденција во скопско Пржино. Основниот договор беше потпишан еден месец претходно, на 2 јуни, дополнет со анекс на 19 јуни, а на 15 јули крунисан со финален протокол, зад кој останаа полни пепелници со отпушоци, додека потоци од разни суети (повредени или пренагласени) се слеваа по скалите на резиденцијата. Лидерите божем ликуваа, камперите се спакуваа, граѓаните здивнаа, „бомбите“ стивнаа, летувалците заминаа…

Така беше пред една година. Како е денес? Исто како лани, само што него го нема на премиерската функција, а воедно го има на сите места истовремено. Единствената клучна и квалитативна разлика е што го имаме Специјално јавно обвинителство, но за него многумина од власта работат за да го немаме. Сѐ друго е како реприза на стар филм.

Според некои статистики, изминатава година најчесто спомнувани биле следниве синтагми: „бомбите на СДСМ“, „Договорот од Пржино“, „фер и демократски избори“, „медумски реформи“, „непрочистен Избирачки список“, „опструкции врз тимот на Катица Јанева“ и „експертите велат…“

И нема сила што ќе ги симне овие фрази од неформалната топ-листа. По една година можете да ја отворите која било архива и нема да најдете стара вест. Сите изгледаат тазе. Избирачкиот список и натаму е непрочистен, уште се водат преговори за условите за фер-избори, тимот на Јанева и натаму е под притисоци, а и експертите секој ден одново ја толкуваат нашата старо-нова стварност. „Фчерашни новости“ може да станат trade-mark на нашата реалност.

Со истиот нереализиран список одново ги дочекуваме и Хајндл и Хан, и Хојт Ји и и Нуланд. Исто како да им го нудиме недопиеното кафе од пред една година.

Македонија денес е претекната од сите во регионот кои пред десет години каскаа зад неа. Тие стигнуваат на своите планирани дестинации, а ние се вртиме во круг, не можејќи да тргнеме ни од почетната станица. Налик на локомотивата на „Кирчо“, која со години стои „укотвена“ кај железничката станица во Кичево

Не знам што мислат кога ја гледаат нашата неподнослива леснотија на неодговорноста кон земјата. Можам само да претпоставам, бидејќи политичката култура и коректност не им дозволува да го покажат одговорот ни преку изразот на лицата.

А ним им е совршено јасно кои се овдешните невралгични точки. Кој и зошто не сака да има СЈО, зошто избирачкиот список не дозволуваат да биде покус од утврдените партиски калкулации, кои реформи се игнорираат, кои се подметнуваат во отсуство на опозицијата, каде и како се разменуваат нови идеи, стоки и услуги, каде сметки, кешови и злато, кој пие, кој плаќа, и кој ништо не сфаќа…

Да не заборавиме: во 2005 година Македонија беше лидер на патот на интеграциските процеси во регионот. Како што многумина милуваа да кажат, тогаш беше во залет и амбициозно самопоставена на брзи шини.

Една деценија подоцна, сѐ повеќе наликува на „Кирчо“, бавното парно вовче кое во средината на минатиот век сообраќало од Скопје до Охрид. И неговата пруга, исто како Договорот од Пржино, се надградувала етапно. Делницата од Кичево до Охрид била пуштена во сообраќај исто така на денешен ден, 15 јули, во далечната 1922 година. Во тоа време „Кирчо“ можел да достигне максимална брзина од 15 километри на час. Бил толку бавен, што патниците често пати се симнувале да наберат овошки покрај пругата, а потоа со брз чекор го стигнувале и повторно се качувале во него. Кога вовчето требало да ја заобиколи планината, речиси сите патници се симнувале. Се одмарале на ливадите, ручале, некои дремнувале, други вртеле оро, а потоа по напречен пат се спуштале на другата страна од ридот, каде го дочекувале забревтаното вовче.

На сличен начин и Македонија денес е претекната од сите во регионот кои пред десет години каскаа зад неа. Тие стигнуваат на своите планирани дестинации, а ние се вртиме во круг, не можејќи да тргнеме ни од почетната станица. Налик на локомотивата на „Кирчо“, која со години стои „укотвена“ кај железничката станица во Кичево. Но, ако добро пресметаме, „Кирчо“ бил многу побрз од Македонија. Со него од Скопје до Охрид можело да се стигне за 18 часа, а ние од Скопје до Брисел не можеме да стигнеме ни по 11 години, ако се има предвид дека натаму тргнавме уште во 2005 година.

Тој бавен воз некогаш навистина бил безалтернативен превоз. Но денес кога светот ја освојува вселената, нас некој и натаму сака да нѐ натовари во превозен пандан на „Кирчо“, да ги ниша вагоните создавајќи ни привид дека некаде се движиме, додека упорно нѐ држи блокирани во место. Режим кој денес се претставува како единствена можна и исправна опција за да создаде привид дека не постои алтернатива, сака да го засили впечатокот дека на планот на политиката ништо не може да се смени и да ги одврати граѓаните од барањето отчет, транспарентност и правда.

На таа приказна се вози цела деценија. Но, се прегреа и тој привид. Чади од сите страни. Заради претовареност 24/7, вагоните почнаа да отпаѓаат еден по еден, исфрлени од колосек. Кај и да е, и локомотивата ќе мора да оди на ремонт.