650 милиони евра

Задолжувањето од 650 милиони евра ќе значи крај на режимот, доколку оние кои досега гледаа со резерва на протестите, конечно се разбудат и сфатат што се случува. Заспани, време е да се разбудите. Немате што да изгубите, освен вашите синџири!

Да бидам искрен, не верувам дека со протести, петиции, писма, колумни и јавни настапи, можеме да ја спречиме Владата да издаде еврообврзница од 650 милиони евра. Не верувам дека на кој било начин можеме да ја спречиме во тоа. Ама, навистина верувам дека ова задолжување ќе значи крај. Или на режимот, или на сите нас. Ќе значи крај на сите нас, ако останеме неми на ова што се случува и режимот успее да ги купи изборите. Ќе значи крај на режимот, доколку оние кои досега гледаа со резерва на протестите, конечно се разбудат и сфатат што се случува.

Затоа, во оваа колумна сакам да им се обратам ним, на заспаните.

3 милијарди евра. Толку нѐ задолжи оваа власт изминативе 7 години. Јавниот долг на крајот од 2008 изнесуваше 1,5 милијарди евра. Сега изнесува околу 4,5 милијарди. Сега сака да нѐ задолжи за уште 650 милиони.

Знаете ли колку се 650 милиони евра? 650 милиони евра се околу 7% од годишниот бруто домашен производ на оваа држава. 650 милиони евра се 15% од сегашниот јавен долг и 20% од годишниот буџет на државава. 650 милиони евра се толку колку што изнесувал вкупниот економски раст изминативе две години. 650 милиони евра се толку колку што изнесувале буџетските дефицити последните две години. 650 милиони евра се толку колку што изнесувале вкупните странски директни инвестиции последните четири години.

Колку се 650 милиони евра? Точно толку колку што изнесувале вкупните странски директни инвестиции последните четири години

Со 650 милиони евра можат да се направат многу работи. Можат да се изградат современи клинички центри во 20 града, т.е. во секој поголем град во оваа држава (клиничкиот центар кој треба да се гради во Штип чини околу 30 милиони евра). Може целосно да се заврши пругата до Бугарија, која никако да се доврши (за довршување на пругата се потребни околу 300-400 милиони евра). Можат да се изградат и хидроцентралите Чебрен и Галиште, за кои Владата со години не може да најде инвеститори (кои се проценуваат на околу 550 милиони евра). Можат и да се направат повеќе фабрики од сите странски фабрики во технолошко-индустриските развојни зони кои оваа Влада ги донесе изминативе 10 години (кои вкупно инвестирале околу 500 милиони евра).

Но, со 650 милиони евра можат да се направат и сите оние барокни фасади и бронзени споменици на незнајни јунаци, целиот оној проект „Скопје 2014“. Со 650 милиони евра можат и да се вработат околу 8.000 партиски кадри во јавната администрација на период од 10 години.

Владата не планира овие 650 милиони евра да ги потроши на болници, хидроцентрали или фабрики туку на панорамско тркало, барокни фасади, на вработување партиски кадри во администрацијата и други активности за купување на изборите. Затоа, треба да се спротивставиме на ова задолжување. И ние кои протестираме, и вие кои не протестирате. Затоа што на сите ни требаат болници, работни места, подобар живот. Затоа што барокот и партизираната администрација не водат до подобар живот.

Но, тоа не е сè. Знаете ли дека како камата на оваа еврообврзница ќе треба да дадеме околу 400 милиони евра? Каматната стапка ќе изнесува околу 6-7% (на претходната, онаа од крај на 2015, изнесуваше околу 5%, а сега условите на пазарот се далеку полоши, и заради излегувањето на Британија од ЕУ и заради кризата кај нас). 7% од 650 милиони евра, по 10 години, изнесува 455 милиони евра. Тие пари нема да никнат на дрво. Тие пари ќе ги дадеме ние, преку даноците, во годините што следуваат. И ние кои протестираме, и вие кои не протестирате, и нашите деца.

Овој режим сите нас нè води во полош живот и во должничко ропство. Затоа, заспани, крајно време е да се разбудите. Немате што да изгубите, освен вашите синџири!