Мора да бил или исклучително наивен или манипулативно навигиран оној Р.Р. ако навистина мислел дека со употреба на спреј-солзавец ќе се „пресмета“ со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Прво, тоа не е никаков херојски чин. Второ, ја дискредитира заложбата за фер-изборен процес. Трето, се добива впечаток дека обидот е добар за дефокусирање од предистражната постапка на СЈО во Кривичниот суд, односно дека солзавецот можеби требало да фрли магла врз расчистувањето на маглите во судот.
На крајот, како еден аматер може да се надева дека ќе го победи мајсторот на „солзавецот“, тој десеткратен шампион во прскање со популистички спрејови во земјава, а можеби и пошироко… Она што не го разбрал напаѓачот во обид или требало да изгледа дека не го разбира, е дека дострелот на спрејот во просек е околу 4 метри, а нападнатиот ќе биде онеспособен во просек од 30 до 60 минути, зависно од здравствената кондиција.
Како еден аматер може да се надева дека ќе го победи мајсторот на „солзавецот“, тој десеткратен шампион во прскање со популистички спрејови во земјава, а можеби и пошироко
„Солзавецот“ што го употребуваше атакуваниот, беше далеку пософистицирана варијанта. Не беше спакуван во мали дози, туку во големи и меѓу две големи обланди од пропаганда. Имплементаторот оценил дека така подобро се ресорбира во ткивото на народот, а притоа не остава траги како обичниот солзавец.
Како дејствува? Граѓанинот гледа ТВ, таму му се редат статистики за разни успеси – „Македонија прва во Европа по растот на… (сѐ и сешто)“, „Најдобра во светот според индикаторот…(за сѐ и сешто)“… Низ катодните цевки секој ден се распрскува отровен спреј зашеќерен со пропаганда, по што на гледачите почнуваат благо да им солзат очите.
Некои од нив не се сигурни дали им е тоа од кромидот за кој широкоградо добиле субвенции од лице кое воопшто не е вработено во Министерството за земјоделство, ниту во Платежната агенција. Кај други, осудени да примаат сигнал од два до три подобни ТВ-распрскувачи на солзавец, очите им солзат од радост за штотуку слушнатите вести. Трети солзат од надеж дека штом толку добро ѝ тргнало на Македонија, и нивните деца наскоро ќе тргнат на работа, ветена од партискиот штаб по принципот – нема глад за даден глас.
Главниот дистрибутер на тој „солзавец“, кој сега не е ни на ниво на локален трговски патник, од петни жили се обидува да ги врати во истата „кома“ оние што малку се подосвестиле. За таа цел не штеди ни сила ни ресурси, ги полни со хелиум ослабнатите мускули , обидувајќи се да создаде привид дека ништо не ја намалило неговата моќ, да го обнови имиџот на респектабилна партија, која божем и натаму го претставува „народот“, а не неговата разнишана политичка и партиска позиција, обременета со бројни стравови од соочување со правдата.
Гледано од идна перспектива, Груевски би бил среќен вчера да му се случел „солзавец“. Бидејќи она што се случи истиот ден, само на десетина метри од споменикот на неговата егзекуторска икона – Ќосето, подоцна може да му предизвика многу повеќе солзи отколку кое било шише исполнето со дефенол.
Предистражната постапка на СЈО за упад и издавање тајни службени податоци од нивните предмети, навестува дека наскоро можеме да дознаеме кои и колку ќосиња преку злоупотреби ја кроеле правдата во Кривичниот суд, по чиј налог и за чии интереси. И ова е можеби еден од најважните моменти, кој доколку содржи потенцијал да го открие и докаже тоа во судска постапка, може да биде меѓник – демаскирање на лажниот судиски интегритет и почеток на создавање судство кое нема да биде Потемкиново село за потребите на политичкиот газда.
Цели десет години беше произведувана нова армија „самуилови војници“, кој заслепен на едното, кој на двете очи, зашеметени и закрепостени од Партијата
Оние кои се засегнати од ваквиот можен епилог, во целиот изминат период испраќаат пораки дека ќе биде брутално уништена секоја алтернатива на нивното (единствено исправно) владеење. Се разбира, не се во прашање ниту интересите на земјата, ниту на партијата, туку на неколку политички кариери, опасноста да завршат зад решетки и да го враќаат она што го украле од граѓаните на Македонија.
Во битка за тие персонални, а не државни или партиски цели, го трујат народот со разни солзавци, од кои тече отров кон соседите, подметнати стравови за иднината на Македонија и други слични „стапици“, во кои на крајот ќе си ја потфатат сопствената опашка.
Нивниот отпор кон можноста Македонија да стане правна држава е голем колку и нивниот страв за себе во сменети околности, бидејќи лидерот не само што веќе не е обвинител, ниту врховен, апелациски или судија во Основен суд, туку исплашен и дека судии наскоро можат јавно да посведочат како се калело независното судството преку тефтерчето на Гордана.
Расте свеста дека повеќе не функционира тоа единство на „команда и контрола“, кое беше претворено во догма за партиско-политичка, но и судска непогрешливост. Сепак, факт е дека верни остатоци на режимот во клучни сфери и натаму ја тераат неговата одбрана.
Тој лебедов танц во правосудството само открива дека промените ќе бараат двојни напори и двојно повеќе време за да се исчистат рецидивите на еден деформиран и партиски узурпиран систем, имајќи ги предвид субверзивните активности на оние кои двојно губат – првин власта, а потенцијално и слободата. Затоа кај нив инстинктите за самоодржување се многу посилни од „вистината“ што ја говорат, „логиката“ на која се потпираат и здравиот разум на кој се повикуваат. И натаму ќе се обидуваат да ѝ украдат ново време на државата преку ширење пропагандистички шашми.
Но, ако постои план за реформи во правосудството, ако постојат индиции за злоупотреби, ако постојат истражни органи, тогаш некои процеси мора да се движат многу побрзо од сегашното темпо. Прибе веќе ја лепи марката на третото писмо (извештај), а овде ни еден чекор не е направен меѓу првиот и вториот.
Ако има опструкции и разни финти за ескивирање на процедурите на правдата, тие треба секој ден јавно да ѝ бидат соопштувани на јавноста. Во спротивно, само обидот за уредна достава до клиентите во судските процеси може да трае колку патот на Турција до ЕУ. За покрупните работи воопшто да не зборуваме…