Како да се создаде етничка кохезија во Македонија

Колумна на БИРН

Дане Талески и Лура Положани

Дане Талески и Лура Положани

Дане Талески и Лура Положани

Најголем дел од македонското општество е етнички поделено, поларизирано и сегрегирано, и мора да се направат сериозни обиди за да се приближат заедниците, да запре дискриминацијата и да зајакне партиципацијата во демократските процеси.

Етничката разноликост е една од карактеристиките кои ја дефинираат Република Македонија. Одржувањето на стабилни меѓуетнички односи е неопходен предуслов за стабилноста и демократијата во државата. Ова е факт уште од 1991, кога државата прогласи независност. Сепак, различните етнички протести од 1990-тите до последните, меѓуетничкиот конфликт во 2001 и „викенд-војната“ во 2015, покажуваат дека основната лекција за меѓуетничка кохезија не е апсолвирана.

Зошто меѓуетничките односи се нестабилни?

Недостатокот на социјална кохезија е главната причина за нестабилноста на меѓуетничките односи.

Општествените односи се посилни ако граѓаните имаат направено општествен договор. Општествениот договор е формален или неформален договор помеѓу разнолика група луѓе за заедничка рамка и визија за соработка. Тој обезбедува заеднички вредности и наратив за да се изгради интегрирано политичко општество и да се создаде граѓански идентитет кој е подеднакво достапен за различните поединци.

Без општесвен договор, најголем дел од општеството е етнички поделено, поларизирано и сегрегирано. Иако има објективни разлики кои водат кон поделба на етничките заедници, како, на пример, разликите во јазикот и религијата, исто така има политички фактори кои имаат корист од овие поделби. На пример, најголем дел од партиите и медиумите употребуваат етно-националистички наративи и дискурси за да мобилизираат поддршка и да легитимираат одредено гледање.

Како да се надминат етничките разлики?

Претходно напишавме дека „Шарената револуција“ нуди можност за Албанците, главната не-мнозинска заедница, да придонесат кон општествени и политички промени. Луѓето кои ги поддржуваат протестите прават еманципаторски напор да бидат еднакви граѓани. Ако Албанците одлучат да ги игнорираат напорите за демократизација, тогаш тие избираат да му дадат приоритет на нивниот етнички идентитет пред граѓанскиот, и со тоа ги намалуваат можностите за личен развој како и за политичка свесност.

Од другата страна, етничките Македонци, со други зборови мнозинството, треба да обрнат повеќе внимание на позицијата на Албанците во Македонија. Етничките Македонци треба да признаат дека има структурна дискриминација спрема Албанците. Албанците беа сметани и третирани како граѓани од втор ред во Социјалистичка Федеративна Република Југославија и тоа продолжи кога Македонија прогласи независност. Одредени подобрувања беа направени со имплементацијата на ОРД, но тесното спроведување на реформите служеше за да се институционализираат поделбите и не ги избриша двојните стандарди кога државата се занимава со етничките Албанци и со етничките Македонци.

Молкот и игнорирањето на проблемите на етничките „други“ ја нарушува довербата и ги урива меѓуетничките односи

Прво, државата е порепресивна кон Албанците. На пример, луѓето добија казни и домашен притвор затоа што учествуваат во „Шарената револуција“, што го покажува авторитарниот карактер на владејачкиот режим, но Албанците беа уапсени и осудени на казна затвор кога протестираа пред две години. Човек треба да се праша, како е можно денес, кога авторитарноста и репресивноста на режимот е зголемена односот кон протестантите да е поблаг? Таквите мерки ги отежнуваат албанските протести, бидејќи Албанците сметаат дека е опасно да се протестира.

Второ, државата обезбедува помалку за Албанците. На пример, Сарај (мнозинство етнички Албанци) и Ѓорче Петров (мнозинство етнички Македонци), се две соседни општини кои се слични по големина и каде луѓето имаат слични потреби. Тогаш зошто има неколку градинки во Ѓорче Петров, а првата во Сарај е отворена пред извесно време и тоа по притисоци од локалната заедница? Како дополнување, што е причината што некои општини каде што доминантно албанската популација надминува 20.000 жители уште се водат како села, а општините каде што доминантно македонската популација има 5.000 или помалку жители, се водат како градови? Статусот на град е важен, бидејќи обезбедува дополнителни ингеренции како повеќе училишта, државни средства и повеќе основни јавни услуги. Ова е индикатор дека децентрализацијата, еден од столбовите на Охридскиот рамковен договор, што требаше да го доближи владеењето до граѓаните, е сè уште далеку од имплементација.

Трето, разни политички решенија и известување на медиумите, придонесуваат кон зајакнување на перцепцијата за нееднаквост. На пример, иницијалната идеја на Владата на Груевски со политиката за поддршка на трето дете беше да се таргетират само етничките Македонци. За среќа, Уставниот суд го промени законот. Сепак, наративот кој се создаде околу прашањето беше опасен, бидејќи разговорите за зголемување на наталитетот на една етничка група во однос на друга се националистички и дискриминаторски.

Медиумите на македонски јазик ретко извествуваат за настани кои се важни за Албанците, или тоа го прават со задоцнување откако настанот се случил. Инцидентот во кое едно четиригодишно албанско дете беше намерно прегазено од македонски возач се појави во медиумите на македонски јазик неколку дена подоцна, откако детето почина и откако албанската заедница, сосема разбирливо, имаше бурна реакција зошто порано немаше известување за случајот.

Барањето за публицитет на такви случаи не разгорува етно-национализам, туку е молба за правда и еднаквост. Молкот и игнорирањето на неправдата негува фрустрации кои водат до општествени протести. Молкот и игнорирањето на проблемите на етничките „други“ ја нарушува довербата и ги урива меѓуетничките односи, додека недостатокот на вести кои се важни за Албанците (кои треба да бидат важни за сите граѓани) понатаму го јакнат чувството за граѓани од втор ред.

Често, наративот што медиумите – на било кој јазик – го презентираат зборува за двојни стандарди и дискриминација, и со тоа ги продолжуваат стереотипите што едната заедница ги има за другата. Се создаваат наративи кои ја фаворизираат едната група пред другата. Поделените јавни сфери, и поделбите во виртуелниот простор и во медиумите, се најголема закана за еднакво учество во јавниот живот.

Кога етничките Албанци читаат за економската дискриминација кон нив, но не за целокупната економска состојба, тогаш тие чувствуваат дека не се во можност да учествуваат во политичките процеси, бидејќи им се сервира наратив дека тие се инфериорни, или жртви и дека како такви немаат можност да имаат влијание.

Моно-етничките политички партии кои се на власт, како и голем дел од опозициските партии, продолжуваат да капитализираат на етничките разлики, бидејќи тоа ги зајакнува етничките лидери, додека одговорноста на јавните институции е секундарна. Веќе долго време Македонците и Албанците чукаат на различни врати за да ги достават нивните барања, сега е време да се чукне на истата врата.

Што имаме и што ни треба?

Одредени обиди беа направени во минатото, најмногу со Охридскиот рамковен договор, да се надминат етничките разлики. Но, ефектите од договорот се скромни, и тие не можат да се зголемат со континуирани дипломатски заложби за негова имплементација

Охридскиот рамковен договор го зголеми учеството на Албанците во јавната администрација. Чувството за припадност на Албанците кон државата и нивниот влог во државата се зголемија. Сепак, нивниот статус суштински не се подобри. Еден проблем е што инструментот за правична застапеност (квотите во јавната админстрација) не се поддеднакво достапни за сите членови на немнозинските заедници и се злоупотребуваат за партиски вработувања и развој на етнички клиентелизам.

Неколку работи можат да се направат за да се подобри меѓуетничката кохезија. Има потреба за поголема финансиска транспарентност за да се зголеми еднаквоста во јавните услуги и политики. Граѓаните треба да бидат иформирани каде одат парите од нивните даноци, и дали тие се дистрибуираат подеднакво и на фер начин.

Веќе долго време Македонците и Албанците чукаат на различни врати за да ги достават нивните барања, сега е време да се чукне на истата врата

Еден начин за да се зголеми правичната дистрибуција на ресурси е да се имплементира Законот за рамномерен регионален развој. Иако законот беше донесен, недостатокот на имплементација покажува дека нема политичка волја за поддршка на развој кој ќе биде базиран на принцип на економска не-дискриминација, како и дека постои недостаток на волја да се променат економските политики кои не се правични.

Работата на правосудството, исто така, треба да се провери, бидејќи има многу обвинуваања за етнички мотивирани селективни процеси. Неколку анкети покажаа дека Албанците имаат пониска доверба во судството отколку Македонците. Треба да се посвети внимание на потенцијалните пристрасности и на неправдите.

Треба да нè алармираат зборовите на Љубе Бошковски, и самиот политички затвореник и жртва на селективна правда, дека 50 проценти од сите затвореници се осудени без соодветни докази. Дополнително, улогата на Омбдусманот треба да се зајакне, а парламентарниот комитет за односи меѓу заедниците мора да биде поажурен и да одговара на потребите на граѓаните.

Ургентно се потребни медиумски реформи, бидејќи за жал не само за медиумската независност, туку има потреба и за јавна дискусија за етичките и моралните стандарди.

Треба да се користат санкциите и казнени мерки за говор на омраза и разгорување на етно-национализам. Новинарите треба да ги почитуваат етичките и моралните стандарди за јазикот и дискурсот кој е дозволен во телевизиите и печатот.

Медиумите треба да се фокусираат на известување за проблеми, а не на територии или јазични групи. На пример, кога се известува за локални проблеми во Источна Македонија (каде мнозинството од граѓаните се Македонци), тие треба да проверат дали ситуацијата е иста или различна во Западна Македонија (каде главно живеат етничките Албанци) и обратно. Така ќе создаваат наративи за проблеми кои ги преминуваат етничките поделби и ќе создадат ставови кои се унитарни за државата, а не регионални.

Позитивен чекор би се направил ако медиумите воведат редовни вести на другиот јазик. Во моментот, само три ТВ станици нудат вести на два јазика, а две од тие телевизии се приватни медиуми на албански јазик. Да се биде привлечен за различни јазични групи значи да се зголеми публиката што носи прагматична корист за бизнис интересите, а не само дека тоа морално придонесува за зголемување на кохезијата.

На крај, важно е да се разбере дека главниот столб на една фер демократија е еднаквиот пристап во учеството, а не само во претставувањето. Еднаквиот пристап на учество во јавниот живот е попречен ако дистрибуцијата на информации не е еднаква и се базира на различни наративи.

Ова не го попречува само учеството на Албанците туку и учеството на Македонците, во формулацијата на политиките и дискурсите кои се важни за сите поединци кои имаат државјанство. По 2001, имаше обид да се формулира општествен договор, но тој пропадна заради недостаток на политичка волја и заради недостаток на притисок. Недостатокот на јавен притисок, барем сѐ до скорашните протести, не е знак на малициозни намери, туку е знак на недостаток на информации и неблагодарност дека граѓаните се имаат еден со друг; неблагодарност за принципот на нашата граѓанска припадност на државата.

Ова е влошено од страна на националистичката влада, која, за жал, најде плодна почва. За да спречиме ова да се повтори во иднина, мора да се обидеме да создадеме нов општествен договор, и овој пат тоа не треба да биде зад затворени врати, туку отворена и искрена дискусија во медиумите и пошироко за тоа какво граѓанство сакаме да градиме.

Дане Талески е визитинг истражувач на универзитетот во Грац и истражувач на универзитетот во Риека. Лура Положани е универзитетски асистент и докторант на универзитетот во Грац.

Коментарот е објавен и на страницата на Балкан инсајт.