Тажно е да се гледа на што е сведена „автентичната и суверена“ македонска државна политика: не на тоа што си го направил туку на она што другите можат да го направат и да го одработат за тебе. Во таков дух на провинцијализам и џаболебарство, кој постојано тежнее да чепне од славата и моќта на клучните центри и личности на светската политика, „најпатриотската партија“ денеска ја слави инаугурацијата на Доналд Трамп, се разбира, со неспоредливо поголема возбуда од онаа што ја промовираа за нивниот Иванов.
Притоа, со денови кулоарски верглаат еден ист рефрен: „Никој ништо не ни може, сега кога Доналд Трамп е новиот претседател на САД, а пријателот на Груевски од ЕПП, Антонио Тајани, нов претседател на Европскиот Парламент!“
Со логореична возбуденост, небаре ја нашле вистинската (а не, наместената) паричка во лебот, или како да го фатиле крстот во фонтана со димензии „два на два“, на овие два факта и нивниот политички потенцијал, ја темелат надежта за својата нова политичка долговечност. Сето тоа е исфилувано со некаква кармичка димензија, судбински печат дека сѐ морало да се случи во последен миг, за да се спаси државата (читај ВМРО-ДПМНЕ) од погубните сценарија.
Човек да помисли дека Трамп е некој наш, од задграничниот комитет, кого печалбарската судбина го одвоила од можноста да си пие вода од Вардарот, па морал да се задоволи со водите на Потомак. Па сега, откако вивнала неговата ѕвезда над авенијата „Пенсилванија“, тој ќе нема друга работа освен да работи исклучиво за нас. Зошто? Затоа што негов и наш врвен непријател е Сорос, што по дефиниција автоматски нѐ прави најголеми пријатели со него.
Оваа нова малограѓанска епизода, исткаена со надежи за ексклузивна трамповска поддршка во која нашите домашни јунаци веруваат дека влегуваат со нечепнат кредибилитет и накитени со туѓи пердуви, брзо ќе заврши
Оваа инфантилна логика која функционира во детски кавги, за жал, станува државна стратегија на Македонија за срамно додворување на Вашингтон, а во неможност да произведе ништо друго, освен, на таков начин да ги капитализира и внатрешните кризи и конфликти.
Тоа е „суверената политика“ на ВМРО-ДПМНЕ, слична на погонот во кој беа ставени и непознат број веб-страници, производители на лажни вести во полза на Трамп. Но, скандалот ќе биде многу голем, а шлаканиците прежешки, кога ќе се открие под чиј патронат функционирале тие.
Ситуацијата нема да биде подобра ни на оваа страна од барата, без оглед чиј пријател е новиот претседател на ЕП. Патриотите се среќни што Европа сѐ повеќе се балканизира, наместо Балканот да се европизира, бидејќи таа состојба го продолжува времето на нивниот пашалак. Но, тоа не значи дека се откажуваат од нови кастинзи во кои глумат големи Европејци.
Така и Груевски, во честитката до Тајани, му се заблагодарува што е догогодишен искрен пријател на Македонија и на проширувањето на ЕУ, во која свое место треба да да има и Македонија. По фалбите дека тоа е „голем успех“ за централно десните партии и за Европската народна партија, заедничкиот дом во кој е и ДПМНЕ, Груевски на крајот од честитката вели дека „Македонија припаѓа во Европа и Македонија останува на својот пат кон интеграција во Европската унија“.
И сега, ако навистина го почитува(ат) Тајани, во партијата треба да ги усогласаат верзиите наменети за официјален Брисел и оние за пред домашната јавност, бидејќи вака излегува дека некого го лажат. Имено, на 15 јануари, Владимир Ѓорчев, викан Влатко, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и новоизбран пратеник, во ТВ-настап изјави дека „на Македонија не ѝ требаат процеси на интеграција туку зачувување на унитарноста, економска стабилност, стабилизација и економски развој. Тоа е концепцијата на ВМРО-ДПМНЕ“.
Која верзија важи – таа за интеграција или таа против интеграција? Не прашувам, јасно ми е. Само ги потенцирам лагата и демагогијата што ја шират. Токму заради вакви шашми постојано им тлее желбата да имаат некој што ќе им го чува грбот, па макар и во „омразениот Брисел и ЕУ која е пред распаѓање“. Очајно им треба некој што по десничарска линија ќе ги правда и поддржува нивните лажни мантри за интеграција, додека тие лагодно ги трошат проклетите пари од европските фондови, но за да си градат приватно царство, а не современа демократска држава.
Заради тоа сега се крстат во Тајани. Од друга страна, преку „десоросоизацијата“ мислат дека најбрзо ќе се факторизираат како балкански партнер на Доналд Трамп. Со тоа срамно и тажно ја сведуваат Македонија на некаква провинциска мисица од Западен Балкан, која не избира начин како да му го привлече вниманието на светскиот играч, па макар и да трча од Скопје до Њујорк, како гола активистка на „Femen“, со парола „Спаси ме од Сорос“.
Но, САД не би биле тоа што се на светската сцена, кога не би биле упатени во финесите на македонската политика. Односно, дека лекот за овдешната болка не се наоѓа во процесот на десоросоизција туку во темелна дегруевизација на општеството.
Затоа, домашните итарпејовци длабоко ќе го потценат Трамп, ако се обидат да го уверат дека „нашиот проблем“ со Џорџ Сорос е од иста природа како и неговиот. Таа приказна сигурно нема да добие американска виза, но може да заврши на некоја друга листа.
Американската администрација се има изнагледано многу вакви шибицарски додворувања и од разни диктатори и од полуфабрикати од демократи, а богами има и многу докази колку до вчера некои биле подготвени да платат само за да се фотографираат со Хилари Клинтон, а веќе денес нарачуваат фотографии од Трамп за своите суверени државнички канцеларии.
Домашните итарпејовци длабоко ќе го потценат Трамп, ако се обидат да го уверат дека „нашиот проблем“ со Џорџ Сорос е од иста природа како и неговиот. Таа приказна сигурно нема да добие американска виза, но може да заврши на некоја друга листа
Ништо не е така како што изгледа и ништо нема да биде така лесно проголтано, на шалтерот каде што патриотите суверено доставуваат молба за да фатат некаков приклучок, макар било тоа и влакно од немирниот, златен прамен на Трамп. И на сите им е јасно дека зад тој патриотизам се крие само провинцијализам и малограѓанштина.
Секако, тие немаат никаква врска ниту со местото на раѓање ниту со местото на живеење туку исклучиво со состојбата на духот и вредносниот ориентир на оние кои ја водат политиката. А тие се западнати во варварство кое продуцира непријателства од различен вид и за различни потреби, кои не можат да ги оправдаат со рационални објаснувања, бидејќи им недостигаат факти.
Затоа, единствениот излез за да ја одржат таа приказна, го гледаат во можноста да ја подметнат на одржување и сервисирање кај некој надворешно-политички авторитет. И сега им се чини дека е вистинскиот момент за тоа. Да се прошверцуваат низ задна врата, макар и до последното ќоше на Трамповата бина, за потоа да галамат дека си обезбедиле сертификат за опстанок во првите редови дома.
Тоа нема да се случи пред да сфатат дека политиката и моралот не треба да се разминуваат туку да се совпаѓаат. За почеток, барем да овозможат да се сретнат.
Затоа, оваа нова малограѓанска епизода, исткаена со надежи за ексклузивна трамповска поддршка, во која нашите домашни јунаци веруваат дека влегуваат со нечепнат кредибилитет и накитени со туѓи пердуви, брзо ќе заврши.
Нивната патека најмногу е одредена од севкупните ефекти на нивниот минат децениски труд. Тие ефекти, пак, види чудо, се совпаѓаат со насловот на магистерскиот труд на нивниот водач, и ги упатуваат – не кон влезот туку кон единствената заслужена и одработена насока: „Кон излезот“.
Карма или…?