Се согласувам со многумина аналитичари, политичари, новинари, па и дел од јавноста дека изборот на техничката влада на чело со Талат Џафери е – историски чин. И јас мислам дека е историски чини, само од сосема други причини.
Тоа што Талат Џафери е прв македонски етнички Албанец што станал претседател на Влада не е податок што којзнае колку ме фасцинира. Да, претпоставувам дека на ниво на куриозитет и тоа ќе биде запишано некаде, но фактот што во 2024 година сме избрале политички, а не етнички премиер сигурно не е нешто што може да се вброи во историските преседани.
Не тврдам дека Талат Џафери нема да влезе во историјата, ама тоа сигурно нема да биде поради неговата функција, туку поради она што го направил или не го направил додека бил функционер. А можеби и ќе го заборавиме. Зависи од него.
Политичка зрелост
Кога ги читам овие епови за „демократската зрелост на државата“ поради етничката припадност на премиерот, не можам, а да не се сетам на д-р Вулнет Старова. Многумина од повозрасните го помнат во прекрасно светло, првенствено како професор, лекар и човек, а некој можеби и ќе се сети дека тој беше првиот македонски етнички Албанец, претседател на највисокиот законодавен дом на Социјалистичка Република Македонија.
Но, тоа сигурно не е пресудниот факт за убавите спомени за него.
Ако не ме лаже сеќавањето, токму во мандатот на д-р Старова, потпредседателка беше мојата почитувана колешка Дрита Карахасан, инаку етничка Турчинка, ако е тоа веќе толку битно. Јас навистина не знам дали овој податок во нејзината биографија ќе влијае врз создавањето на колективната слика за неа, ама со сигурност знам дека нејзините новинарски и уреднички капацитети, како и нејзината професионалност, сигурно ѝ обезбедија место во македонската журналистичка историја.
Во ред, некој ќе каже дека времињата беа други, дека политиката, меѓу другото, се раководеше и по етнички клуч, дека законодавниот дом ја немаше реалната политичка моќ, како што ја има денес итн.
Данела Арсовска е првата жена-градоначалничка во историјата на Скопје. Мислите ли дека некој ќе ја помни по тој факт? Прашањето е, се разбира, реторичко. Ќе ја помниме Данела, ама најмалку по нејзиниот пол
Но, извинете, ама уште не сум слушнал дека именувањето на д-р Старова за претседател на Собранието на СРМ беше конечен доказ за етничката рамноправност во тогашната Република или дека беше резултат на некаква тогашна „тиранска платформа“.
Затоа што не беше ниту едното, ниту другото, туку беше едно, можеби симболичко, но во секој случај персонално решение за извршување одредена функција во одреден момент.
Кога сме веќе кај „демократската зрелост“, се сеќавам кога Барак Обама беше избран за претседател на САД, како „прв црн политичар на оваа функција“. Во исто време, во некоја од африканските држави (не можам да се сетам во која, а не е ни важно, но за потребите на овој текст нека биде, на пример, Нигерија) исто така се одржуваа претседателски избори.
Среде големата фама што се крена околу „расната припадност“ на Обама, американскиот сатиричен весник „The Onion“ на насловната страница објави текст со наслов: „Во Нигерија е избран црн претседател!“. Се разбира, со фотографија на новиот претседател на африканската земја што беше во прашање. И така до апсурд го доведе воодушевувањето од американската „демократска зрелост“.
Денес Обама се помни по вакви или онакви политики, ама најмалку се помни по бојата на неговата кожа.
Кога сме веќе кај „етничките принципи“, можеби најилустративен е примерот на Велика Британија. Нивниот премиер Риши Сунак (на оваа функција е од 2022 година) се декларира себеси како британски Индиец.
Градоначалникот на Лондон, Садик Кан (градоначалникува од 2016 година) е британски Пакистанец и е првиот припадник на муслиманската религија што станал градоначалник на една голема западноевропска престолнина.
Токму овој муслиман, адвокат по професија, се залага, на пример, за истополни бракови.
Етничкото потекло на овие двајца политичари (инаку од спротивни политички табори) денес се спомнува само во контекст на опскурните теории за светски заговори (слични на нашите „тирански платформи“), присутни меѓу луѓето што се убедени дека „светската влада“ нѐ прска со отрови и дека Земјата е рамна.
Можеби британскиот пример не е соодветен затоа што и во двата случаи станува збор за втора генерација емигранти во Велика Британија, додека Албанците кај нас се домицилно, а не доселено население. Посоодветна споредба би била, на пример, премиер на Велика Британија да беше некој Шкот или некој Велшанец, ама убеден сум дека тој податок никој немаше ни да го забележи.
Затоа ќе се вратам на еден нам поблизок и уште актуелен пример. Данела Арсовска е првата жена-градоначалничка во историјата на Скопје. Мислите ли дека некој ќе ја помни по тој факт? Прашањето е, се разбира, реторичко. Ќе ја помниме Данела, ама најмалку по нејзиниот пол.
Политичка незрелост
Зошто тогаш мислам дека изборот на оваа техничка влада е – историски чин. Токму од спротивни причини. Оваа влада не е доказ за политичката зрелост на државата, туку доказ за нејзината – незрелост! Оваа, како и секоја друга техничка влада е доказ дека општеството не е подготвено да спроведе „нормални“ избори преку политичката волја на мнозинството, па нив мора да ги спроведува едно техничко тело.
Кога во 2016 година се воведе институтот „техничка влада“, тогаш тоа можеби и имаше некаква смисла, затоа што имаше низа основани сомневања за нарушувања на изборниот процес, изборни кражби и изборен инженеринг.
Впрочем, за овие дела се водат и судски постапки.
Во изборните циклуси што се случија оттогаш до денес, ниту еден релевантен политички фактор немал сериозни забелешки на изборниот процес. Никој повеќе не побара, на пример, ревидирање на избирачкиот список. Никој не спомна „гласачи од Пустец“. Не се слушна дека некој некого ќе „тегне за уши“ до избирачкото место. Не се зборува за таканаречените „капиларни гласови“, односно листи со сигурни гласови, нема фотографирања на гласачките ливчиња… Дури и фамозниот „бугарски воз“ ја изгуби својата актуелност.
Што, всушност, значи „техничка влада“?
Зошто тогаш оваа техничка влада е – историски чин?Затоа што тоа е единствениот пример во глобалната политичка историја, едно општество, самосвесно, без притисоци и без никаква политичка или парламентарна криза, да признае дека не е во состојба да организира регуларен политички живот во земјата
На пример, техничката вода, наједноставно кажано, е водата што не е за пиење. Техничката грешка во кошарката е грешка што се прави надвор од играта (довикување од клупа, расправа со судијата, попречување на почеток на акцијата итн.).
Техничката грешка во печатените материјали е онаа што се појавила надвор од волјата на креаторот на тие материјали. Како тогаш да се дефинира техничката влада? Дали е поблиску до техничката вода (со мал опсег на употребливост) или на техничката грешка (дејствува надвор од регуларната игра)?
Би рекле, и едното, и другото. Техничката влада е првенствено неодговорна влада. Таа не е избрана по волја на гласачите и таа нема мандат да решава клучни прашања за нив. Таа е избрана според нечија политичка волја и има мандат да ја задоволи таа волја.
Според македонскиот Устав, Владата му одговара Собранието. Во еден момент, пред изборите, Собранието ќе се самораспушти. Кому тогаш ќе му одговара техничката влада, ако формално нема одговорност ниту пред гласачите, ниту пред оној што ја избрал? Никому, се разбира.
Со други зборови, техничката влада не е ни за пиење, а не е ни за миење. За што служи тогаш?
Јас не можам да најдам друго објаснување, освен дека таа се формира за краткотрајно факторизирање на некои политички опции, за краткотрајно задоволување одредени политички суети и за можноста некои луѓе да видат како изгледа да се седне на функционерска фотелја. Се сеќаваме сите на Оливер Андонов, човекот што благодарение на техничката влада, беше министер за внатрешни работи нецели 24 часа.
Зошто тогаш оваа техничка влада е – историски чин?
Затоа што тоа е единствениот пример во глобалната политичка историја, едно општество, самосвесно, без притисоци и без никаква политичка или парламентарна криза, да признае дека не е во состојба да организира регуларен политички живот во земјата.
И да се исперат уште малку од буџетските пари, се разбира.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија