Македонија е земја на карневали и балови. И додека карневалите како место каде што луѓето се маскираат и се глупираат кај нас се случуваат постојано, во текот на целата година (вевчанскиот беше за Василица, вмровскиот помина на 27 април, струмичкиот на самурајот Зо-Че ќе биде за Тримери…), двата најважни бала што го заробија вниманието на македонската јавност се случуваат токму сега.
Едниот бал ќе го приреди државниот врв, а главна ѕвезда ќе биде генсекот на НАТО Јенс Столтенберг. Вториот, оној пораскошниот и позабавниот, веќе го приреди Амди Бајрам во хотелот „Александар палас“, а главна ѕвезда бил бугарскиот пејач Азис. Она што е заедничко и за двата бала е дека и едниот и другиот помин(ув)аа(т) без забележително присуство на ВМРО-ДПМНЕ.
Се сеќавате, не толку одамна, ромските балови на Бајрам не можеа ни да се замислат без кралот Никола Груевски, а ромската убавица не можеше да се избере без гласот на началникот на жирито и братучед на сите добронамерни луѓе со камен – Сашо Мијалков. Овојпат, во недостиг на вистински султан(и), самиот Бајрам мораше да се облече во облека на султан, правејќи карневал од балот и давајќи до знаење дека веќе не е ничиј везир, туку независен пратеник во служба на идејата за живот во Македонија за сите.
Се сеќавате, не толку одамна, ромските балови на Бајрам не можеа ни да се замислат без кралот Никола Груевски, а ромската убавица не можеше да се избере без гласот на началникот на жирито и братучед на сите добронамерни луѓе со камен – Сашо Мијалков
Со други зборови, песнава би можела да се вика и „Среден прст“ или „Гол со пета“, или со ракометен речник кажано, Барјам реши на балот да изигрува Германец и да шутира пенал за израмнување по завршувањето на мечот, кога екипата на Груевски веќе беше пратена на туширање во „Шутка“. Но, пенал си е пенал, сѐ додека се брои во конечниот резултат.
Немам информации дали синот на Бајрам се качил на маса погоден од следната строфа на истава песна: „Њакој прави хит, друг сваља билборди, имам нужда от прегледа контролен, пак ли има недоволен?“, која носталгично го потсети на средношколските денови од своите рани триесетти, но, се надевам дека пред да скрши неколку чаши, некој му дошепнал дека и овие стихови се посветени на поранешниот коалициски партнер на татко му. Недоволен еден, овојпат, нема да се пишува (само) во дневникот на Елвис Бајрам, туку и во дневникот кај класниот на НАТО.
ВМРО-ДПМНЕ не го чу Азис во живо, тие се бајаги „батери азис“ по локалните, но тоа не значи дека нема да се нацртаат како ученичиња кај Јенс за да ја поправат „единицата“ по историја заработена откако за подготвуваа за час учејќи од несоодветни читанки пишувани во Белград и во Москва.
Ќе го слушаат говорот на класниот и ќе плескаат со рачињата, сѐ ќе сторат кутрите за едно килаво двојче. Нивниот национализам, нивната тврдокорност и вековниот непокор ќе се столчат во аванот на Столтенберг со отпор помал и од оној на сувата пиперка кога станува буковец.
Зашто балот на кој е дојден генсекот е малку посериозен од полуматурската забава на Елвис. Тој е банкет, по кој Македонија треба да замине во војска, на редовно отслушување на воениот рок во НАТО, каде што досега одела само во посета, а сега треба да заминеме со првиот воз како полнолетна и полноправна членка на општеството што го споделуваме.
Значи, бидете спокојни, драги припадници на вмровската раса, овој бал нема да помине како ромскиот, со празно столче за вас, но на него вие нема да сте ниту вратари, а не пак „избацивачи“.
Само една работа деновиве повеќе ме има насмеано од твитот на Тричковски дека вратата на Македонија во НАТО може да ја отвори само Крсто Муковски. А тоа е барањето на Јохан Тарчуловски до судијката Весна Димишкова да го пушти од домашен притвор да одел во Собрание, зашто на своите избирачи им ги ветил евроатлантските интеграции. Се сведуваат и двете на истата иронија, но мислам дека Јохан како поранешен воен злосторник е за една рака позаслужен од Крсто во генералните заслуги на долгата рака на ВМРО за нашето зачленување во Алијансата.
Навистина, Македонијо, како планираш да влезеш во НАТО без Крсто и Јохан? Треба ли некој да му отвори врата на Столтенберг, да го води низ лавиринтските ходници на македонскиот законодавен дом како да е голорак македонски патриот со качулка на главата и пиштол под појасот и да му покаже гостоприемливост и љубезност како маскиран бакнувач на рака на Бети Канчевска? Како планираме тренинг-кампот за убивање комуњари, тираноплатформаши и неистомисленици во Јасен да стане камп на НАТО без неговите команданти?
ВМРО-ДПМНЕ не го чу Азис во живо, тие се бајаги „батери азис“ по локалните, но тоа не значи дека нема да се нацртаат како ученичиња кај Јенс за да ја поправат „единицата“ по историја заработена откако за подготвуваа за час учејќи од несоодветни читанки пишувани во Белград и во Москва
И Алијансата и Амди, сепак, мислеа на сите што се „батери азис“. Така на пример, на Ромскиот бал, покрај Азис, настапил и „Енерџи бенд“ од Врање. А со оглед дека надворешнополитичките дострели на минатото раководство на ДПМНЕ не дофрлаа подалеку од Врање, новиот лидер на партијата ќе добие и од Столтенберг енерџи дринк. Од оние што ти даваат крилја.
Се разбира, ако енергијата биде потрошена деструктивно и во стилот на претходникот, крилјата ќе бидат исечени, а лутата пиперка нема да биде столчена во аванот на Столтенберг, туку во анусот на пропуштената историска прилика за рехабилитација.
Се надевам, сепак, дека Мицко ќе ја искористи оваа шанса и дека на следниот Ромски бал, Азис, по порачка лично од Јенс, ќе му запее: „става дума за голјамо, јако парти, мој си тип, изван всјакакви стандарти“.
Па, здравје, на матура да одиме сите заедно. Не кај Елвис, кај Македонија.