Регион

Радоичиќ ја предложи вдовицата на Ивановиќ за сведок

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Оливер Ивановиќ во Белград, во 2011 година. Фото: Медиа центар

Милена Поповиќ Ивановиќ, вдовица на убиениот лидер на политичката партија „Слобода, демократија, правда“, Оливер Ивановиќ, беше предложена како сведок во случајот за клевета, што го покрена бизнисменот, Милан Радоичиќ, за кого се наведува дека бил водач на криминална група што го убила Ивановиќ.

Радоичиќ, потпретседател на партијата на косовските Срби, Српска листа, е бизнисмен кој во јавноста се смета за вистински носител на власта во северно Косово.

Тој ја тужеше политичарката, Рада Трајковиќ, претседател на невладината организација Европско движење на Србите од Косово и Метохија и поранешен министер во српската влада, за повреда на неговата чест и углед, бидејќи таа јавно го поврза со убиството на Ивановиќ. Случајот ќе го води Вишиот суд во Белград, а неговиот почеток е закажан во септември.

Адвокатот на Радоичиќ вчера поднесе предлог за подготвително рочиште.

Од друга страна, Поповиќ Ивановиќ за интернет порталот Косев изјави дека не знае ништо за предлогот.

„Јас ја немам оваа информација, кога ќе ме известат за тоа, тогаш ќе одлучам. Но, засега ја немам таа информација, сега прв пат ова го слушам“, изјави таа.

Правниот застапник на Радоичиќ, како сведок го предложи и Горан Ракиќ, претседател на Српска листа.

Ивановиќ беше убиен пред неговиот партиски штаб во Митровица, северно Косово, на 16 јануари 2018 година.

Според обвинението поднесено во Косово, Милан Радоичиќ и Звонко Веселиновиќ, познат косовски Србин, биле водачи на криминална група, одговорна за убиството на Ивановиќ.

И двајцата побегнаа во Србија, за да го избегнат апсењето и негираа вмешаност во убиството.

Иако претходно се сметаше за голем националист, тој стана умерен политичар кој се залагаше за соживот меѓу српското малцинство и албанското мнозинство во Косово.

Тој, исто така, беше многу гласен критичар на белградските власти.Тој исто така беше многу гласен критичар на белградските власти.

Пред да биде убиен, нему, во обновена постапка, му се судеше по обвинение дека дал наредба за убиство на Албанци во Митровица, за време на војната во Косово во 1999 година. Тој се изјасни дека не е виновен.