Цената на парите

Унгарското претседателство со Европската Унија ќе вложи фокусирани напори да ги почне пристапните преговори со Северна Македонија и да отвори барем едно поглавје во преговорите, порача министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, од маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон.

Спорeд Сијарто, ЕУ го губи кредибилитетот секогаш кога некоја западноевропска или балтичка земја го попречува пристапувањето на земја од Западен Балкан.

Тоа е точно, а Македонија повеќепати го почувствувала на своја кожа. Точно е и дека меѓу приоритетите на актуелното унгарско претседателство е приближувањето на земјите од Западен Балкан чекор поблизу до членството во ЕУ. Но, се чини дека Унгарија, која го презеде ротирачкото претседавање со ЕУ од први јули (до 31 декември), и самата ќе има тешкотии прво да го одбрани нејзиниот кредибилитет, пред да го критикува кредибилитетот на ЕУ.

Самопрогласениот миротворец

Зошто? Во изминатите две недели, Орбан оствари ненадејни посети на Киев, Москва и на Пекинг, во сопствен аранжман, што ги налути сојузниците во НАТО, но и во ЕУ. Реагираа поради неговата самопрогласена мировна мисија, оценувајќи дека со таа посета му дава легитимитет на Путин, кого Западот се обидува да го изолира поради неговата агресивна војна во Украина.

„Авантуризмот на Орбан“, како што најблаго се опишува меѓу европските дипломати неговата посета на Москва, предизвика бранувања во Унијата, со критики дека Орбан не може да зборува во име на 27-члениот блок.

Со остра оцена дека „унгарските акции за време на претседавањето со ЕУ се штетни и мора да имаат последици“, Шведска реши да не учествува на политичко ниво (со министри) за време на неформалните владини состаноци во јули.

Ова, во изјава за Ројтерс, го најави шведската министерка за прашања на ЕУ и за нордиска соработка, Џесика Росвал, која е и кандидатка за иден член на Европската комисија. Според Росвал, покрај Шведска, исто така и Финска, Естонија, Летонија, Литванија и Полска ќе бидат претставени само од државни службеници, додека и други членки на Унијата веќе разговарале за слични чекори.

Фактот што за време на посетата на Киев, Орбан не му кажал на украинскиот претседател дека неговата следна „мисија“ е во Москва, како и фактот што по самитот на НАТО, унгарскиот премиер веднаш „одлета“ на средба со Доналд Трамп во Мар-а-Лаго, го зголемија списокот од забелешки на адреса на Орбан, и во Европа, и од другата страна на океанот.

Според советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, секој авантуризам преземен без согласност или поддршка на Украина не е нешто што е во согласност со надворешната политика на САД.

Тајмингот е најважен фактор

Во такви сложени околности, македонското раководство се враќа од Вашингтон со договор „во иднина да воспостави специјална економска соработка со Унгарија“, односно да отпочне процес во кој унгарската влада ќе ѝ позајми на македонската влада сума од 500 милиони евра со камата од 3,25 проценти, три години грејс-период и 12 години рок на отплата.

Настрана од партиските препукувања дали овие услови се најдобрите што досега ги добила земјава, воопшто не се за потценување напорите да се обезбеди поддршка за македонската економија и за македонските општини. Но, не смее да се заборави дека во политиката и во водењето на државните работи, исклучително важен фактор е тајмингот. Промашен тајминг носи само компликации.

Во овој случај, владата мора добро да размисли, не само поради актуелното незадоволство на членките на ЕУ и НАТО кон авантуризмот на унгарскиот премиер, туку за Македонија да не биде „тревата“ што ќе настрада во битка меѓу „слоновите“.

Пред сѐ, мора да се пресмета каква цена ќе има таа специјална економска соработка, ако поради неа една врата широко се отвори (унгарската), но повеќе други се затворат.

Особено што Унгарија на долги патеки гради една стратегија – да се профилира како регионална сила, која преку економски политики ќе создаде и силно патронатство врз земјите од Западен Балкан, за потоа да ги конвертира во политички увозници и следбеници на нејзината илиберална демократија.

Оттука, легитимни се прашањата – дали најавената позајмица од 500 милиони евра, покрај највените бенефити, може да донесе, не скриени, туку отворени политички трошоци, чии димензии сега не може да се претпостават. Дали финансискиот договор може и политички да ја обои Македонија?

Како што рекоа од Вреди во една пригода – нема втора шанса за прв впечаток – така и во случајов, првиот аранжман на новата македонска влада не остава шанса за втор впечаток, освен перцепција за „ујдисување“ со илибералниот Орбан, во чија државна престолнина неслучајно е вдомен и илибералниот Никола Груевски.

Брат за брат, сирење за пари

Доколку се беспредметни овие стравувања и сомневања, тоа значи дека со овој (потенцијален) договор, владата ќе има многу поголема обврска од расчистувањето што тривијално го нарекуваме „брат за брат, сирење за пари“.

Секако дека со Унгарија и со други членки на ЕУ треба да ја зајакнуваме соработката, особено економската. Но, политичкиот суптилитет во овој случај ќе треба да се темели врз успешноста да се направи јасна граница меѓу позајмицата и геополитичките постулати на унгарското раководство, кои веќе во поголема мера се разидуваат со нашите, и на нашите стратегиски партнери.

Не е исклучено овој аранжман од страна на нашите партнери во старт да биде доживеан како политички трошок за Македонија, но ќе биде уште побитно да анализираат – зошто Унгарија стана најблискиот „капиџик“, а можеби и единствениот што ѝ преостана на Македонија?

Можеби и некој заборавил дека повиците на Атина за почитување на меѓународното право, денес изгледаат доста цинично по пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг – дека Грција ја прекршила Привремената спогодба од 1995 година, со тоа што ставила вето на членството на Македонија во НАТО. Кој да памти такви дребулии од „далечната“ 2011 година!

Покрај дведецениското тормозење со разни услови и фактот дека земјата има кандидатски статус од 2005 година, реакциите на Атина за непочитување на Преспанскиот договор од македонска страна, во пакет со условите на Бугарија/ЕУ, за жал, буквално ја туркаат Македонија да си бара партнерство зад кое смета дека барем не се крие некое ново условување или понижување за земјата. Што не мора да значи дека и крајниот исход ќе биде таков.

Затоа е нужна внимателност на владата. Ако некои досега повикуваа – не им верувајте на Данајците дури и кога носат дарови, мора со иста мера да бидат внимателни и кон други дарови.

Внимателноста е уште понужна од страна на ЕУ. Солидарноста меѓу членките на ЕУ не подразбира дека Брисел треба да мижи кога некои од нив својата позиција ја злоупотребуваат за разни волунтаристички блокади на кандидатите.

Кога таа пракса би била елиминирана, никој не ќе може да се фали дека го има „во џеб“ соседот или регионот, ниту некој трет да ќарува додека двајца се расправаат или да води соло политика. Изгледа едноставно, ама, за жал, сѐ уште не е научено.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија