Цутот на мимозите

  • 2
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Да не ја видов на ТВ изјавата на сопственикот на туристичка агенција, ќе мислев дека е лажна вест оти некој во оваа ситуација решил да носи македонски граѓани на фестивал на мимозите во Црна Гора. И без трошка срам, господинот објасни дека од црногорскиот хотел му рекле оти патувањето мора да се реализира! 

Па, кој фактор е хотелот? На сите ни е јасно дека туристичките агенции се најдоа во исклучително тешка ситуација. Но, како само тој се најде паметен профитот да го стави пред здравјето на граѓаните, третирајќи ги инструкциите од црногорскиот хотел како надредени над домашните мерки за однесување во актуелната состојба?  

Дали лекарскиот, средно-медицинскиот персонал и другите надлежни во случајов се убиваат од работа деноноќно, за некој да развезува ризик на автобуски тркала? 

Срамно и бедно. Сите негови колеги трпат тешки загуби, но никој не ни помисли на ваков начин да ја тестира издржливоста на воспоставениот систем на превенција. Зошто господинот не организира еден „аранжман“ до Инфективната клиника, или до Управувачкиот комитет, или до други служби инволвирани во превенцијата од корона вирусот, па да види какви мимози цветаат таму? 

Дали лекарскиот, средно-медицинскиот персонал и другите надлежни во случајов се убиваат од работа деноноќно, за некој да развезува ризик на автобуски тркала? 

Џабе пофалбите од СЗО за справувањето на нашата земја со предизвиците на корона вирусот, кога системот може да го девалвираат неодговорни индивидуи. 

Како да не беше доволен примерот со директорката на Клиниката за кожни болести, па ни примерите колку многу поголеми земји според територија, напредок, технологија и здравствен стандард, губат чекор во битката со нешто видливо под микроскоп. 

Не велам дека треба да живееме во мизофобија и во паника. Потребна е елементарна самоконтрола и почитување на мерките. Дури и ако некој е толку неодговорен и дебелокожец, дури и воопшто да не го интересира каква ќе биде состојбата во земјата, барем нека ги почитува мерките од најсебични причини – да го заштити своето семејство. 

Ако секој го штити своето семејство, сите заедно ќе ја заштитиме заедницата. Сѐ друго води кон колапс на здравствениот систем. Дури и најразвиените држави во светот немаат таква здравствена инфраструктура што ќе може да одговори на потребите ако попушти одговорноста на граѓаните и ако се дозволи епидемијата да земе замав.

Исто така, нема земја што може во ваква состојба да организира избори во околности кои не може отсега да се предвидат, а изборните рокови течат. Од тој аспект, добро е што претседателот Пендаровски го отвори тоа прашање, со оглед дека ние не гласаме од дистанца (електронски), туку во затворен простор, а целата изборна структура ни се потпира на кадровска логистика – членови на изборни комисии, избирачки одбори. 

Не може да се направат однапред толку резервни состави за нив, за да бидеме сигурни дека на денот на гласањето за сите ќе има соодветна замена, доколку некои во последен миг се разболат. А станува збор за армија од луѓе. 

Дури и најразвиените држави во светот немаат таква здравствена инфраструктура што ќе може да одговори на потребите ако попушти одговорноста на граѓаните

Патем, кој може отсега да предвиди во каква здравствена состојба ќе бидат гласачите, но и дали ќе излезат на гласање поради страв од зараза? Ако, не дај Боже, состојбата се влоши, од каде толкава армија на луѓе кои би можеле да спроведат гласање во домашни услови, како што е гласањето на старите и изнемоштени лица, доколку бројката на луѓе во самоизолација стане преголема? 

По лидерската средба кај премиерот Спасовски, следеа многу изјави, со многу неискреност. Ми се чини дека никој не ни помисли да го отвори ова прашање, само за да не биде обвинет дека бега од избори. Таквото тактизирање или воздржаност е исто така неодговорно во ваква ситуација. 

Сите ќе бидеме најсреќни ако состојбата се смири, ако моќта на вирусот опадне, и ако на 12 април може да одиме на избори. Со оглед дека тие беа договорени во октомври, дека за потребите на нивно организирање беше формирана техничка влада, дека веќе шест месеци живееме во неформална изборна кампања, не верувам дека постои граѓанин што не сака овој изборен циклус што побргу да заврши и да прекинат кавгаџиските дуели со кој е отруено нашето секојдневие.  

Но, ако состојбите со вирусот не даваат знаци на стивнување, не постои друг избор, освен одложување на изборите. Можеби ќе бидат поместени во време кога мимозите ќе бидат веќе процветани, но тоа е помало зло отколку да дозволиме да свенат човечки животи.